Press "Enter" to skip to content

Господинот Кочо Анѓушев на „црна листа“ на САД

Поради сомнеж за вмешаност во значителна корупција, бизнисменот, поранешен вицепремиер и актуелен почесен конзул на Малта, Кочо Анѓушев, доби забрана за влез во САД. На „црната листа“ Стејт департментот ги стави и неговата сопруга Елизабета и синовите Огнен и Ангел.

Известува: Бојан Стојановски; Илустрација: Лука Блажев

Соединетите американски држави го означија господинот Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во САД, поради сериозен сомнеж на американската администрација дека е вмешан во значителна корупција.

Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни и деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.

Во објаснувањето на одлуката на Стејт Департментот се вели дека САД е партнер со сите оние во Македонија кои бараат одговорност од корумпирани функционери.

„Оваа забрана ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“, заклучува Стејт Департментот.

Господинот Кочо Анѓушев со одлуката да биде ставен на „црната листа“ на САД влезе во друштво на Сашо Мијалков, Никола Груевски, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Куноска Камчева, Сергеј Самсоненко, Ирина Самсоненко – сите означени како закана по македонската демократија.

„Денешното именување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во целиот регион, без оглед на нивната позиција, политичка припадност или времето на злоупотребите“, објави денеска амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.

Таа додаде дека листата на санкции на САД ќе се дополнува со нови лица и заклучи дека „црната листа“ не ја поправа епидемијата на корупција во Македонија.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) се обиде да стапи во контакт со прес службата во „Фероинвест“ една од компаниите во сопственост на бизнисменот Кочо Анѓушев за да добиеме став од него по одлуката САД да го стави на „црна листа“ поради корупција. Испративме прашања до нив и пробавме да исконтактираме со лицето задолжено за комуникација со јавноста, но одговор не добивме.

Компанијата Брако и господинот Кочо Анѓушев ја тужеше Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска за документарниот филм „Заговор против воздухот“. Во првото судење, граѓанскиот суд не виде навреда и клевета за поранешниот вицепремиер. По жалба на господинот Кочо Анѓушев, Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење. Судијката Јованка Спировска Панева во повтореното судење, воопшто не ги ценеше доказите предложени од ИРЛ. Пресуди дека Истражувачката репортерска лабораторија не е медиум, новинарите кои работат во ИРЛ не се новинари, а истражувањата не треба да се публикуваат јавно, туку да се споделат само меѓу вработените. По оваа пресуда преку соопштение „Фероинвест“ извести дека прекинува секаква комуникација со како што нè нарече „групата ИРЛ“ и нејзините припадници.

ИРЛ ги следеше и продолжува да ги следи сите потенцијални корупциски појави во земјава кои вклучуваат високопрофилни личности. Досега во продукција и ко – продукција на ИРЛ се објавувани домашни и меѓународни истражувања во врска со повеќето лица кои се ставени на листите за санкции и забрана за влез во САД.

Во продолжение може да ги прочитате сите стории поврзани со Кочо Анѓушев:

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »