Press "Enter" to skip to content

Груевски опуштен во Будимпешта, неговите извршители на обвинителна клупа за „Талир“

Никола Груевски судењето за случајот „Талир“ ќе го следи на далечина од 800-тини километри. Првообвинетиот за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ ќе го одбегне и овој судски процес и од безбедно ќе ги гледа неговите сопартијци соочени со докази за рекет и лажни донации. Додека Груевски ноншалантно се шета покрај убавиот син Дунав во Будимпешта, неговите подредени добија покани за „Мој термин“ во судот на 18 февруари.

Во „Талир“ покрај Груевски, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.

Обвинетата Елизабета Чингаровска од ВМРО-ДПМНЕ ја призна вината во случајот и се спогоди со Специјалното јавно обвинителство. Доби двегодишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните пет години не стори ново кривично дело.

ИРЛ неодамна го обелодени обвинението за овој случај, во кое пишува дека по налог на првообвинетиот Никола Груевски, поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ – Божиновски и Јанакиески земале рекет од приватни фирми, а потоа парите биле уплаќани на партиската сметка како донации. На тој начин во текот на шест години биле собрани 4,6 милиони евра. Од обвинение се спаси Мартин Протоѓер за кого делото застари.

На барање на СЈО, судот замрзна 69 имоти на ВМРО-ДПМНЕ, за кои постои сомневање дека се купени со парите од фиктивните и лажните донации. Вредноста на замрзнатиот имот е 17.500.000 евра, од кои седиштето на партијата вреди 14 милиони евра, а останатиот (куќи, станови, земјиште…) е во вредност од 3 милиони и 500-тини илјади евра.

ИРЛ изработи мапа на која се прикажани сите имоти за кои СЈО побара забрана за продажба и издавање.

Специјалното јавно обвинителство на 22 ноември минатата година до скопскиот Кривичен суд поднесе два обвинителни акта за „Талир“.

Вториот обвинителен акт за истиот предмет, што се однесува на незаконска изградба на партиското седиште познато како Белата палата, се уште се наоѓа кај судија за оценка на обвинителен акт. Според ова обвинение, Никола Груевски и Кирил Божиновски склучиле договор за изградба на објектот со градежната компанија „Бетон“ на Минчо Јорданов и партијата се стекнала со несразмерна имотна корист од над 8 милиони евра.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »