Press "Enter" to skip to content

УЈП ја истражува МПЦ-ОА

Управата за јавни приходи истражува дали МПЦ-ОА работи законски. Ова официјално ни го потврдија од УЈП, но повикувајќи се на даночна тајна не откриваат повеќе детали.

„Ве известуваме дека УЈП веќе води постапка со цел да се утврдат состојбите во рамките на МПЦ-ОА – Скопје. Имено, службите на УЈП вршат проверка, утврдување и оценување на состојби што се од важност по однос на даноците. Секоја дополнителна информација во овој момент би значела прекршување на Законот за даночна постапка во делот на даночна тајна“, пишува во одговорот од УЈП до Истражувачката репортерска лабораторија.

МПЦ-ОА низ годините се најде во центарот на повеќе бизнис – политички скандали, а последниот беше обелоденет пред еден месец. Црквата преку својата фирма „Обновители“ влезе во милионски бизнис со компанијата „Фешн груп“ и е ко-сопственик на станбено – деловниот центар кој се планира да се гради во центарот на Скопје спроти хотелот Холидеј ин.

ИРЛ неодамна објави две стории за сомнителните донации кои МПЦ ги добива за изградба на две цркви во Скопје.

Првата е руската црква во населбата Аеродром што ја гради бизнисменот Сергеј Самсоненко.

Втората е за донациите за црквата на улица Македонија „Свети Цар Константин и Елена“, за којашто МПЦ-ОА собра над два милиони евра од бизнисмени и приватни донатори.

Пред неколку дена Синодот на МПЦ-ОА излезе со соопштение во кое наведе дека со поседувањето на имот не се нарушени Божјите заповеди.

„Македонската православна црква е институција со најдолговековна традиција на постоење на овие простори. Тоа придонело Црквата да поседува свој имот со чие управување не се нарушени ниту црковните каноните, ниту, пак, Божјите заповеди, а е во согласност со државните закони. МПЦ има потреба од грижа и негување на земни блага за добробит на својата структура, па од таа причина таа е повикана, имотот кој го поседува, домаќински да го стопанисува, а преку тоа да може да ја извршува својата мисија и исконска примарна задача за доброто на својот верен македонски народ“.

МПЦ-ОА поседува неколку приватни фирми и илјадници хектари земјиште.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »