Град Скопје испрати демант до редакцијата на ИРЛ за сторијата која ја објавивме денеска за спроведените мерки против загадувањето. Во демантот тие обвинуваат дека до нив оваа година не е стигнато барање отчет за сработеното од страна на еко-активистот Горјан Јовановски и „О2 КОАЛИЦИЈА”, а притоа ја обвинуваат новинарката на ИРЛ за изнесување паушални и невистинити информации, со што го нарушуваат угледот на целата редакција и авторот на текстот.
Како и што впрочем беше наведено во сторијата, Горјан Јовановски и „О2 КОАЛИЦИЈА” на 7-ми октомври 2019 година испратиле маил на официјалната адреса на градоначалникот и кабинетот на градоначалникот. Во електронската порака активистите учтиво ги замолуваат Град Скопје да ги известат во која фаза се со исполнување на 39те барања потпишани од градоначалникот Шилегов пред две години. Дополнително тие од Град Скопје бараат да вклучат објаснување зошто некоја мерка не е остварена или штотуку започната.


Истражувачката репортерска лабораторија се труди секогаш навремено и транспарентно да ја известува јавноста, притоа и во овој случај пред објавување на сторијата беше побарана изјава од градоначалникот Петре Шилегов. Согласно стандардите и етичките норми, оставивме доволно време за да добиеме одговор од градоначалникот, но откако по три дена се уште немавме повратен одговор, статијата беше објавена.