Press "Enter" to skip to content

Во Охрид се апсат градежни работници, општината вели почната е борбата со урбаната мафија

Наместо сопственикот на дивоградбата, полицијата во Охрид ги приведе тројцата градежни работници кои во моментот мешале малтер за куќата. Во акцијата, како што соопшти СВР Охрид, уапсени се двајца работници од струшкото село Радолишта и еден градежник од Албанија. Тројцата се приведени вчера попладне по барање на Секторот за градежна инспекција во општината Охрид поради безправно градење.

„Вчерашниот настан покажува дека Локалната самоуправа цврсто е определена брзо и ефикасно да се справува со дивоградбите“, се пофалија од општина Охрид.

Оттаму објаснија дека објектот на улица „Марко Нестороски“ претходно бил означен и запечатен како дивоградба, но и натаму продолжил да се гради. Градежните инспектори од Охрид вчера на лице место ги затекнале градежните работници и повикале полиција за да ги приведат.

Но, кој е сопственикот и инвеститорот на куќата не знаат ни во МВР, ни во општина Охрид. Од двете институции велат дека ќе продолжат да го истражуваат случајот со цел да го најдат газдата, a потоа ќе одлучат против кого ќе биде поднесена кривична пријава.

Од општината Охрид велат дека контролите за нелегално градење ќе се интензивираат и апелираат до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да не почнуваат нелегално да градат, бидејќи нивните објекти во најкраток рок ќе бидат отстранети.

Во Охрид се идентификувани 1.076 дивоградби, а во заштитеното централно подрачје 409. Меѓу нив е и пицеријата на охридскиот советник Нефи Усеини. Ниту една од нив засега не е урната. По препораките на УНЕСКО локалната власт донесе одлука за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови, со што се воведе мораториум за градба.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, најави дека уривањето на дивоградби во Охрид ќе почне во септември.

Поврзани стории

(ВИДЕО) Локален шериф: Нефи Усеини

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »