Press "Enter" to skip to content

Како борбата против корупција од Навални направи државен непријател на Русија

Подготви: Дајана Лазаревска

20 август 2020 година за време на летот од сибирскиот град Томск до Москва лидерот на руската опозиција Алексеј Навални почнува да се чувствува лошо. Во авионот се слушаат врисоци предизвикани од болка, по што интервенира болнички тим. Авионот слетува во градот Омск каде Навални е пренесен во тамошната болница.

„Неговата состојба е сериозна“, изјави лекар од болницата и додаде дека се наоѓа во кома и е приклучен на апарати за дишење.

Според портпаролката на Навални има сомнежи дека тој бил отруен со чај што билo единственото нешто што го внесол пред летот. Германија и Франција официјално се понудија за понатамошна хоспитализација, но Русија сеуште не дозволува негов пренос, бидејќи според руските доктори тој не е во состојба за трансфер.

Руските лекари денес велат дека нема докази дека Алексеј Навални бил отруен и како причина за неговата состојба наведоа дека ниското ниво на шеќер во крвта предизвикало метаболички шок.

Кој е Алексеј Навални?

 “Рускиот гласен критичар на Путин“ – вака ББС го опишува 44 годишниот политички опонент на политиката на Кремљ, лидер на руската партија Русија на иднината и креатор на Антикорупска фондација.

Дипломиран правник и стипендист на Јеил, Навални  во 2008 години со вложени 300 000 рубљи на берзите на хартии на вредност станува акционер на гигантските нафтени компании како Лукоил и Гаспром што му дава пристап до внатре-компаниски информации. Во 2010 година Навални станува малцински акционер и правник во „Транснефт“, државна фирма која стопанисува со гасот во Русија. Тој тогаш објавува документи дека се проневерени 4 милијарди долари од „Транснефт“ за време на изградбата на гасоводот од Русија до кинеската граница.

2011 својата борба против копуптивноста на руските власти ја продолжува со креирање на проектот Рос Јама ( во превод руска дупка ) каде поединци може да пријавуваат корупција во државните редови. На своите блогови Навални обелоденува во јавноста многу документи кои покажуваат корупција, како скандалозен договор за недвижнини меѓу руската и унгарската влада по што следело и апсење на унгарски службеници како и  документи за поврзаност  на вицепремиерот Игор Шувалов со олигарсите Роман Абрамович и Алишер Усманов за проневера тешка и десетици милиони долари.

Говор на Навални на протест против Путин во 2015 година

Политичка борба

Во септември 2013 година Навални се кандидира на изборите за градоначалник на Москва, поддржан од Партија на народната слобода ПАРНАС. Завршува на второто место со 27% од гласовите, губејќи од актуелниот градоначалник Сергеј Собјанин, назначен од Путин .

Навални за партијата на Путин ќе рече дека е место на „арамии и крадци“, обвинувајќи го системот на претседателот за „цицање крв од Русија“  ветувајќи дека  ќе ја уништи „феудалната држава“ што се гради.

Поради своите јавни остри ставови против политиките на Путин, Навални е апсен неколку пати од страна на руските власти. Тој добива две условни казни за наводна проневера во два одделни случаи. Во февруари 2014 година, Навални бил ставен во куќен притвор со забрана да комуницира со некој, освен со неговото семејство. И двата случаи, според пресудите на Европскиот суд  за човекови права во 2018 година  се сметаат за одмазда за неговата политичка активност и го нарушиле правото на Навални за фер судење.

Во декември 2016 година Навални ја објавува неговата кандидатура за претседател на изборите во Русија 2018, што според критичарите е невообичаено прекинување на познатата пракса во Русија на објавување на кандидатура само неколку месеци пред почеток на изборите. Фокусот на кампањата биле домашните прашања, борба против корупцијата и подобрувања во економијата.  Но тој период веќе се водат неколку судски процеси против Навални и Централната изборна комисија на Руската Федерација со 12 гласа против од вкупно 13 членови ја забранува неговата кандидатура на претседателските избори во 2018 токму поради неговата осуда за проневера од страна на рускиот суд.

„Јас сум на врвот на црната листа на Путин“, ќе изјави Алексеј Навални.

По оваа одлука следеа повици од Навални за бојкот на изборите проследени со протести од неговите поддржувачи. Путин критиките од Стејт департментот за одбивање на кандидатурата на Навални ги окарактеризира како мешање во внатрешната политика на Русија.

Персона нон-грата на телевизискиот простор

„Веројатно можете да ме наречете личност на Интернет. Интернетот е животозаштитувачки не само за мене, туку за сите други кои одеднаш се најдоа под цензура“, изјавува Навални.

Навални е забранет на националните телевизиски станици на Русија, освен за документарните филмови кои го прикажуваат како платена пропаганда на Западот.

Влијанието преку интернет просторот започнува со објавување на критички насторени статии за руските функционери на Лајф Журнал а потоа се префрла на Јутуб и Твитер каде стекнува голема публика.  Денес неговиот твитер канал брои повеќе од 2.2 милиони следачи а јутуб каналите со повеќе од 3.9 милиони.  Навални на своите јутуб канали често објавува видеа околу актуелните случувања поврзани со внатрешната и надворешната политика на Русија како и нивната поставеност на меѓународната сцена.

 

Во ова едно од последните видеа Навални се осврнува на актуелните состојби во Белорусија и протестите против реизборот на претседателот Александар Лукашенко.

Фрлена ракавица на Медведев

„Не го нарекувајте го Димон“ е руски документарен филм кој прикажува  проневера на 1,2 милијарди американски долари во 2017 од страна на поранешниот премиер на Русија, Дмитриј Медведев. Филмот беше објавен на неговиот Јутјуб канал на 2 март 2017 година. Еден месец по објавувањето видеото имаше над 17 милиони прегледи.

Иделошка определба

Навални ја изгради својата политичка кариера напаѓајќи го Путин и истрага за богатството на функционерите блиски на претседателот. Но, запрашан да ја опише сопствената идеологија, Навални, вели дека руските политички етикети не се преведуваат добро во американскиот контекст. Според него ставовите на рускиот комунист можеби се најспоредливи со десничарскиот конзервативец во Соединетите држави, додека либералот во Русија би можел да се смета за слободар во Америка.

„Во услови на авторитарен режим, политичките етикети не се важни, бидејќи неговата главна цел е да ги обедини луѓето кои се согласуваат за основните вредности, како што се раздвојувањето на власта, владеењето на правото и независното судство.“, изјави Навални.

Обиди за убиство

Навални, во 2017 година во Моска во близина на неговиот Фонд за антикорупција претрпе сериозни хемиски изгореници на десното око откако беше нападнат со антисептичка боја – зелионка. Бојата која му беше испрскана на лицето  – брилијантно зелено ја обојува кожата и е тешко да се измие,  таа не прави трајна штета, што значи дека напаѓачите нема да се соочат со обвиненија за тешки телесни повреди.Овој случај Навални го сврте во своја корист и многумина на интернет почнаа да постираат слики со зелена боја на лицето како поддршка во неговата борба против системот .

„Изгледа смешно, но боли како пекол“,  изјави  Навални во врска со нападот.

За време на издржување на затворската казна во траење од 30 дена во јули 2019 година, во врска со неовластени протести, докторите му дијагностицираат „контактен дерматитис“, иако Навални тврдел дека никогаш немал акутни алергиски реакции и неговиот доктор посочил дека  можеби бил изложен на „некој токсичен агенс“.

Навални по нападот со антисептичка боја

Минатата година Фондацијата за борба против корупцијата формирана од Навални беше официјално прогласена за „странски агент“, овозможувајќи им на надлежните органи да почнат повеќе истраги.

Сомнежите за можното труење на Навални не е нешто ново  за Руската јавност. Познати се и претходните напади на високи критичари на претседателот Путин. Во нив спаѓаат политичарот Борис Немцов и новинарката Ана Политковска, кои беа застрелани и разузнавачот Александар Литвиненко, кој почина од труење во Велика Британија. Друг новинар, Владимир Кара-Мурза, кој сè уште е жив, исто така тврди дека двапати имал обид за труење од руските безбедносни служби.

На твитер се огласи и познатиот шахист Гари Каспаров. Тој дирекно го обвини Путин за вмешаност во случајот на како што вели труењето на Навални.

 “Не ја навредувајте мојата интелигенција со предлози дека некој би можел да направи нешто на Навални без одобрение од Путин. Истото важи и за убиството на Немцов, Политковскаја и Литвиненко. Никој не би презел таков ризик. Тоа е политика, а тоа на Путин”, изјави  Каспаров.

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »