Press "Enter" to skip to content

ОЈО го истражува случајот со Муса, тој се повлече од Министерството за здравство

Бранејќи ја својата чест како доктор кој им служел на граѓаните над 20 години, на прес-конференција на која доцнеше речиси половина час од закажаното време, заменик-министерот за здравство Асим Муса, поднесе оставка.

Одговорноста на Муса како службено лице ја доведе во прашање албанската телевизија „Топ Ченел“, која објави видео како наводно зема поткуп за да направи операција на пациент од Албанија во земјава.

Истражувањето на „Фикс Фаре“ кое траело три месеци ги открива договарањата што ги прави заменик-министерот во болничките простории.

Но за Муса, снимката и нејзината содржина се „непостоечки спектакл“ и „стапица“ намерно направени за да му се наштети на угледот.

„На снимката зборуваме за интервенцијата за странски пациент кои не е осигуран и кој се оперира приватно кај нас. Јас го кажувам можниот износ на интервенцијата за овие пацинети, но тие ми приредија стапица“, се правдаше Муса на прес-конференција.

Но многу прашања околу интегритетот кој службеникот Муса го правдаше околу 15.минути, останаа неодговорени. Откако соопшти што имаше да соопшти, се повлече од новинарските прашања дрско одговарајќи дека „се е јасно во видеото“.

Основното јавно обвинителство во Струга отворило предмет, а во рамките на истрагата ќе се бараат оригиналните снимки на кои се гледа како министерот зема 50 евра.

-Преку меѓународна правна помош од Република Албанија ќе биде побарано да се обезбеди оригиналот на објавената снимка, како и да се утврди кој го снимил и кој го објавил видеото. Дополнително, во Основното јавно обвинителство Струга ќе биде повикан да даде исказ и заменик министерот за здравство. Во текот на предистражната постапка, доколку се покаже дека е потребно, ќе бидат преземени и други дејствија со цел да се утврди евентуална кривична одговорност, соопштија од Јавното обвинителство.

Муса беше заменик-министер година и половина. Претходно три години беше директор на општата болница во Струга и на болницата за нефрологија.

Авторите на емисијата „Фикс Фаре“ на „Топ Ченел“, во својата објава објаснија дека почнале да го истражуваат Муса, откако до нив стигнале многу поплаки од пациенти кои тврделе дека докторот бара мито.

Во разговорот со новинарите на албанската телевизија, меѓу другото, Муса вели дека операцијата ќе ја изврши во болница и ќе чини 1.000 евра, а парите треба да му се даваат нему.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »