Press "Enter" to skip to content

Како лобито на ВМРО ја втурна САД во крстоносна војна против Сорос

Ова е заедничко истражување на НОВАТВ и Мрежата за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), со поддршка на Buzfeed. 

Пишуваат: Сашка Цветковска и Аубри Белфорд

Се до минатата година споменувањето на Македонја низ просториите на моќта во Вашингтон веројатно ќе предизвикаше индиферентност. Но, работите се променија во последните месеци откако американската десница одеднаш стана живо заинтересирана за битките кои се водат во малата балканска земја. На една страна е македонската, сега поранешна владејачка партија портретирана од новостекнатите американски медиумски пријатели како силен бранител на слободниот пазар и традиционалниот морал. На другата страна, како што тие тврдат, се криминалните левичари поддржани од милијардерот Џорџ Сорос.

Конзервативните медиуми од САД , како што се „Брајтбарт“ и „Фокс Њус“, но и десничарската фондација „Херитиџ“ посветија значително многу покривање на таканареченото мешање на Сорос во Македонија. И уште дузина републикански конгресмени пишуваа критички писма каде што се доведуваше под прашање работата на американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли кого го обвинуваа дека е соработник на невладините и Сорос.

Но, зад насловите се крие една друга приказна: Интензивни лобистички напори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, нациoналистичката партија којашто до скоро ја владееше земјата. Стотици нејзини членови се испрашувани во рамки на истраги, а десетици се соочуваат со обвиненија за нелегално прислушување на повеќе од 20.000 граѓани, како и широко распстространета корупција што ја направи партијата една од најбогатите во Европа.

Поднесоците и доверливите транскации до кои дојдоа НОВАТВ и Меѓународната мрежа за известување за криминал и корупција (OCCRP) покажуваат дека партијата платила повеќе од еден милион, наводно нелегално стекнати пари со оглед на процесите во Скопје, на американски лобисти и компании за односи со јавностa од 2015 година до сега. Партнерите ги прикажуваат само парите кои се одлеале од сметката на партијата, не и оние кои се уште не се платени, а за кои што имало испорачани услуги.

Од минатата година повисоки функционери на партијата лично лобираа кај конзервативните американски политичари и медиуми со цел да ги дискредитираат домашните противници и да го туркаат анти-сорос наративот.

Македонската влада ја најми про-републиканската лоби фирма „Меркјури Паблик Афаирс“ за работа која може да се однесува на партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ . Тие се чини дека сакале да ја затскријат нивната работа за партијата платена со пари од македонската влада преку користење на таканаречена фронт организација, што претставува можно кршење на Законот за регистрација на странски агенти во САД (ФАРА).

Жалбите на ВМРО-ДПМНЕ упатени кон американската десница почнуваат со еден ран обид да се влијае врз оние кои одлучуваат под администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама. Договорите и доверливите трансaкции од партиските сметки до кои дојде тимот на НОВАТВ покажуваат дека од 2015 до почетоците на 2017 година исплатиле повеќе од еден милион долари на четири американски лоби фирми и фирми за односи со јавност од кои три се воглавно поврзани со Демократската партија.

Сето ова ја стави Македонија на агендата во Вашингтон. А од недомна ги поттикна американските конзервативци да се приклучат во анти-Сорос нападите фаворизирани од Русија и европските авторитарни националисти. Пријателското внимание од американските конзервативни медиуми беше помпезно пренесувано од македонските медиуми лојални на ВМРО-ДПМНЕ, но и од државните руски медиуми.

Балканско буре барут

Паралелно со кампањата на ВМРО-ДПМНЕ против опозицијата, медиуми, УСАИД и амбасадорот на САД Џес Бејли, течеше и една од најсилните политички кризи во земјава.  Конзервативната партија која на власт дојде во 2006 година на чело со поранешниот премиер Никола Груевски укина даноци и туркаше кон членство во НАТО и Европската Унија. Но, исто така ги замолчи критичките медиуми, го заплаши цивилниот сектор и целеше на проекти за кои постојат сомневања за криминал, како што е барокната преправка на главниот град Скопје, кој чинеше преку 760 милиони долари, како што пресмета БИРН.

Македонската политичка четворка при преговорите за Пржински договор

 

Земјата влезе во криза во февруари 2015 година кога лидерот на тогашната опозиција, Зоран Заев објави аудио снимки според кои наводно, Груевски издал наредба за прислушување на преку 20.000 Македонци.

По протестите на улиците, Европската Унија овозможи договор според кој Груевски поднесе оставка, а беа закажани нови избори во 2016 година. Во меѓувреме беше назначен нов независен јавен обвинител. Специјалното јавно обвинителство веднаш почна да ги истражува индициите за криминал од Груевски и други клучни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ.

Изборите одржани во декември, резултираа со неодлучен Парламент. Земјата беше без Влада пет месеци додека Заев конечно формираше коалициона Влада со две албански партии на 31 мај. Во меѓувреме беше тензично, со секојдневни протести и упад во Парламентот на 27 април од страна на националистички демонстранти кои го тепаа Заев и останатите пратеници.

И покрај новата Влада, Македонија и понатаму е кревка бидејќи претставници на ВМРО „имаат многу што да загубат“, рече Флориан Бибер, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Грац.

„Со тоа што ја загубија власта тие ризикуваат да завршат во затвор. Секој обид за истраги за криминал ќе биде потценет како недостаток од патриотизам и надворешна мешање“, рече тој.

За време на кризата, ВМРО-ДПМНЕ и своите поддржувачи се концентрираа на анти-Сорос кампања, гледајќи на моќниот американски филантроп како „газда“ на своите политички опоненти од левицата. Во декември Груевски повика на “десороизација“ на земјата, а демонстранти маршираа против американскиот амбасадор Бејли, обвинувајќи го дека работел со невладини поврзани со Сорос. За кратко време, поддржувачи на ВМРО отворија “глобална иницијатива“ наречена „Стоп операција Сорос“ која има и своја англиска верзија на сајтот.

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на протестите кои беа дел од иницијативата „За Заедничка Македонија“

Ова и дојде добро на руската врска во Македонија. И руски и српски служби работат во земјата, шират пропаганда и промовираат национализам за да ја оттргнат земјата од НАТО, објави OCCRP заедно со своите партнери на 4 јуни во истражувањето оддржано со документи.

Од почетокот на кризата во Македонија во 2015 година, руската Влада јавно го поддржа Груевски, ги нападна неговите противници и порача дека Западот се меша во домашните работи во земјата. Рускиот државен сервис предупреди и дека има „Петта колона“ поддржана од Сорос која е активна во Македонија.

Кампањата е дел од пошироко анти-Сорос движење промовирано од авторитарните влади во Европа и десничарите популисти во САД. Владите на Полска и Унгарија исто така ги нападнаа институциите и организациите кои се финансирани од Сорос. Во соседската земја на Македонија, во Србија, националистичките медиуми го нападнаа Сорос тврдејќи дека имал план за дестабилизација на државата.

Антизападен и анти-сорос протест во Македонија, пролет 2017

Во март, на конференција во главниот град на Унгарија, популисти и активисти го адаптираа името од Македонија – „Стоп операција Сорос“.

Љупчо Златев, новинар кој ја претставуваше Македонија на таа конференција, за OCCRP вели дека Сорос бил одбран како цел бидејќи тој ги симболизира либералните вредности кои се глобална закана за традиционалниот национализам. Тој рече дека самиот не е дел „Стоп операција Сорос“, туку дека ги спојуваат одредени вредности за коишто се залагаат, како анти-глобализацијата.

„Џорџ Сорос не е единствениот,  но тој е симболот. Не може да протестирате против Британскиот Совет или Швајцарската агенција за развој, како да ви кажам“, вели Златев.

Лобирање кон десно

Во време на најинтезивниот конфликт со домашните политички непријатели, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ тргнуваат во САД за лично да се среќаваат со политичари и новинари.

Клучен во овие напори, според интервјуата, е Владимир Ѓорчев, млад, амбициозен и конзервативен политичар со силни врски со конзервативците надвор од земјава и особено во САД. Во периодот помеѓу 2016 и 2017 година тој неколку пати патува во САД.

„Така дознав за приказната за Македонија. Влад од македонскиот парламент лобираше за ова“, вели во телефонски разговор за НОВАТВ Ли Странахан, новинар којшто пишуваше на тема Сорос и Македонија за „Брајтбарт“ во февруари годинава.

„Тој зборуваше наоколу со луѓето кои не знаат многу за оваа тема. Ни  јас не знаев многу“, додава Странахан.

„Кога пишувате за конзервативен веб сајт, секогаш кога ќе го споменете Џорџ Сорос во насловот тоа е добар ден“, вели тој додавајќи дека е уверен дека неговото известување независно ги потврдило тезите на Ѓорчев.

Влатко Ѓорчев одби да разговара на темата и да одговара на прашања поврзани со ова истражување.

Истовремено, „Меркјури Паблик Афаирс“ потпиша нетранспарентен и потенцијално нелегален договор за лобирање кој ја вклучува Македонија. Документите поднесени во Американското министерство за правда од почетокот на февруари покажуваат дека „Меркјури“ била ангажирана од извесна „Либертас Фондација“, корпоративно друштво со  месечен договор со лобистите од 15,000 долари за „владини, надоврешни и јавни работи за Романија, Бугарија, Македонија, Србија и Грција“.

Се чини дека „Либертас“ е наменски отворена организација којашто нема никакви други активности. Основана е во августили само еден ден пред „Меркјури“ да ги поднесе финалните документи од Конгресот во САД каде што ја декларираат својата лоби активност. Адресата на којашто е регистрирана „Либертас“ во САД е во Бруклин, Њујорк, на истото место каде што има сметководствено биро.

Според поднесоците во ФАРА и документите за регистрација во Њујорк, единствено јавно објавено име од одговорните лица е 38-годишниот Узбекистанец, Бегзод Исакдјанов, којшто исто така живее во Бруклин. Тој не одговори на прашањата испратени до него.

Но, постои и друг доказ којшто ја врзува „Меркјури“ директно со Македонија. Владата на Македонија доделила договор во висина од околу 150,000 долари на фирма од Лондон “Меркјури“ чии што основачи се директорите на „Меркјури“ од САД. Договор бил склучен во ноември минатата година, но стана јавен дури во мај годинава или еден ден пред техничкиот премиер Емил Димитриев да замине од функција. Договорот се однесува на активности од сферата односи со јавност.

Не е јасно дали овој договор е поврзан со договорот на „Меркјури“ со „Либертас“ или, пак, е за некаква друга работа. Ова откритие го покрена прашањето дали можеби ВМРО-ДПМНЕ за своите услуги плаќало со народни пари.

Член на највисокиот орган на партијата, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, разговараше со претставници на НОВАТВ и OCCRP под услов неговото име да остане анонимно вели дека „Меркјури“ работела за ВМРО-ДПМНЕ, а дека помеѓу другите, Влатко Ѓорчев бил контакт за овие активности.

„Не знам кој ја отворил фондацијата „Либертас““, но знам дека „Меркјури работи за ВМРО-ДПМНЕ“, вели тој. „И не само за нив, имаше и некаква координација со други групи од интерес во регионот и пошироко од други држави“, вели тој, но не елаборираше како тоа изгледало, велејќи дека тој не бил толку инволвран во овие нешта.

Кога ги прашавме „Меркјури“ дали и каква работа работеле за ВМРО-ДПМНЕ, партнерот во фирмата Вин Вебер рече: „Работевме нешто за нив, но не знам што точно бидејќи јас не бев вклучен во таа работа, така што морам да ве упатам кај друг партнер во фирмата за детали“.

Ајал Френк, заменик-претседател во „Меркјури“ рече само кратко дека „Либертас е невладина организација и тие работеле во согласност со регулациите од ФАРА“.

Прашани за странските клиенти зад „Либертас“, Френк го прекина разговорот.

„Сега морам да ви спуштам, ок?“

Тие потоа не одговорија на прашањата испратени по маил.

Крег Холман, експерт по лобирање во вашингтонскиот тинк-тенк „Паблик Ситизен“ вели дека договорот помеѓу „Либертас“ и „Меркјури“ е можно кривично дело.

„ Навистина е сомнителна активност. ФАРА е кристално јасна за именувањето на странските клиенти и не е дозволено тие да се кријат за непрофитни друштва. Тоа е обврска, во овој случај на “Меркјури“ целосно да ги откријат имињата на странските ентитети кои ги најмил. Овде тоа не се случило“

Ова не е прв пат „Меркјури“ и Вебер да потфрлат во работата согласно правилата на ФАРА. Проблемот со неоткривањето на странските корисници на лоби услугите сега доби нов тек откакопоранешниот шеф на кампањата на Доналд Трамп, Пол Манафорт, како и поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, потфрлија да пријават дека работеле за странски интереси. Дел од работата на Манафорт за про-руската партија водена од поранешниот украински претседател Виктор Јанукович беше отпосле и под притисок од јавноста пријавена од страна на “Меркјури“ во формите на ФАРА.

Во април годинава, по тој принцип, „Меркјури“ и уште една моќна лоби фирма „Подеста Груп“, направија задоцнети пријави на нивните активности врзани со лоби работа направена во 2012 година за тогашниот претседател на Украина Јанукович, но претставуван преку НВО – „Европски центар за модерна Украина“. Исто како и во случајот со „Либертас“ тие не пријавиле дека работат за политичка партија, а на овој случај работел токму Манафорт.

Ако споредиме со украинскиот пример, тоа покажува дека работата на „Меркјури“ со „Либертас“ е во најмала рака неуредна, а во најлоша „тие учествувале во прикривање на странски клиент“, вели Холман додавајќи дека Министерството за правда во САД ретко ги гони прекршителите на законите.

До денеска не е јасно што точно моќната лоби групација работела за анонимната фондација „Либертас“.

Адам Ерели, поранешен амбасадор на САД во Бахреин којшто беше и заменик претседател во „Меркјури“ од 2013 до 2016 година, напиша најмалку два  текста за Македонија. Првиот, за Handelsblatt Global, се појави на 20 јули, кратко пред „Меркјури“ да ја започне својата работа  за „Либертас“ во август. Ерели е дури и регистриран како лобист во првиот поднесок на „Меркјури“ во Конгресот. Друг негов текст кој беше остар и критичен за работата на Специјалното јавно обвинителство се објави во американскиот медиум „The Hill“ во ноември, кратко откако Ерели ја напушти „Меркјури“. Ниту еден од овие текстови не споменува дали се дел од лоби напорите на „Меркјури“.

Во телефонски разговор, Ерели вели дека ниту еден од тие текстови не бил платен.

„Ги напишав затоа што ме интересира Македонија“, рече тој.

Патот до Конгресот

Најголемото влијание кое се постигна со лоби  напорите на ВМРО-ДПМНЕ беше она во Конгресот на САД кога дузина конгресмени и сенатори се потпишаа на писма кои беа критични кон работата на амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли и неговите наводни врски со организации поддржани од Сорос.

Средба помеѓу Груевски и Крис Смит

Лобирањето започна за време на американската претседателска изборна кампања. На 5 октомври минатата година, во пресрет и на македонските предвремени парламентарни избори, Ѓорчев организира средба помеѓу Груевски и Крис Смит, републикански конгресмен од Њу Џерси, велат извори за НОВАТВ и OCCRP. На едно видео  постирано онлајн може да се видат и Ѓорчев и Груевски на среба со Смит.

Зборувајќи за МТВ Смит предупреди: „Некои од левицата се склони да ги нарушуваат изборите…да фалсификуваат и да изнаоѓаат обвиненија кои немаат врска со реалноста“.

Конгресменот стана лидер во организирањето на писмото потпишано од шест конгресмени и испратено во американската канцеларија за владина одговорност од каде што побараа истрага за американската агенција УСАИД и нивната врска со Сорос групи во Македонија. Ренди Халтгрен, портпарол на Крис Смит, не одговори на нашите прашања.

Мајк Ли, републикански сенатор од државата Јута во САД, го надгледуваше испраќањето на две други писма до амбасадорот Бејли, едно во јануари годинава, а друго заедо со пет други сенатори во март годинава упатено до Секретарот на Стејт Департмент Рекс Тилерсон.

Индиициите беа тие, како што сугерира и договорот на „Меркјури“, дека Македонија не е единствената вмешана земја.

Кон Карол, портпарол за Ли, вели дека писмата биле напишани „откако на сенаторт му пришле групи од законодавци од повеќе странски држави“, вклучувајќи ја и Македонија, а дури „три континенти биле застапени“.

„Немаше лобисти кои ги договараа состаноците“, рече Карол.

Фондацијата „Херитиџ“, познат десничарски тинк тенк од САД, исто така е длабоко вмешана во приказната за Македонија и Сорос. Од почетокот на годинава нивниот медиум „The Daily Sygnal“ објави повеќе од 12 текстови на оваа тема. На настан организиран од фондацијата на 25 април гоинава, Ли ја критикуваше американската соработка со иницијативите  на Сорос во странство. „Judicial Watch“, правна група за застапување на конзервативците, објави дека ќе го тужи Стејт Департмент и УСАИД поради тоа што не им биле дадени документи за активности на Сорос во Македонија.

Мајк Гонзалес, виш научен соработник во „Херитиџ“ вели дека било смешно да се тврди дека работата на фондацијата е поврзана со некакви лоби напори.

Сепак, постои доказ за лични врски помеѓу „Херитиџ“ и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Филип Јолевски, син на доскорешниот министер за одбрана на Македонија и поранешен амбасадор во САД, Зоран Јолевски, работел за оваа фондација во 2013 и 2014 година. Зоран Јолевски имал средби во јули 2014 и со тогашниот претседател нан „Херитиџ“ Џим де Минт.

Лобирање на лево

Жалбите на ВМРО-ДПМНЕ упатени кон американската десница почнуваат со еден ран обид да се влијае врз оние кои одлучуваат под администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама. Договорите и доверливите транскации од партиските сметки до кои дојде тимот на НОВАТВ покажуваат дека од 2015 до почетоците на 2017 година исплатиле повеќе од еден милион долари на четири американски лоби фирми и фирми за односи со јавност од коишто три се воглавно поврзани со Демократската партија.

По потпишувањето на таканаречениот Пржински договор во 2015 година којшто го принуди Груевски да ја предаде премиерската фотелја, партијата лансираше лоби кампања во САД за нивните интереси. Податоците од ФАРА покажуваат дека тие тогаш најмиле три лоби  фирми: „Дашл Груп“, Њу Партнерс“ и „Глобал Секјурити Иноватив Стратеџис“.

Транскациите обезбедени од НОВАТВ и OCCRP покажуваат дека партијата платила најмалку 721,000 долари на „Њу Партнерс“ и „Глобал Секјурити Иноватив Стратеџис“ помеѓу октромви 2015 и април 2016. Поднесоците од ФАРА за „Дашл Груп“ покажуваат дека тие биле исплатени 4332,637 долари помеѓу јануари 2016 и јануари 2017 година.

Според ФАРА, „Дашл Груп“ организирале состаноци со конгресмени и повисоки функционери од Стејт Департментот. ГСИС организирале средби со Алан Берсин од Американското биро за бебзедност, како и Пит Сешнс, конгресмен.

„Њу партнерс“ кои што за ВМРО-ДПМНЕ работеле нешто повеќе од еден месец, кон крајот на 2015 пишувале соопштенија за јавност за американските медиуми.

Нејтан Дешл, претседател на „Дешл Груп“, одби да коментира, освен што рече дека компанијата прекинала да работи за ВМРО-ДПМНЕ во февруари годинава. И ГСИС одбија да коментираат.

Кара Морис Стерн која што претходно беше надлежна за договорот на ВМРО-ДПМНЕ со „Њу Партнерс“ рече дека нивната работа била во комплетна согласност со ФАРА и дека нивната фирма „не би им плаќала на луѓе да пишуваат работи“.

Трансакциите на ВМРО-ДПМНЕ откриваат и една досега необјавена релација на ВМРО-ДПМНЕ и политички фирми од САД: Тие во 2016 им платиле 290,700 долари на „АКПД Месиџ анд Медиа“, фирма за политички маркетинг од Чикаго основана од поранешниот шеф и стратегист на Обама, Дејвид Акселроуд.

Нејасно е што АКПД работеле за партијата. Нивната работа не е регистрирана во ФАРА. Џое Голдберг, заменик претседател во фирмата, одби да одговори на нашите прашања.

Транснационална војна со медуими

Лобирањата на ВМРО-ДПМНЕ не беа  наменети само да влијаат врз  Американците. Настаните и текстовите организирани и објавувани таму беа наменети и за домашната јавност. Медиумската мрежа контролирана од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и јавниот сервиси и големите телевизии како Сител , Канал 5, Алфа и други, редовно ги преземаше тие текстови и ги презентираше пред помпезно пред  македонската јавност како да се објавувани во најугледни и највлијателни медуми во САД. Оваа пропаганда беше собирана од руските државни медиуми кои го таргетираа регионот со своите локални изданија.

„Сите медиуми кои се да речеме наши знаат за овие платени теекстови уште пред да се објават. Си има наш човек што ги информира околу објавувањето и преземањето, се комуницираат уредниците или директорите, некогаш дури ги добиваат преведени и нивната работа е само да ги објават да ги буткаат тезите во медиуми преку дебати да речеме“, вели нашиот извор во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Во почетоците на лобирањата во декември 2015 година, тогашниот лобист на „Њу Партнерс“ објави сторија напишана од страна на медиумскиот консултант Мајкл Михан кој ја обвини македонската опозиција дека го напаѓа слободниот печат. Сторијата беше веднаш реобјавена од македонските медиуми блиски до тогашната власт и стана главна вест во десетина од нив.

Груевски и Ѓорчев се сретнаа со Михан, кој е претседтел на друга лоби фирма „Скуаред Комјуникејшн“. Михан не сакаше да одговори на нашите прашања.

Сличен ефект имаше и ноемврискиот текст на Адам Ерели, поранешен заменик претседател на „Меркјури“. Текстот во којшто тој на напаѓа Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева обвинувајќи ја дека работи за опозицијата беше преземан со брзина на светлината од водечките медиуми лојални на ВМРО-ДПМНЕ.

Монтажа од текстот од Ерели за Јанева и саматта Јанева којашто ја користеа македонските медиуми лојални на ВМРО-ДПМНЕ

Сличен ефект имаа и писмата на сенаторите и конгресмените – сите беа следени со голема помпа која беше претставувана како американска поддршка од влијателни медиуми за ВМРО-ДПМНЕ, но и креирање на впечатоци дека амбасадорот Џес Бејли е дел од таканаречената злокобна администрација на Обама и не постапува согласно идеите на новата администрација. Истата помпа на овие писма им ја посвети и руски „Спутник“.

Во еден од текстовите беше потпишан и Мајк Гонзалес од фондацијата „Херитиџ“. Насловот беше директен: „Не мора да бираме помеѓу Путин и Сорос“.

Дополнително известување од Алексеј Демјански во соработка со НОВАТВ и Вања Луковиќ, Бермет Талат и Џони Рајт од ОCCRP. 

Специјална благодарност до македонската твитер заедница чии што архиви на твитови поврзани со објавите од САД за Македонија, но и други објави со активности на македонски функционери, ни помогнаа да идентификуваме одредени релации и други сомнителни околности. 

<a class=”twitter-timeline” href=”https://twitter.com/kraft_mk”>Tweets by kraft_mk</a> <script async src=”//platform.twitter.com/widgets.js” charset=”utf-8″></script>

Оваа истражувачка сторија е изготвена во склоп на проектот „Истражувачко новинарство чувар на демократијата и човековите права“, финансиран од Европската Унија и Британската амбасада Скопје. Содржината на истражувачката сторија е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Британската амбасада Скопје.

Истражувачката сторија е изработена во рамки на договорот „ Блоговите и социјалните мрежи како алатка и платформа за истражувачкото новинарство во сферата на правосудството и човековите права”, поддржан преку проектот „Истражувачко новинарство — чувар на демократијата и човековите права“ и имплементиран од Центар за управување со промени и Институт за човекови права. Содржината на истражувачката сторија не ги одразува гледиштата и ставовите на организациите кои го имплементираат проектот.

АРХИВА 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.