Press "Enter" to skip to content

Оградена иднина

Децата во Североиостокот се најсиромашните во земјава или секојдневно секое второ од нив во училиште доаѓа гладно. Меѓународните детски организации за заштита на правата на децата порачуваат инвестиции во образование за излез од маѓепсаниот круг на детската сиромаштија. Во Крива Паланка инвестиции има. ИРЛ истражуваше какви. Откриваме дека тие не се правени за потребите на многумина, туку за потребите на малкумина.

Во Крива Паланка се се врти околу економијата. Или, подобро речено околу ветувањата за економија. Во раните деведесетти го знаеја како градот на шверцерите на цигари. Денеска има репутација на иселенички гради или градот со најбрза стапка на миграција. Првачињата се се помалку.

„Годинава се едвај 120 сосе цела околина на Паланка. А кога ќе ми текне дека пред само 10 години се раѓаа и по 300 деца годишно”, вели Атанас Ангелов, вработен во одржувањето на основното училиште “Јоаким Крчоски”.

Последните статистики говорат дека во 2008 година во ова училиште се запишале 427 првачиња. По десет години овој број паднал на 142. И уште паѓа. Васил. Д., еден од нашите домаќини со прваче кој ќе ни укаже да го погледнеме инвестицискиот пат во училиштатам ќе рече “Североистокот живее вистински егзодус на работноспособно и младо население”.

Миграциски и економски жртви

Последните три деца се родени во Паланка во акушерско-гинеколошкото одделение во болницата во Крива Паланка. Речиси онолку колку што во минатото се раѓале во само едно деноноќие. Освен ако не станува збор за итен случај, родилките од Паланка се пораѓаат во болниците во Скопје и Куманово. Локалните жители велат дека не е невообичаено тие да се породат и на пат кон болница, на стмрните свиоци удолу планинските села.

„Нема луѓе, нема потреба. Сите се во Германија, Италија, таму најмногу емигрираат младите Паланчани”, вели Весела Ивановска (45) од Крива Паланка.

Овој град и неговите околни села се најголемите жртви на миграциите во минатите три децении. Оние храбри млади кои решаваат да формираат тука семејства, мораат да се борат со тешки предизвици за да обезбедат основни услови за живот и развој на своите деца.

Во Севериосточниот регион живеат и најсиромашните деца во Крива Паланка.

Истражувањата на УНИЦЕФ покажуваат дека секое второ дете во Североистокот е сиромашно и не му се задоволени основните потреби за живот како пристап до сите оброци на ден, обувки, облека и основни услови за греење и ладење во домот.

“Нема потажно место во Македонија. Особено во зима. Гледам најмногу смрзнати деца со тенки или искинати облеки, патики. Тешко е да си наставник во вака детска сиромаштија. Некогаш имаме и гладни деца кои мора да следат настава. Ретко кој зборува за овие проблеми”, вели наставничка во основното градско училиште која што поради страв од губење на работното место во оваа сторија зборува анонимно.

Студијата на УНИЦЕФ посочува и дека инвестиции во образовниот систем и во младите се најдобриот начин за излез од детскиот круг на сиромаштијата. Мал преглед на страницата на Бирото за јавни набавки во последната деценија ќе ви покаже дека инвестиции во паланечките училишта има. Прашањето кое ние си го поставивме е – кому му служат?

Раскошна ограда околу трошната колиба

Високо во падините на Осоговските планини, по кривулести улички врз кои натежнува сенката од богатата листопадна шума, е распослано селото Луке. Освен насоките кои ги добивме од жителите на Паланка, местото не оддава впечаток дека било кој тука живее. Во скромните бавчи нема луѓе кои работат. На полињата нема деца кои трчкаат и си играат. Го нема звукот на детски џагор, на развревени соседи, ниту пак на домашни животни. Само шумот на дрвјата и клокотењето на поточето кое минува низ долината. На прв поглед е тешко да се каже дали некој живее во куќите кои се распрснати насекаде низ селото.

Единствениот минувач кој ќе го сретнеме, не упатува кон локалното подрачно училиште „Јоаким Крчовски“. Скромна селска куќа обиколена со шума која оди до недоглед. Широк и простран двор, стар кош без мрежа и рѓосано и распаднато детско игралиште, во кое единствената „преживеана“ лулашка осамено се ниша на ветрот.

Домарот на училиштето, вработен уште во 1998, срдечно не пречекува и не носи на обиколка низ училиштето.

„Толку долго сум тука што ја знам секоја штица. Секоја година има се помалку и помалку деца”, раскажува домарот.

Денес има само 11 деца. Тие учат во иста смена и имаат две наставнички кои доаѓаат од Крива Паланка. Сите деца од 1во до 9то одделение се распоредени во две училни, колку што собира во камената куќарка.

Уште при самиот влез во училиштето нагло се чувствува пад во температурата, кој може да се препише на дебелите камени ѕидови. Домарот безгрижно објаснува дека минусните температури не им пречат, иако пространиот ходник не се грее воопшто, а големите ќумбиња се доволни за да ги загреат двете простории за учење.

Во просториите, три-четири клупи распоредени врз подот од дрвени штици, една табла за пишување и големи метални ќумбиња на дрва. Од подот избива неверојатен студ. Неколку минути се доволни да заврши нашата обиколка на училиштето. Но, една просторија недостасува. Зачудено го прашуваме домарот каде се сместени тоалетите.

„Тоалетите се надворешни“, рамнодушно ни одговара нашиот водич.

Излегуваме од камената куќа, а таму во пространиот двор, тоалетите не се ни на повидок. Следејќи го домарот поминуваме покрај разрушеното скромно игралиште, покрај насадените овошни дрвја и речиси на крајот од училишниот двор, ги здогледуваме полските тоалети. Со секој чекор глетката станува се пострашна, а миризбата понепријатна.

Четири полски тоалети покриени со сламени штици и дрвени врати, немо сведочат за селската сиромаштија и тешкиот крпен живот во Североистокот.

На само неколку чекори од полските тоалети, голема луксузна ограда направена од камен и ковано железо. Можеби најголемата и најубавата ограда која било кој од нас присутните ја има дотогаш видено во јавно училиште.

Конструкција толку необична за ова подрачје, што ќе ве натера и вас читателите да се запрашате како едно скромно и сиромашно селско училиште може да си дозволи ваква ограда?

Профитерски зделки од училишните клупи

Набавката за оваа луксузна ограда која чини 35.000 евра  е една од најконтроверзните општински набавки за училиштето „Јоаким Крчовски“. Се направила без оглас, со поедноставена постапка. Тоа значи дека не можеле да конкурираат сите, туку само оние кои ги кани општината.

Меѓу среќните е и компанијата „Белешков Инженеринг“. Тие подоцна ќе ја изградат најгламурозната и најголемата училишна ограда којашто било кога сме ја виделе. Чини 2,1 милиони денари или 35, 000 евра. Целата е од камен и ковано железо. Задача и е да ја обезбедува трошната куќарка со полски клозети или селското училиште. Ја направиле за да ги заштитат децата од влез на диви животни. Оградата има само три страни, таков бил повикот во огласот. На четвртата страна стои старата ограда која што според надлежните преставувала опасност по безбедноста.

Тендерски миленик

На хартија Јоаким Крчовски е едно училиште. Но, во реалноста има 10 училишни згради распостранети низ целото подрачје. Центарот на моќ на сите овие 9 училиштата е на минута од општината, до плоштадот во Крива Паланка. Домаќин и човек кој ја организира работата и одлучува за квалитетот на образованието на сите деца од 1 до 9 одделение е директорот Дане Петровски.

Директорот е поставен од градоначалникот, а во нашиот случај тоа е Борјачно Мицевски. Ова му е прв мандат. Во октромври 2017 неговите ветувања ги победија оние на противникот. Едно од нив беше и ограда во училиштето Јоаким Крчовски во село Луке.

„Ќе изградиме ограда во училиштето во село Луке“, вака пишува во програмата на градоначалникот кој тогаш се бори со претходникот за да го води градот кој што 16 години немал градоначалник од друга партија освен од конзервативците водени од ВМРО – ДПМНЕ.

А корисникот е нашето друго лице од интерес – „Белешков Инженеринг“, семејна фирма на кривопаланчаните Велиновски. Внукот на сопственикот на компанијата, работи  во Општината на Крива Паланка, како советник за просторно и урбанистичко планирање. На многу од тендерите кои ги добива „Белешков Инженеринг“ токму внукот бил дел од тендерските комисии.

Идентична ограда

Како причина за инвестицијата во оваа јавна набавка, градоначалникот ќе ги наведе дивите животни кои влегувале во дворот на училиштето. Но, оградата има само три страни. И животните пак можат да влезат. Градоначалникот одби да одговори на прашањето зошто баш оваа инвестиција и зошто три страни, односно како тоа ќе помогне децата да се заштитат од наводниот влез на диви животни.

Директорот на училиштето Дане Петровски одби да го сподели планот за јавни набавки според кој оваа ограда се утврдила како приоритет. Тој не одговори на ниту едно наше прашање. Во меѓувреме, дојавите на Паланчани не одведоа пред неговиот дом. Таму не дочека идентична ограда како онаа во училиштето. Ја има од сите четири страни. Изградена е во исто време кога се правела и оградата во Луке.

“Цела Паланка ги гледаше градежните работници на Белешков како му ја ѕидаат оградата”, повеќе соседи и жители на Паланка ги споделија идентични сеќавања за градењето на директорската ограда.

На жителите на Крива Паланка, фирмата Белешков Инженеринг и нејзиниот сопственик Предраг Велиновски – Белешка им се добро познати. Од 2012 година до денес, оваа паланечка фирма има добиено дури 59 општински тендери.

Белешков Инженеринг изведува градежни работи за основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“  уште од 2015 година. Од 2015 до 2019 тие имаат добиено вкупно 8 тендери за различни подрачни училишта на ООУ „Јоаким Крчовски“, во вкупна вредност од  14,1 милиони денари.

Најголемиот тендер кој го добиле за општинското основно училиште е во вредност од 79 илјади евра и тоа за санација на шест тоалети во училишната зграда во Крива Паланка. Овој тендер предизвика многу контроверзи.

“Градот со најскапи училишни тоалети”, ова се дел од насловите во медиумите. Контроверзниот тендер во јавноста ги отвори прашањата на приоритетите и потребите на децата, но и прашања за злоупотреби и нереално скапи услуги.

Белешков е миленикот на сите влади и на сите администрации. Тој постојано ги реновира паланечките училишта и постојано и постојано има потреба за нови реновирања. Огради, скапи училишни тоалети кои чинат 80 000 евра, скапи игралишта, општински згради кои се распаѓаат уште по 3 годината.

Претходниот градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ којшто се сретна со репортерите на ИРЛ, одби да зборува за Белешков кусо велејќи дека “немало кој друг да работи”.

Белешков многу сака да реновира, а сите власти тоа му го овозможуваат. Тој е најголемиот корисник на тендери во времето на ВРМО-ДПМНЕ. Бил и нивни донатор. Сега работи со новата власт. Всушност, тој и ретко работи нешто друго освен јавни тендери.

Идентична ограда

Во 2018 година или токму кога се распишува тендерот за оградата за Луке, директорот Дане Петровски и Предраг Велиновски од Белешков Инжинеринг добиваат кривична пријава откако инспекциски надзор ќе утвдри дека тендерот за изградба на една друга училишна ограда во селото Жилино кое што е дел од подрачните училишта “Јоаким Крчоски”. И тогаш се градела ограда врз руинирано училиште. Но, без градежна дозвола. Парите од набавките се исплатиле, но обвинителот ја примил кривичната пријава поради бројни пропусти во постапката.

„Мора да кажам дека оваа постапка со преговарање без објавување оглас во изминатите години знаела да се користи и многу повеќе. Но, сепак мора да се нотира дека во 2018 година за три милиони евра се склучени повеќе договори преку оваа постапка и властите и на централно и на локално мора да обрнат внимание и да видат дали можеби на овој начин не се местат одредени договори“, вели Сабина Факиќ од Центарот за Граѓански Комуникации кои редовно мониторираат тендери за јавни набавки на локално и централно ниво.

 Според експертите, спорен е и планот за јавни набавки. Тој треба да ги одреди главните приоритети на, во нашиот случај, образовниот систем.

 Профит на сметка на промашените приоритети

 Локалните јавни набавки ретко допираат од националните медиуми. Со нив се бават неколку граѓански организации кои следат јавни набавки.

Парите што државните институции, односно луѓето вработени во нив, ги трошат за јавните набавки се всушност народни пари, дадени од страна на граѓаните и фирмите преку даноците. Од тука логично е да се очекува тие да се трошат одговорно и домаќински, и со нив да се обезбедат што е можно поквалитетни производи, услуги и работи за што е можно пониски цени, односно да настојува да се обезбедат најдобрите услуги за потрошените пари, вели Миша Поповиќ од ИДСЦ Македонија со кого ги споделивме импресиите од оваа сторија по нашето враќање од Североистокот.

 Според анализите на невладниот сектор, нетранспарентна постапка со преговарање без објавување оглас била честа пракса.  Во 2018 во локалните институции се склучени вкупно 596 договори без објавување оглас, во вредност од 33 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од 2017.

 „Постојат разни начини на местење на тендери. Генерално се смета дека местењето на тендерите може да почне уште со самотоо креирање на плановите за јавни набавки.кога ќе се договори да се реализира некоја набавка која не е неопходна и не е рационално оправдана, па се до местење за да останат вишок на пари преку реализација на самите договори. “

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.