Press "Enter" to skip to content

Избори 2024: Граѓанинот на последно место

Програмите ги правеле партиски функционери како Илија Димовски и Игор Ивановски Шема. Партиите во своите програми ги вклучиле стопанските комори и бизнисот, но никој не го спомена граѓанскиот сектор. ИРЛ следеше три митинзи на трите водечки партии кои носат најголема одговорност за лошото и корумпирано владеење кое доведе до иселенички егзодус во земјава. Партиите вложија од 0 до максимум 7% од времето за да зборуваат за најважните општествени проблеми: корупција, животен стандард и здравство.

ИЗБОРИ 2024: Ова ли е тоа?

Пишува: Лила Караташева; Сашка Цветковска; Илустрации и графика: Лука Блажев

​​Терминот „корупција“ зазема нов моментум во изборниот кампањи и може да се заклучи дека од ниедна од кампањите на партиите кои се натпреваруваат не може вистински да се доживее некаков анти-корупциски дискурс. Корупцијата се дискутира главно како популистичка алатка за оцрнување на противникот. Ситуацијата е иста и со проблемите во областа на животниот стандард и здравството. Програмите и кампањите треба да дадат одговор на прашањето која е конкретната понуда и дали таа ги рефлектира актуелните општествени предизвици. Анализата на програмите и на говорите на оние кои се натпреваруваат на овие претседателски и парламентарни избори сугерираат дека граѓанинот навистина е на последно место. 

Лидерите ги правеле програмите, но не можат да се сетат која идеја била нивна

На некоја од партиите ѝ требало шест месеци за да подготви изборна програма, на некоја двојно помалку. 

Во програмите се става нешто ново, нешто се позајмува од старите програми, нешто ќе достават партиските комисии и подмладоците и ќе се стори програма врз основа на која што идната администрација треба да спроведува реформи, и тоа длабоки. 

Партиските лидери велат дека на предизборните програми работеле бројни експерти, иако не можеа да се сетат на имиња надвор од партиските функционери. Велат дека имале голем придонес во изработката на програмите, но не можеа да се сетат на конкретни проекти коишто биле нивна идеја.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски вели дека учествувал со идеи во програмата, која е продолжение на досегашните владини политики. Во изработката на програмата учествувале 200 експерти, но ги спомена само партиските функционери Игор Ивановски, Фатмир Битиќи и Панче Милевски. 

„Учествував во изготвувањето на целата програма. Работеше цел тим, којшто се состои од секторски комисии, во коишто учествуваа 200 експерти од своите области и во чијашто работа нормално дека и јас учествував во деловите на финализирањето на програмата,  во економскиот дел и во дел на креирањето“, рече Ковачевски за ИРЛ пред митингот во скопски Сарај. 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека програмата се правела половина година, а тој лично бил вклучен два месеци. Во изработката на програмата учествувале академици, професори, бизнисмени, но ги наведе само партиските функционери Иванка Василевска, Стефан Андоновски и Илија Димовски. 

„Многу идеи, како да ви кажам, многу идеи во различни области. Цело време додека се правеше програмата јас бев активно вклучен и можам да кажам дека учествував во сите идеи коишто доаѓаат, има мој личен потпис. Дека сето тоа се мои идеи, не се мои идеи, но цело време учествував со свои предлози. Учествуваа луѓе академици, професори, стопанските комори, бизнисмени, комисиите на партијата“, одговори Мицковски на прашањата на ИРЛ на митингот во скопската општина Ѓорче Петров . 

Стопанските комори во земјава имаат голем збор кога се работи за тоа кому и што ќе испорачаат партиите. Досега имало тројца функционери од редовите на коморите и тоа во највисоките ешалони на власта – заменик премиер за економски прашања. Тоа биле Минчо Јорданов, Кочо Анѓушев и Фатмир Битиќи. Во своите одговори и Мицкоски и Груби рекоа дека за програмите ги консултирале стопанските комори и бизнисмените. Никој не се пофали дека го консултирал граѓанскиот сектор или синдикатите.

Артан Груби од ДУИ, пред митингот во Чаир, за ИРЛ рече дека предизборната програма ја правеле два месеци со бројни експерти, но од имиња го наведе само министерот за финансии Фатмир Бесими.

„Универзитетски професори од Штуловиот универзитет, од Тетовскиот универзитет ангажиравме, од Универзитетот Мајка Тереза, од стопанските комори исто така, сите беа вклучени“, вели Артан Груби.  

И Груби, и Мицкоски и Ковачевски, како од пушка, пак одговорија дека во правењето на програмите им помогнале и стопанските комори, но не спомнаа дали ги консултирале синдикатите и граѓанските здруженија. 

Партиските програми ги фетишизираше поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ со неговата позната „Преродба во 100 чекори“. 

Во програмата за изборите во далечната 2006 година на 116 страници покрај објаснувањето на проектот, стоеше и до кога ќе биде реализиран и колку пари ќе чини, нешто што сега ретко се наоѓа во партиските програми. 

Потоа Владата се фалеше колку проценти од програмата реализирале, а и новинарите имаат полни раце работа мерејќи што и колку од ветеното е исполнето.

„Дрва и камења“ за противниците, „трошки“ за реалните проблеми

Партиите низ годините станаа „инвентивни“ во смислувањето на имињата на програмите – Преродбата се прошируваше и надградуваше, се нудеа „Решенија за Македонија“, „ План за живот“, до сегашните планови и агенди за европска Македонија и програми во кои граѓанинот требало да е на прво место. 

Но на митинзите, средбите со граѓаните и при посетите на села и градови, политичарите во своите говори се посветени на оцрнување на противникот, а за тоа што ќе направат спомнуваат по збор- два, за тоа па како тоа ќе го направат, не откриваат многу. 

Следевме завршни митинзи на најголемите партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Во изминатите две децении ВМРО -ДПМНЕ и СДСМ наизменично ја предводат власта, константа е нивниот коалициски партнер -ДУИ. 

На сцената се менуваа говорници, но наративот е ист, противникот краде, лаже и е виновен за сите несреќи. И ветувањата се исти – ќе победиме и ќе биде подобро, но како тоа ќе го направат, не откриваат. 

Честа пракса е да се номинираат кандидати коишто никогаш не живееле и престојувале во изборните единици во коишто бараат доверба. Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој го предводеше Министерството во време на ковид пандемија која однесе над 9000 жртви и во чие време во пожар во привремена ковид болница во Тетово изгореа 14 луѓе, е носител во четвртата изборна единици од редовите на СДСМ, иако живее и работи во Скопје. Првото место гарантира влез во парламентот,  а со тоа и имунутет од кривично гонење. Во моментов активна е предистрага за пожарот во Тетово.

Владејачката партија на централно ниво СДСМ, на 21 април, непосредно пред првиот круг од претседателските избори одржа митинг во Скопје. За еден час и 37 минути колку што траеше собирот, се обратија претседателот на Европски социјалисти, Стефан Левен, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, потоа кратко зборуваше и Моника Зајкова, претседателка на ЛДП, коалициски партнер во власта. 

Пред завршувањето на митингот се обратија носителите на изборната единица 2, Оливер Спасовски и Фатмир Битиќи, носителите на изборна емисија три Љупчо Николовски и Сања Лукаревска. Носителите на изборна единица четири Венко Филипче и Јована Тренчевска и носителите на изборна единица пет Бисера Костадиновска и Јован Митревски. 

Ништо поразлично не изгледаше ниту митингот на ВМРО-ДПМНЕ. Партија која е опозиција на централно, но ја има власта на локално ниво. Тие собирот го одржаа во Штип на 22 април. На митингот зборуваат пет говорници, Душко Иванов, Никола Мицевски и Драган Ковачки – кандидати за пратеници, Гордана Сиљановска – Давкова – кандидатка за претседател на Северна Македонија и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Во најголем дел таксативно ги набројуваа проблемите, со ветувања дека ќе ги решат, но не понудија конкретни решенија. 

И митингот на „вечниот“ коалициски партнер ДУИ и коалицијата со име „Европски фронт“, им прилегаше на оние на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, барем по времетраењето и по бројот на говорници. Собирот што ние го следевме го одржаа во Скопје, на 21 април, а на сцената се појавија девет говорници – лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кандидат на Европски фронт за претседател на државата Бујар Османи и лидери на помали партии на Ромите, Турците, Бошњаците, како и лидери на помали албански партии. 

Но, деветте говорници за корупција, здравство и животен стандард зборува точно нула минути. 

Зошто се важни изборите за пратеници?

Од 120-те пратеници, колку што брои македонското Собрание, зависи каков воздух дишете, колкаво ќе биде зголемувањето на платите и пензиите, дали ќе имате субвенции, учебници, колкави даноци ќе плаќате, дали во вашиот двор некој ќе изгради дивоградба, дали плодното земјиште ќе го дадат некој да гради автопат или да отвори рудник. 

Пратениците имаат плата од околу 2000 евра што ја прави функцијата посакувана. Но, за тие пари не се многу работливи. Статистиката од публикацијата „Мојот пратеник“ покажува дека многумина од нив не се јавуваат за збор, не излегле на говорница, а има и такви кои не доаѓаат на работа.

По бројот на отсуства предничи пратеникот Изет Меџити, кој еднаш присуствувал на седница, а 88 пати бил отсутен. Тој немал излагања на седници, не поднел предлог закони или амандмани, не поставил пратеничко прашање. 

Меџити во Собранието влезе како кадар на ДУИ, сега пак е дел од коалицијата „Вреди“. Уште еден од лидерите на коалицијата од албанскиот опозициски блок, има повеќе отсуства од присуства на седниците. Африм Гаши бил присутен на 20 седници, а на 69 отсуствувал. Имал излагање само еднаш на седница на работно тело. 

Сега во трка за 120- те пратенички фотелји се натпреваруваат 1820 кандидати од 17 партии и коалиции. Избраните, во Собранието ќе треба да ги застапуваат интересите на граѓаните, оти од нив зависи кој ќе добие водовод, каде ќе се гради пат, кое училиште ќе се реновира, дали ќе се случат уставни измени и дали ќе се амнестираат или ќе им се скратат казните на оние кои краделе од народот и проневериле од државната каса. 

Во земјава нема концепт на отворени листи, така што се гласа само за партијата, но не и за кандидат. Сепак партиите за носители на кандидатските листи, ставаат познати лица од партиските раководство, за кои се надеваат дека ќе им донесат повеќе гласови, оние кои се цело време на терен, меѓу гласачите, добиваат често и недобитни позиции. Но како носители се појавуваат и личности, кои не се поврзани со регионот од каде се надеваат на гласови. Така поранешниот министер за здравство од СДСМ, Венко Филипче, иако е скопјанец, ја предводи пратеничката листа во четвртата изборна единица, која ги опфаќа Струмица, Прилеп и Кавадарци. Филипче вели дека сепак има нешто што го поврзува со регионот каде што го ставиле, а тоа се неговите баби, кои потекнувале во Кавадарци.

Од тоа колку гласови ќе соберат на изборите, зависи и колку кандидати од листата ќе влезат во Парламентот. Победниците, оние што ќе треба да формираат Влада, обично првите на листите потоа ги предлагаат за министри, па листата се поместува, и во пратеничките редови може да влезат и оние од подолните места. Но тие што ќе бидат опозиција ќе немаат многу среќа, бидејќи во Собранието ќе влезат само првите луѓе од листите, лидерите и дел од раководството, луѓето од терен, оние кои цело време се со гласачите и ги знаат најдобро нивните проблеми и потреби повторно ќе извисат.  

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.