Истражувањето „Несигурни дијагнози” од репортерскиот и креативен тим на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби првата награда за најдобри новинарски трудови за известување поврзано со пандемијата на коронавирусот која што ја доделува Советот на етика во медиумите (СЕММ).
Второнаградена е сторијата на телевизија ТВ21 од новинарот Јовица Пауновски, а третата награда ја делат Катерина Топалова од Македонската радио телевизија со сторијата „Дијабетот – втор најголем ризик за коронавирусот“ и редакцијата на 360 степени со репортажата „Во село Баланци и во Дебар непосредно пред прогласувањето на кризна состојба“ на новинарот Хекуран Акифи .
Наградите поддржани од ЕУ и УНЕСКО преку видео обраќање денеска напладне ги соопшти извршната директорка на СЕММ Марина Тунева. Жири комисијата во состав Венера Азизи, Герман Филков и Емилија Петреска Камењарова додели и три пофалници за истакната работа во известувањето за пандемијата на новинарот Петре Димитров од Е магазин за сторијата со наслов „Македонски маски, визири, тунели за дезинфекција, скафандери: Коронавирусот отвори и нови бизнис можности“, на новинарот Зоран Јованоски за сториите „Истражување: зошто ги нема, а и ако ги најдете се поскапи – маските, средствата за дезинфекција, ракавиците“ и „Во струшко Лабуништа раздвижено и по 5 починати и 20-ина заразени од коронавирусот“ емитувани во емисијата 360 степени, на ТВ Алсат М.
„Сторијата опфаќа мошне релевантна и содржајна тема од поширок јавен интерес, којашто открива меѓународна мрежа на злоупотреби во име на профитот во време на пандемија. Оваа сторија се одликува со силен новинарски тимски ангажман, релевантни информации и добра визуелизација”, рече претседателката на жирото Венера Азизи за првонаградената сторија на ИРЛ.
На оваа сторија тимот на ИРЛ работеше месец и половина. Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Давид Илиески, Елена Митревска, Владимир Владимиров, Лука Блажев, , Деница Чадиковска, Сесилија Анески, Гавин Бровинг, Аубри Белфорд се тимот на репортери, дата експерти и креативци кои работеа на ова меѓународно истражување. Сторијата во соработка со партнерите на ИРЛ во Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција беше објавена на повеќе од 10 јазици. Истата предизвика лавина институционални реакции и истраги во Холандија, Индонезија, Шри Ланка, Србија, Италија, САД, Велика Британија и доведе до менаџерски смени во светски фармацевстки комапнии од Кина. Во Македонија надлежните здравствени институции досега на направија ништо.
На годинешниот конкурс се пријавија 62 стории од вкупно 35 автори, од кои 28 беа објавени на интернет портали, 10 во печатени медиуми, 13 на телевизија, 8 на радио и 3 на други медиумски платформи.
Што откри приказната
Брзиот имонулошки тест којшто во Македонија се нудеше во болницата “Систина”, не е од холандски производител како што се тврдеше, а се откри дека и лажно се декларира како попрецизен одошто е. Тестот за кој се тврдеше дека е 92,9 проценти прецизен, според експертите е обично “ѓубре”. Тимот репортери откри далеку поголеми проблеми на глобално ниво со овој тест. Тестот е кинески и не е прецизен, препакуван е во Холандија и нуден како европски. Oткриваме најмалку три брендови кои продавале тестови направени од кинески производител со европски и американски етикети. Тестовите се продадени на властите, здравствените институции и клиниките во земји, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Индонезија и Русија. Да се купат и да се овозможат тестови како ова е легално. Меѓутоа, залажување на граѓаните за нивното вистинско потеклно и за перформансите на тестот, сепак не е. Во продолжение прочитајте го истражувањето.