Press "Enter" to skip to content

МПЦ влегува и во бизнисот со струја

МПЦ – ОА низ годините се најде во центарот на повеќе бизнис-политички скандали, а последниот кој беше обелоденет е за изградбата на станбено-деловниот објект кој беше планиран да се гради во центарот на Скопје спроти хотелот „Холидеј ин“

По градежниот бизнис, Македонската православна црква се вклучува и во бизнисот со струја. МПЦ заедно со уште четворица партнери на 25 ноември основале компанија за производство на електрична енергија.

Освен МПЦ, основачи на компанијата „Друштво за производство на елекрична енергија Хец Драгов дол коо Кичево“ се и Сретен Миладиновски, Александра Аврамовска, Слободан Јовески и фирмата „Мелничко пекарска индустрија Жито Караорман АД Кичево“.

Митрополитот Тимотеј  на Дебарско – кичевската епархија за ИРЛ вели дека одлучиле да вложат во изградба на мала хидроцентрала.

„Планирано е хидроцентралата да се гради на реката Треска, но идејата се уште е во зародиш. Кај нас често се случува некои работи да се започнат, но не секогаш се завршуваат. Се надевам дека оваа идеја ќе се реализира“, вели Митрополитот Тимотеј.

Тој не знаеше дали се веќе поднесени барањата за лиценца за производство на електрична енергија.

„За тоа има посебни луѓе и јас навистина не знам до каде е таа работа“, одговори Митрополитот.

Тој вели дека со партнерите досега не соработувале, но лично се познавале. Компанијата е регистрирана на домашната адреса на Аврамовска во Кичево. Управител е Сретен Миладиновски. Според основачкиот договор, Миладиновски ако треба да изврши плаќања кои се поголеми од 1000 евра, ќе мора да добие и потпис од МПЦ.

Управителот Миладиновски, кој  е сопственик и на „Жито Караорман АД“ не е нов во бизнисот со струја. На име на „Жито Караорман“, регистрирани се уште две компании за производство на електрична енергија „Хец 408“, а „Жито Караорман“ со општината Македонски брод има склучено и договор за јавно приватно партнерство за изградба на мала хидроцентрала на реката Треска.

УЈП две години ја истражува МПЦ-ОА

Управата за јавни приходи лани во јануари најави дека истражува дали МПЦ – ОА работи законски, но досега нема никаков резултат од оваа истрага.

Во одговорот кој УЈП го испрати до ИРЛ пишуваше дека службите на Управата вршеле проверки, утврдување и оценување на состојби што се од важност по основа на даноците. Тогаш од УЈП не сакаа да откријат повеќе информации за истрагата затоа што тоа би значело прекршување на Законот за даночна постапка во делот на даночна тајна.

МПЦ – ОА низ годините се најде во центарот на повеќе бизнис-политички скандали, а последниот кој беше обелоденет е за изградбата на станбено-деловниот објект кој беше планиран да се гради во центарот на Скопје спроти хотелот „Холидеј ин“.

Фирмата „Обновители“, која е основана од Македонската православна црква и од сопственикот на Фешн груп, Зоран Антиќ, од Министерството за транспорт и врски купија 9 илјади метри квадратни државно земјиште на кое планира да изградат три висококатници со што станаа сопственици на градежен плац од вкупно 14 илјади метри квадратни.

Поврзани стории:

Тајната вечера: Како МПЦ со партиска поддршка собра 2 милиона евра за црквата на улица „Македонија“

УЈП ја истражува МПЦ-ОА

Црквата „Св. Константин и Елена“ на чекор да стане стечајна маса, Минчо Јорданов побара банкрот поради долг од 1,1 милион евра

Сакате да ви тргне со државно-спонзорирани зделки? Прво донирајте во МПЦ

Последната битка за парцела на плоштадот