Press "Enter" to skip to content

Како Роберт Поповски ги советува министрите: Подобро да бегаме, отколку да не распнат новинарите

Подобро да ни се лутат затоа што не сме излегле да зборуваме, отколку да не распнат, вака министерот за отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, им зборуваше на лицата од кабинетот на министерката за одбрана Радмила Шекеринска додека новинарите и снимателите наместени ги чекаа за прашања на темата, но и актуелностите како двојната функција на премиерот и тазе министер за финансии Зоран Заев и назначувањето на Садула Дураку во новото министерство за политички системи. Бујар Османи прв избега, уште пред да го чуе советот на Поповски. 

Поповски, заедно со Шекеринска и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи утрово во Клубот на пратеници, на новинарите им ја презентираше Стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија. По говорите на министрите, снимателите ги подготвија камерите надвор од просторијата во која што се одржуваше презентацијата и ги чекаа тројцата министри надвор за прашања.

Непосредно пред да излезат, му пристапивме на лице од кабинетот на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи бидејќи имавме специфично прашање токму за него. Тој не упати кон холот на Клубот каде камерманите и новинарите веќе беа наместени. Излеговме надвор и го видовме Османи како веќе заминува со службениот автомобил. Со оглед на фактот што не излезе од главната врата, претпоставивме дека скришум се повлекол од задната и незабележлива врата којашто води директно до паркингот со автомобили.

Отидовме до излезот од задната врата за да видиме дали ќе излезат другите двајца министри. Тогаш го слушнавме министерот без ресор задолжен за отчетност и транспаретност, Роберт Поповски, како ги советува пиар службите на Шекеринска да им избегаат на новинарите.

„Подобро да ни се лутат затоа што не сме излегле да зборуваме, отколку да не распнат“, и рече Поповски на Лидија Јанчовска, портпаролката на министерката за одбрана незабележувајќи дека позади нив стои новинар. Тогаш ИРЛ реагираше и му рече: „Вие сте министер за транспарентност и не може така да кажете“, на што тој рече дека изјавите веќе се дадени (мислејќи на презентацијата на којашто немаше дозволено прашања за новинарите).

Тој влезе во дискусија со новинарот на ИРЛ и ни објаснуваше дека и прашањата немале да бидат само на темата на која зборувале министрите. Во опозиционерските денови, Роберет Поповски често ја критикуваше администрацијата на Никола Груевски поради праксата на тематски прашања на прес-конференции.

Министерката Радмила Шекеринска не се сложи со овој совет на Поповски. Инсистираше да излезе пред новинарите. Таа стоеше од внатрешната страна, додека Поповски веќе беше излезен и спремен да замине, но Шекеринска му обрати кусо и го врати назад пред новинарите каде што таа одговараше на сите прашања – и оние на темата и оние надвор од темата.

Неодговореното прашање за Бујар Османи

Функционерите на ДУИ често бегаат од прашања. Бујар Османи ретко разговара со новинарите кои се критични кон неговата работа или неговата партија. Тој врши една од највисоките позиции во Кабинетот на владата – заменик премиер за евроинтеграции. Транспареноста е една од темелните вредности на кои што почива концептот на Европската унија, затоа сметавме дека личноста на којашто и се доверени реформите и европската агенда е најсоодветна да одговори. Ова се трите прашања кои што сакавме да му ги поставиме на вицепремиерот Османи, а кои се однесуваат на тазе владината реконструкција правена во преговори помеѓу коалиционите партнери од власта. Во последните неколку недели Бујар Османи и Садула Дураки се актуелни во јавноста по новите „бомби“, односно прислушувани разговори кои на интерент ги објавуваше лице со псевдонимот „Ел Чака“. Во една од нив, наводно Османи и Дураки помагаат да се прикрие убиство.

Со Османи кој им избега на новинарите и Поповски кој само стоеше отстрана, Шекеринска остана да одговара на сите прашања. Ја прашавме дали коалициониот партнер ДУИ вршел притисоци за Садула Дураки по секоја цена да остане во владата.

„Ние не зборуваме со уцени и не дозволуваме некој со уцени да зборува со нас. Имаше незадоволство во ресорот екологија кој им е важен на граѓаните и ние тоа го послушавме“, рече таа. 

Шекеринска: Не е чудно премиер да е и министер, такви примери има во Нов Зеланд и Грција

На новинарско прашање таа рече дека не е ниту првп, ниту последен пат премиер да извршува и министерска функција. Вели дека вакви примери имало во Грција, но и во Нов Зеланд.

„Тоа е пораката која ја испрати премиерот, дека во ситуација кога ги покажавме резултатите на интергациски план и стануваме членка на НАТО, а ќе ги почнеме и преговорите со Европската Унија, главниот фокус мора да биде ставен на економијата. Пораката која ја добивме од граѓаните е дека сега ни требаат повеќе резултати во делот на економскиот раст и оваа порака од премиерот е порака до граѓаните дека главниот фокус на премиерот ќе биде токму економијата“, изјави Шекеринска.

Редактура: С.Ц

Последни истражувања: Привилегирани ѕверки

Кога сте веќе на нашата веб страница, прочитајте го последното истражување на Истражувачката репортерска лабораторија:

(ВИДЕО) Градот Скопје без оглас ќе дели договори на летните клубови кои и онака си работат без нив

(ВИДЕО) Градот Скопје без оглас ќе дели договори на летните клубови кои и онака си работат без нив

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »