Press "Enter" to skip to content

Како корупцијата и аматерите ја делегираа, а партиите ја спроведоа енергетската катастрофа

Додека Македонија очајнички бара јаглен и мазут за да ја скрпи зимата, оваа недела се набавила увозна струја по рекордни цени од по 325 евра по мегават час, податок којшто ЕСМ го сокри од јавноста. ИРЛ открива како и институциите и партиите знаеле што ја чека државата во пресрет на светската енергетската криза, но наместо да се грижат за потенцијалните социјални немири и загрозениот животен стандард, тие премолчеле и излажале затоа што локалните избори биле приоритет. Ако институциите биле незналици, одредени фирми биле пророци, па во летото кога почнува кризата се регистрираат нови компании кои веќе дебело печалат од македонската енергетска пропаст.

Пишува: Бојан Стојановски; Дата известување: Дајана Лазаревска; редактура: Сашка Цветковска; Илустрации: Лука Блажев

Од 1970 до 1990 во Македонија се направени 1,700 МВ енергетски капацитети. Во следните 30 години, администрациите воглавно водени од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ успеале да создадат само 160 МВ нови капацитети. Дел од нив е и еколошки и економски контроверзниот проект – малите хидроцентрали воглавно во рацете на политичари, бизнисмени, па дури и лица од организираниот криминал. За овие капацитети се даваат огромни субвенции, а во вкупното домашно производство учествуваат со само 3,9 проценти енергија. ИРЛ ги анализираше јавно достапните списи од изминатата деценија со цел да добиеме слика за тоа зошто државата доцнеше со планирање и изградба на нови проекти кои би требало да го зајакнат домашното производство на енергија и да ја свртат сончевата земја кон обновливи извори на енергија, но онакви со капацитет да го помогнат производството и позицијата на зависност од странски енергенси, а не локалните клептократи.

Клучни наоди

  • Институциите знаеле за кризата која што следува уште во април, надлежниот директор од МЕПСО побарал итни интервенции и кризен план уште во јули, но никој не го слушал. Кризата се сокрила за јавноста да не биде вознемирувана пред престојните избори.
  • Освен Владата, сите парламентарни политички партии биле свесни дека не очекува енергетска криза, но тоа никој не го дискутирал во релевантните партиски енергетски, економски и социјални совети затоа што „имало избори“
  • Додека Македонија очајнички бара јаглен и мазут за да ја скрпи зимата, оваа недела се набавува увозна струја по рекордни цени од по 325 евра по мегават час.
  • ЕСМ престана да ги објавува дневните извештаи за купената електрична енергија која константно недостасуваше во системот изминатиот месец, иако тоа е нивна законска обврска.
  • Причина за ова се постојаните испади и дефекти во РЕК Битола, темелот на македонскиот енергетски систем кој учествува со околу 70 проценти од вкупното домашно производство на струја.
  • ИРЛ открива дека причините се многу подлабоки и вклучуваат корупција и промашени инвестиции кои чинеле стотици милиони евра, а Македонија и покрај тоа останала без струја.
  • Ако се оствареле сите партиски ветувања дадени на изборите само во минатите две децении, Македонија ќе изградела модерни капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори да ја снабдува цела Југоистична Европа.

Институции незналици, трговци пророци

ЕСМ изминативе две недели спротивно на своите законски обврски, не ги објавува извештаите за тргуваната електрична енергија која ја купува на слободниот пазар. Новинарите упорно ги бараа податоците, но без успех. Додекa цените за струја се кријат, и тоа во време кога до струја ќе се доаѓа се потешко, ЕСМ на својата веб страна се фали со рекордно дадени субвенции за инвертори за домаќинствата – кои работат на струја. ИРЛ дојде до документот за набавка од 6 декември кој покажува дека од недела во недела цените вртоглаво растат, а со постојаните испади и дефекти во РЕК Битола, Македонија е речиси комплетно зависна од увоз.

Овој понеделник Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) набави струја доволна за само шест дена по цена од рекордни 325 евра мегават часови. Потрошени се 3,9 милиони евра за 11,903 мегават часови. Профитот оди кај поеднци, а од оваа голема набавка најмногу се „омрси“ компанијата ЕТМТ Енерџи која се формирала на стартот на кризата, односно во мај годинава.

ЕТМТ Енерџи е во сопственост на компанијата „Енер Трејд“од Албанија и му припаѓа на Артур Мицкај кој е директор на Форумот на младите на Социјалистичката партија и син на судија.

„Енер трејд“ е основана во септември 2018 година, а на 26 октомври добила лиценца за трговија со електрична енергија.

Во 2013 година, Еди Рама го назначил Мицкај за директор на Националната агенција за вработување. На оваа позиција останал до 2018 година.

Неговото име е споменувано во 2016 година кога тој водел 35 активисти на партијата во Турција и при гранична контрола во автобусот била пронајдена и запленета дрога. За медиумите во Албанија изјавил дека ниту тој, ниту пак другите патници во автобусот знаеле дека во автобусот има дрога.

Иако државата можела навреме да набави јаглен, се чекало со месеци. Се додека не дошол „нож под грло“, па минатиот месец кризата почна да станува видлива.

Само во првата половина на ноември ЕСМ испазари скапа струја во висина од околу 12 милиони евра. Во втората половина овие податоци станаа тајна за новинарите и не може со точност да се каже колку чинат набавките на струја на берзите.

Повеќе за фирмите кои најмногу заработија од кризата читајте во второто продолжение.

Како се криеше и лажеше за кризата 

Во септември годинава на новинарско прашање на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши жестоко ќе демантира дека на земјата и следи енергетска криза која ќе донесе скапа струја и рестрикции.

„Државата нема да се соочи со енергетска криза, неколку портали и новинари шират дезинформации“, ќе рече Бектеши два месеца пред Македонија да се соочи со реалноста – длабока енергетска криза.

ИРЛ разговараше со граѓаните за тоа како поскапувањето на струјата ќе се одрази на нивниот живот

Оваа изјава доаѓа еден месец откако цената на струјата на светските берзи расте двојно и стига до цена од 120 евра по мегават час.Додека медиумите во светот известуваат екстензивно за енергетската криза која ќе следи, а тоа го прават од разните состаноци на нивните лидери и надлежни институции, во Македонија сите политички чинители и институции се посветени на локалните избори.

Анализата на медиумските објави на агрегаторот за вести тиме.мк која што ја подготви ИРЛ покажува дека во периодот од 15 јули до 15 септември поимот енергетска криза се јавува само три пати, од кои два пати во изјави на министерот Бектеши дека криза нема и ќе нема. Од први до петти ноември истиот збор во медиумските објави се среќава 187 пати.

Кон средината на јуни група експерти за енергетика, меѓу кои и Ѓорѓи Манасков од Стопанската енергетска комора, ќе апелираат до надлежните дека е време да се прогласи криза. На 8 август ќе има и состанок во МЕПСО за повлекувањето на електрична енергија која што не може да се надомести.

„Сите знаеја, но тогаш надлежните ни рекоа народот да не се вознемирува, работите да не се комплицираат. Тоа беше во времето кога струјата порасна на 120 евра со очекувања дека ќе расте до 400 евра“, вели Манасков за ИРЛ.

Несериозни луѓе за сериозни времиња

Парламентарните партии признаваат дека изборите биле поважни од струјата. Речиси ниту една надлежна комисија во партиите не се состанала. За ИРЛ сите потврдија дека најважни биле локалните избори, додека ДУИ воопшто не одговори на нашите прашања.

Партиските совети за енергетика едвај и да се сретнале. ИРЛ ги праша и политичките партии кои што имаат свои посебни енергетски или економски совети. Овие тела или комисии служат за од нив да се црпат и идните функционери во посочените сектори доколку одредена партија стане дел од владата. Тие треба да прават анализи, да ги дискутираат општествените проблеми и да даваат свои предлози и идеи за излез од кризи од нивната проблематика.

Кога нашите новинари ги побараа претседателите на овие комисии, сите звучеа изгубено и изненадено.

Претседателката на СДСМ Размена Дуровиќ Чекиќ, која што е и вработена како државен секретар во министерството за економија, прво се збуни од прашањето на новинарот. Рече дека имале една средба во октомври, а заклучоците ги пратиле до владата, министерот и вицепремиерот за економија. Не кажа што се заклучоците, ама се пофали дека сите биле прифатени. Од оваа средба немаше партиско соопштение, ниту е јасно кога и што навистина зборувале.

„Малку сме месецов зафатени со изборите и имаме помалку активности по ова прашање”, рече таа за ИРЛ.

Претседателката на комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Марковска Велинова, на прашањето на новинарот рече дека имале куса средба на интернет платформата Зум и дека таа „не може да одговори на ова комплексно прашање без да се сретнеме“.

Од партијата Алијанса за Албанците кусо одговорија дека „нивни фокус се локалните избори“.

„Поопширно на оваа тема немаме разговарано“, признаа од Алијанса.

Орхан Муртезани, портпарол на партијата Алтернатива, за ИРЛ изјави дека тие подоцна ќе се бават со овој проблем.

„Тој период бевме фокусирани на локалните избори и преговорите за влез во владата. Во потесното раководство се има спомнато кризата, но немаме заклучоци“, рече тој. Муртезани е пиар експерт и можен кандидат за директор на МЕПСО. Негов предлог е струјата да не може да поскапи повеќе од 20 проценти.

ИРЛ разговараше со граѓаните за тоа како поскапувањето на струјата ќе се одрази на нивниот живот

Преку анализа на јавно достапните податоци и серија интервјуа со експерти и лица во институциите, ИРЛ открива дека клучните луѓе знаеле за енергетската криза која што следува, но никој не кажал ништо затоа што локалните избори биле поважни од проблемот. Знаела и опозицијата, но и нивниот фокус е во изборниот перформанс.

Поради ова, Македонија не набавила јаглен навреме за да работи темелот на енергетската инфраструктура во земјава – РЕК Битола. Со тоа ќе се избегнело купување на катастрофално скапа увозна струја. Сепак, вистинските причини за енергетски урнисаната Македонија се многу подлабоки и лежат во децениските неостварени ветувања на главните политички партии и отсутство на капацитет да се приоритизираат вистинските државни интереси.

Почетокот на кризата „закопан“ на владините состаноци

Во јуни годинава цената на струјата почна вртоглаво да расте. Ова е првиот знак дека ќе следува недостаток на електрична енергија и можно поскапување на струјата за граѓаните. Втор индикатор кој упатуваше дека навлегуваме во „енергетска криза“ беше однесувањето на компаниите добавувачи на струја на либерализираниот пазар со електрична енергија. Индустриските капацитети зависеа од фирмите добавувачи кои пак имаа договори со странски компании за испорака на струја до нашите фирми кои пазарат енергија на отворен пазар. Раскинувањето на договорите доведе до ситуација да не може да се испочитуваат договорите за испорака на електрична енергија до бизнисот. Лиценцираните компании најдоа солуција. Почнаа да црпат струја од резервите на МЕПСО – без сериозно оправдување пред Европската енергетска заедница.

Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО, ни тогаш ни сега не криеше дека ситуацијата е алармантна. Тој беше и меѓу првите кои јавно проговори дека оваа криза не смее да се закопа под тепих. Но, партиите ги победија институциите.

„Јас сметам дека тоа што ни недостасува во мрежата да го купиме на слободен пазар. Тоа треба јавно да се каже дека тоа чини и не можеме ние да се правиме најпаметни во Европа, кога цела Европа, Кина, и не знам уште кој нема енергетска криза ние како Македонија да кажуваме кај нас нема да има криза, кај нас нема да има поскапување. Човек треба да биде многу наивен за да верува во вакви работи“, вели за ИРЛ Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО кој што среде криза е пред разрешување поради партиско-политичките пазари за функции.

Но цената на струјата на ХУПЕКС – унгарска берза релевантна за формирање на цената кај нас, почнува да расте уште во април. Драматичен раст се случува во јули кога за мегават час, цената достигнува 95 евра и од тогаш прогресира, за во ноември цената да отиде над 200 евра за мегават час. Директорот на МЕПСО уверува дека ги информирал и владата и надлежните министерства за поскапувањето уште летово. Имале состаноци за кои потврда стигна и од министерот за економија, Крешник Бектеши.

Насилството врз Марко Бислимовски од страна на син на висок функционер ја отвори Пандорината кутија

Иако разговарале, увиделе и заклучиле дека сме на праг на „енергетска криза“, избраните функционери решиле ова да го премолчат. Но, еден физички напад во кафеана во Дебар Маало откри дека кризата со струја не само што е сериозна, туку не води до неодговорни партиски спонзорирани фирми кои што краделе струја од европската мрежа.

Подебелиот крај го извлече првиот човек на Регулаторната комисија. Марко Бислимовски  физички беше нападнат од синот на Муса Џефри, поранешен високо позициониран функционер во ДУИ. Причина за нападот, беше одлуката Регулаторна да започне постапка за одземање на лиценцата за препродавање струја на фирмата „У Повер“ која ја раководат синовите на Џафери. Поради откажани договори со добавувачи, за да ги задоволи потребите на клиентите „У Повер“ влечеше струја од европската енергетска мрежа – струја која може да се користи во екстремни ситуации како на пример хаварија во домашниот енергетски систем. Дисбалансот и повлекувањето беше забележано и пропратено со опомени. Ваквиот потег предизвика МЕПСО да генерира долг од 15 милиони евра и да апелира за помош од 30 милиони евра.

Партиско спонзорирана пропаст на РЕК Битола

РЕК Битола е темелот на македонското производство на струја. Седумдесет проценти од производството на струја во државата отпаѓа на РЕК Битола под услов да работат сите три блока. Доколку е така, освен домаќинствата, со струја би се снабдило и стопанството. Од 2014 наваму РЕК Битола работи со постојани испади и речиси ниту еднаш трите блока не работеле одеднаш. Хидропотенцијалот од вештачките акумулации како на пример браните Маврово и Козјак, учествуваат со 20 проценти во вкупното производство.

Производството на струја од сите термоелектрани паднало за 39% споредбено со 2009. Обработени податоци од дата тимот на ИРЛ. Извор: Годишни извештаи и други анализи на ЕСМ

Дополнително, РЕК Битола работи на јаглен – опасен загадувач и ресурс кој што веќе Македонија го нема, па мора да го увеземе за да произведеме енергија среде глобална криза.

Во периодот од 2009 до 2016 година наваму потрошени се најмалку 100 милиони евра во промашени инвестиции во РЕК Битола. Наместо да се произведува повеќе струја со помалку ресурси, РЕК едвај и да работи.

Клучните пијавици биле партиите. Во период од само 10 години, тие вработиле илјадници луѓе во капацитети кои наместо повеќе и подобро работеле полошо и произведувале помалку.

Термоелектраните крахирале, вработените се штанцале. Бројот на вработени низ деценијата пораснал за 48,4 проценти. Обработени податоци од дата тимот на ИРЛ. Извор: Годишни извештаи и други анализи на ЕСМ

Лагите растат, сметките стануваат подебели, граѓаните и бизнисот на раб на колапс

На почетокот на месецов еден од менаџерите на голем прехрамбен индустриски капацитет од скопскиот регион ќе добие нова понуда од ЕВН за набавка на електрична енергија. Новата понуда носи четири пати поголеми трошоци.

„Ако досега плаќавме помеѓу 10 и 13 илјади евра месечно за електрична енергија која што ја набавуваме на слободниот пазар, сега, со новата понуда, ќе плаќаме нешто повеќе од 45.000 евра по месец, и тоа ова ни е гаранција до крајот на декември. Новите цени се диктирани од новата реалност, а тоа е енергетската криза во целиот свет поради обврските за намалување на емисиите на јаглерод диоксид кои ги презедоа државите“, вели менаџерот на компанијата кој од репортерот на ИРЛ побара анонимност.

Разочарувањето доаѓа од друго место: Неподготвеноста на државата да го надомести од сопствено производство она што сите знаеја дека ќе следи, а тоа е недостаток на електрична енергија.

ИРЛ разговараше со граѓаните за тоа како поскапувањето на струјата ќе се одрази на нивниот живот

Пораките на сите загрижени експерти се исти или слични. Малите бизниси ќе имаат поголема штета, но и големите кои се послаби финансиски. Ќе следат големи поскапувања и социјални немири, a студената зима може да донесе огромни рестрикции.

Меѓу малкуте експерти кои вознемирено апелираат до одговорните политички сили дека енергетската криза треба да е прва на агендата за решавање а на граѓаните треба искрено да им се каже што се случува е поранешниот министер за финансии во првата влада во независна Македонија. Џевдат Хајредини од позицијата на искуство веќе ги гледа последиците од она што тој го нарекува хаварија, а не криза.

„Криза беше во јули, сега е неизбежна хаварија. Граѓаните се излажани, измамени и со право си велат што ќе биде сега. Ова не е примерно поведение за држава. Секој граѓанин со право вика што ќе биде. Ќе бидеме принудени да мораме да купиме катастрофално поскапа струја“, вели тој. 

Хајрдини, кој долги години беше директор во државното електростопанство вели дека ова однесување на сите политички чинители во минатите три децении е рамно на предавство.

„Не може за три децении во поранешниот систем да се произведат 1,700 мегават час капацитети, а во трите децении само 160. Јас би рекол и само две, бидејќи првите години беа претешки и невозможни за инвестиции во регионот опкружен со војни. Јас ви гарантирам одговорно дека ниту тогаш, ако дошло до вакво нешто, немало да се крие и ќе имало итни акции од сите парламентарни партии со цел да се најде заеднички излез. Тоа секако дека ќе го правеа разумни луѓе и експерти а не политички пазарџии“, вели тој за ИРЛ.

СДСМ иако имаше вицепремиер експерт за енергетика, господинот Кочо Анѓушев, сепак се фалеа со инвестиции во инвертори за кои потрошија 10 милиони евра во време кога домаќинствата кои се грејат на струја ќе плаќаат два, три па и четири пати поскапа струја. Тие ревносно ја туркаа и политиката на Груевски за субвенции во малите хидроцентрали кои се покажаа погубни за природата.

ИРЛ разговараше со граѓание за тоа како поскапувањето на струјата ќе се одрази на нивниот живот.

Крај на првото продолжение
Следете не’ на социјалните мрежи за информации за распоредот на датумот на објава на второто продолжение.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.