Press "Enter" to skip to content

Слабееме со вијагра и штетен сибутрамин, државата одбива да нè заштити

Ако сакате да добиете бесплатен и „ефикасен“ чај за слабеење потребно е да направите две едноставни работи: да го заследите профилот на позната инфлуенсерка на социјалната мрежа „Инстаграм“ која потоа од вас ќе побара да го заследите и профилот на брендот чаеви „Трекс“. Но, „магичните“ чаеви што топат масти тоа го прават со помош на дрога и вијагра. ИРЛ открива дека и покрај заплените на Царината, Обвинителството прави клучни и наивни грешки поради што илјадници граѓани, од кои голем дел малолетни девојчиња, остануваат незаштитени и изложени на отровни супстанци забранети во ЕУ и САД.

Известуваат: Лила Караташева, Пелагија Младеновска; Илустрација: Лука Блажев

Летото е најпрофитабилно за индустријата за убавина и здравје. Во овој период од годината, се засилуваат рекламите на социјалните мрежи на сите салони за убавина и фитнес центри кои нудат промотивни пакети за разубавување, а особено за брзо слабеење.

Таргет на овие реклами се жени и често малолетни девојчиња кои сакаат да постигнат совршен изглед до деновите испланирани за на плажа. Но, истата публика на социјалните мрежи ја демнат и трговци кои продаваат опасни и штетни производи за слабеење како навидум природно решение со кое посакуваниот изглед се постигнува за кратко време и без труд. Детокс-чаевите и ампулите се „магичната напивка“ за губење на вишокот килограми.

Продажбата на чаевите и суплементите за слабеење од брендот „Слим лајн“ кои се увезуваат од Кина, а пакуваат и брендираат во Македонија и „Трекс“ чаевите кои нелегално се шверцуваат од Турција, не запира.

Во дел од нивните производи е откриено присуство на забранетата супстанција сибутрамин – скриена состојка во препаратите за слабеење.

ИРЛ во последните две години известуваше за штетите од суплементите и чаевите на овие два бренда. За последиците врз здравјето од суплементите на брендот „Слим лајн“ се известуваше и на Балканот. Кај турските чаеви „Трекс“ се откри присуство на сибутрамин, но и присуство на Sildenafil Citrate USP (вијагра, медикамент кој примарно се користи за постигнување ерекција кај мажите) откако неколку пратки се запленија во Данска и Швајцарија. Потоа чаевите ги забранија во сите земји од ЕУ.

Но, поради неусогласеноста во ингеренциите на државните институции кај нас како Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Министерството за внатрешни работи (МВР) и Царинската управа, овие производи сè уште им се на дофат на граѓаните во Македонија.

Преку инфлуенсерка во филџан

Трговците на производите од брендовите „Слим лајн“ и „Трекс“ не ја пропуштија ниту оваа сезона за промоција на нивните продукти. Уште во февруари годинава профилот „trexteamk“, кој на социјалната мрежа Инстаграм се претставува како официјален претставник за чајот „Трекс“ во Македонија, објави акција во која подарува чај. Заштитно лице на оваа кампања е Ана Петровска, инфлуенсерка од Скопје. Таа на социјалните мрежи рекламира различни брендови, но редовно споделува и рецепти за здрава исхрана. Петровска има 39 илјади следбеници на Инстаграм од кои поголемот дел се жени кои ги следат содржините кои ги објавува.

Услов без пари да се добие „Трекс“ чај беше да се заследи профилот на trexteamk, да се заследи инфлуенсерката Ана Петровска и акцијата секој од Инстаграм корисниците да ја сподели на својот профил, иако овој чај има сибутрамин. 

Инфлуенсерката Ана Петровска подарува „Трекс“ чај во кој е утврдено присуство на сибутрамин и вијагра во земјите од ЕУ.

Ја прашавме Ана Петровска дали само ги рекламира чаевите или и ги консумира. Таа не одговори на нашите прашања, ниту, пак, одговори дали знае дека на своите следбеници на Инстаграм им препорачува продукт кој содржи опасна хемикалија.

Кон средината на март и „Слим лајн“ сподели специјална пролетна понуда во која нудат комбинација на капсули за слабеење и чај за детоксикација. Пакетот од капсули за 12 дена и 10 вреќички чај беше на промотивна цена од 1.290 денари, а компанијата ветува веднаш видливи резултати и лесно ослободување од масни наслаги.

Од Турција се увезуваат непроверени напитоци и суплементи

Освен производите од брендовите „Слим лајн“ и „Трекс“, на социјалните мрежи се достапни и други производи за слабеење кај кои е откриен сибутрамин. Од минатата година стана популарен и детокс – чајот од брендот „Диокс“ кој се продава на социјалните мрежи, но и во регистрирани продавници за здрава храна и суплементи. Минатата година на граничниот премин Деве Баир беа запленети 160 кутии од овој чај кај физичко лице кое патувало во автобус од Истанбул кон Скопје, но против него има само прекршочна пријава. Три месеци претходно, на граничен премин во Швајцарија запленета беше пратка од истиот чај која потоа беше тестирана во Швајцарската агенција за лекови. Беше утврдено дека во чајот има сибутрамин и силденафил (вијагра), по што беше строго забранет за употреба.

Во Македонија се продаваат и детокс кафиња и чаеви од брендот „Слим сикрет“ кај кои е пронајден сибутрамин. Производите беа забранети за употреба минатата година откако во сојузната покраина на југозападна Германија во Баден Винтербег имало два смртни случаи како последица од консумација на напитоците.

Пронајдовме еден профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ кој ги продава овие напитоци во Македонија и се јавивме на телефонскиот број во улога на купувачи. Ни кажаа дека продавницата им е во Дебар, но оти можат по карго да ни испратат „Слим сикрет“ во Скопје. Ни рекоа дека не се сигурни дали производот е регистриран во Агенцијата за храна и ветеринарство, но продавачот беше уверен дека е целосно природен.

„Од Турција се увезува. Веќе 10 години е на пазарот, нема несакани ефекти. Сè е природно, чајот е спој на четири состојки од природата“, ни рекоа од „Слим сикрет“, кога сакавме да дознаеме дали како продавачи ги предупредуваат купувачите дека во производот има сибутрамин.

Четири различни производи кои се достапни на пазарот во Македонија, а за кои е утврдено дека содржат сибутрамин кој не е наведен на амбалажата.

Овој напиток се рекламира како производ од кој со гаранција се губат од три до осум килограми месечно без диета, но се наведуваат и неговите други бенефити при користењето како чистење на уринарните патишта, стабилизација на крвен притисок, намалување на стресот, отстранување на гасови од цревата и намалување на ризик од хемороиди што го прави чајот уште попримамлив за употреба.

Турчин увезол половина тон сибутрамин и 1,2 тони вијагра од Индија во Македонија

Турскиот државјанин Џенгиз Чајли кој е непознат за македонската јавност, на 7 февруари годинава ја регистрира фирмата „ДЏ Интернационал Традинг“. Дваесетина дена по основањето, на 28 февруари, фирмата има обид за увоз на 1,7 тони медикаменти, од кои 1,2 тони силденафил (вијагра), а 500 килограми сибутрамин.

Авионот со кој се транспортирале прелетал низ половина свет пред да се приземји во Македонија.

Првото полетување на кофите со сибутрамин и вијагра е од Индија, од градот Њу Делхи. По едно застанување во Виена, авионот полетува на последната дестинација на Меѓународниот аеродром во Скопје, од каде царинските службеници на 28 февруари го заплениле спорниот увоз.

Дури три месеци подоцна, на 22 мај годинава, Царинската управа ги информира граѓаните за заплената. Од таму утврдуваат дека увезените препарати не биле регистрирани во Агенцијата за лекови и медицински средства – Малмед, ниту пак фирмата поседува дозвола за промет на големо со хемиски производи и медикаменти. Во Македонија сибутраминот не може ни да се регистрира, затоа што државата подлежи на европската регулатива во која употребата на сибутрамин е строго забранета. Веста од соопштението на македонската Царина го споделија медиумите во повеќе држави од Балканот.

„Пристигнатата стока е од испраќач од Индија за увозник од Скопје. Против фирмата – примач е поднесена кривична пријава“, велат од Царинската управа.

Сибутраминот и силденафилот во Македонија требало да се сместат во дуќан во центарот на Скопје.

Седиштето на фирмата „ДЏ Интернационал Традинг“ е на улицата „Ѓуро Ѓоновиќ“ во скопско Маџар маало. Репортерите на ИРЛ беа на адресата на која има куќа и два дуќана. Разговаравме со сопственикот на имотот Денис Тотре кој ни кажа дека еден од дуќаните е издаден под кирија на фирмата, но оти нема контакт од кираџиите.

„Тие се од Турција и не доаѓаат често. Го земаа дуќанот, малку го потсредија бидејќи требаше да им стигне некоја роба да ја чуваат и да направат канцеларија“, откри Тотре во разговор со репортерите од ИРЛ.

 

Фотографија од кофите полни со прашкаст сибутрамин и вијагра кои ги заплени Царината и фотографија од седиштето на фирмата „ДЏ Интернационал Традинг“ каде што требало да се чуваат медикаментите.

Запленетиот сибутрамин се испитувал со неакредитиран метод по налог на Обвинителството

Обвинителството количината од половина тон запленет сибутрамин од Индија ја тестирало во лабораторијата за дроги во МВР која нема акредитиран метод за оваа супстанција.

„Лабораторијата за дроги при МВР е акредитирана согласно барањата на меѓународниот стандард ИСО 17025, меѓутоа предметната метода не е дел од опсегот на акредитација“, потврдија од Службата за односи со јавност на МВР за ИРЛ.

Прашавме во Обвинителството зошто запленетата стока ја однеле на вештачење во лабораторијата на МВР која нема акредитиран метод за испитување на сибутрамин и дали Обвинителство го земало предвид фактот дека неакредитиран метод може да ја загрози валидноста на доказите при евентуална понатамошна постапка?

„Јавното обвинителство не може да ја коментира стратегијата на јавниот обвинител за натамошната постапка, особено со оглед на тоа што сите претпоставки во насоката која ги наведувате се преуранети“, пишува во одговорот кој ИРЛ го доби од Обвинителството.

Дообјаснија и дека лабораторијата на МВР е овластена за вршење на хемиски испитувања, но одбија да ни одговорат дали запленетите кофи со сибутрамин се тестирале без акредитиран метод.

„Законските обврски не предвидуваат методот на вештачење задолжително да помине низ процесот на формална акредитација“, ни одговорија од Обвинителството повикувајќи се на членот 236 од Законот за кривична постапка.

Од несоодветно деклариран сибутрамин до крај на спортска кариера

Сибутраминот освен што е опасен по човековото здравје, употребата на оваа супстанција носи и животни проблеми. Професионалната кариера на ракометарот Горан Кузмановски заврши токму поради употребата на производ од брендот „Слим лајн“.

Сибутрамниот кој му беше откриен при случаен допинг тест, предвреме му ја заврши кариерата. Пилулите за слабеење ги купил во аптеката Еурофарм во септември 2019 година, а на производот не пишувало дека содржи сибутрамин, кој е забранет и опасен и недозволен во организмот на професионален спортист. Горан го пријавил случајот до Агенцијата за храна и ветеринарство. Потоа АХВ го тужеше „Слим лајн“ за измама на потрошувачи бидејќи сибутраминот не бил наведен како супстанција во амбалажата на кутијата со пилули.

Но, наместо евентуална осуда за трговците кои со измама продавале производ кој го содржи штетниот сибутрамин, Кривичниот суд во Скопје ги ослободува од вина „Слим лајн“, бидејќи пилулите биле тестирани во Институтот за јавно здравје. Во тој период оваа институција немала акредитиран метод за испитување на оваа супстанција.

„Во конкретниот случај, анализата на земениот примерок е направена во референтна лабораторија, но по нереферентна метода, што значи дека е извршена спротивно на Законот“, пишуваше во пресудата на судијката Славица Андреевска со која продавачите на „Слим лајн“ се спасија од кривичен прогон и продолжија да ги продаваат суплементите на социјалните мрежи.

Ново судење на случајот со ракометарот

Апелациониот суд на почетокот на јули годинава информираше дека ја уважил жалбата на Обвинителството, во која се наведува дека е сторена суштинска повреда на одредбите од кривичната постапка и оти била погрешно утврдена фактичката состојба на доказите во случајот со ракометарот Горан Кузмановски.

„Погрешен е заклучокот на првостепениот суд дека јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите го сториле кривичното дело“, пишува во пресудата од Апелациониот суд по доставената жалба по првостепената пресуда во декември 2022 година.

Во пресудата од Апелација се анализираат и оспоруваат речиси сите наводи на судијката Славица Андреевска од првостепената пресуда. Судијката сметаше дека е спорно кои суплементи ракометарот Горан Кузмановски ги однел на тестирање, а за неа еднакво спорно беше и кои примероци се тестирани од Агенцијата за храна и ветеринарство. Апелациониот суд ваквиот нејзин заклучок го оценил како нелогичен бидејќи од доказите и извештаите неспорно можело да се заклучи дека се тестирани суплементи од брендот „Слим лајн“ од производителот „Kunming Lingao Biotehnology China“.

Советот на апелациони судии смета дека судијката Андреевска ослободителната пресуда ја темелела на фактот дека конкретниот суплемент бил тестиран со неакредитиран метод во Институтот за јавно здравје, но го занемарила фактот дека Институтот е национална и единствена институција во државата за ваков тип на испитувања. Добиените резултати од Институтот биле потврдени и од тестирањето со акредитиран метод во лабораторијата ЦХ ИХТМ во Белград.

За Апелациониот суд е нелогично и што во првостепената пресуда судијката Славица Андреевска проценила дека не се докажало за кој точно производ од „Слим лајн“ станува збор, не се докажало дека во периодот кога на ракометарот Кузмановски му бил направен допинг тест тој го користел само суплементот од брендот „Слим лајн“ и оти токму употребата на тој производ го довела до околноста да падне на допинг-тест. Советот на апелациони судии кои одлучувале за предметот ја доведува под сомневање правилноста на заклучокот од пресудата на Кривичниот суд дека сите овие работи се недокажани. Советот ги зел предвид доказите според кои може да се заклучи за кој точно суплемент се работи, кога и од каде е купен, кога и од каде е тестиран во корелација со изјавата на ракометарот Кузмановски во која на јасен и дециден начин се елаборирани хронолошки сите датуми.

Во заклучокот на пресудата од Апелациониот суд пишува дека првостепениот суд не бил во можност правилно да ги утврди сите факти и околности и правилно да ја утврди фактичката состојба во врска со настанот. Поради тоа, предметот ќе се врати на повторно судење.

Првото рочиште од повтореното судење е закажано на 16 август годинава. Но, случајот е сега распределен кај судијката Снежана Марковска, бидејќи судијката Славица Андреевска отиде во пензија.

Иако случајот со ракометарот Кузмановски покажува дека пропустот со проверка на сибутрамин преку неакредитиран метод, значело слобода за измамниците, обвинителството продолжува да ги прави истите грешки.

Расте бројот на барања за испитување на сибутрамин во ампули и детокс чаеви

Последната заплена на 500 килограми сибутрамин покажува дека во Македонија слободно се одвива продажбата на суплементи кои претставуваат ризик за здравјето на граѓаните. Ова се докажува и со зачестените барања за испитување на сибутрамин во детокс-чаеви и суплементи за слабеење кои пристигнуваат до Институтот за јавно здравје.

„Во 2023 во нашата лабораторија се донесени четири примероци на додатоци за исхрана и чаеви од кои во три е детектирано присуство на сибутрамин“, откриваат од Институтот.

Доктор Игор Спироски кој е раководител на Одделението за исхрана и здравствено хигиенски прегледи во ИЈЗ, советува дека граѓаните мора да се посоветуваат со доктор пред да се одлучат да купат каков било суплемент кој ветува дека ќе им ја регулира тежината.

„Тука сме и ние како Институт за јавно здравје доколку некој има дилема или потреба од совет на оваа тема. Само на овој начин потрошувачите ќе се заштитат од непотребен ризик“, вели Спироски.

За продажбата на турските чаеви „Трекс“ кои нелегално се продаваат во Македонија најчесто преку социјалните мрежи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Царинската управа, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат се прогласија за ненадлежни.

 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.