Press "Enter" to skip to content

На сметката на Меѓународниот сојуз ги нема парите за кои Силјан Мицевски тврди дека ги префлил

На сметката на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, нема ни трага од парите за кои бизнисменот Силјан Мицевски денеска тврдеше дека ги префрлил на сметката на невладината, а не на пензионерката Лилјана Тодоровска.

Истражувачка репортерска лабораторија пред речиси еден месец ги побара годишните сметки на оваа организација и од нив може да се види дека за две години колку што постои Меѓународниот сојуз имало вкупно 5.500 евра.

Ова е втор пат Мицевски да се предомисли во однос на тоа каде ги префрлил парите. Пред еден месец телевизија Телма објави изјава од бизнисменот дека парите ги префрлил на име на Тодоровска затоа што знаел дека е нејзина идеја.

Мицевски денеска во Обвинителството за организиран криминал и корупција, наводно на своја иницијатива, два часа даваше исказ за случајот „Рекет“. Тој за новинарите изјави дека не само што 720.000 евра за авторско право на проектот за пензионерскиот дом легнале на сметката на невладината на Бојан Јовановски, туку и дека тие ќе си ги побараат парите назад.

„На пензионерката не сме дале ништо, сме дале на Меѓународниот сојуз. Секако дека ќе ги бараме парите назад“, одговори Мицевски на новинарските прашања пред да влезе во Обвинителството.

Пари од компанијата на Мицевски не легнале на сметката на Меѓународен сојуз ниту како донација. ИРЛ од Министерството за правда ја побара целосната листа на донатори на невладината на Јовановски, но меѓу нив не е и битолската компанија на Мицевски. Пари на организацијата донирале Тинекс и МЗТ Аеродром во вкупен износ од 73.800 евра.

„До Министерството за правда се доставени три барања за потврдување на јавен интерес за невладината Меѓународен сојуз Скопје. Две барања се од ДТГМУ Тинекс МТ ДООЕЛ, од кои едното барање е за износ од 500.000 денари и второто барање е за износ од 200.000 денари. Третото барање е од КК МЗТ Скопје Аеродром, за износ од 500.000 денари“, стои во одговорот од Министерството за правда.

На завршните годишни сметки на Сојузот, парите добиени од донации не се прикажани.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »