Градежни компании кои добивале тендери од државни институции во време на власта на ВМРО-ДПМНЕ биле рекетирани и враќале кеш пари испрани преку зделките во партијта. Три од овие компании во текстот од обвинението се наведени со имиња, а други компании само со ознаката НН што значи непознато/ненаваден субјект. Причините за ова, според експертите, може да се различни, но не е исклучена и можноста одредени раководни лица во компаниите да се и заштитени сведоци или соработници на обвинителството во „Талир“. Од компаниите за кои постојат сомнежи дека биле дел од оваа мрежа која помагала нелегално финансирање на политички партии споменати се фирмите Пелистер Битола, Урбан Инвест Кавадарци и Тератрејд Скопје, сите градежни компании.
Истражувачката репортерска лабораторија дојде до обвинението за случајот „Талир“ и во него пишува дека парите им биле барани во канцеларијата на Генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, а на дел од состаноците присуствувал и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
„Обвинетиот К. Б., искористувајќи го своето реално влијание во општеството и својата службена положба како Генерален секретар на Владата на Република Македонија, во своите работни канцеларии во Владата на Република Македонија ги повикувал претставниците на правните лица кои по пат на договор вршеле јавни услуги за државни органи, за единици на локална самоуправа или за јавни установи или претпријатија, на дел од кои состаноци во текот на 2013 година бил присутен и обвинетиот М. Ј. и на претставниците на правните лица Друштво за градежништво и услуги ПЕЛИСТЕР ДОО Битола, Друштво за производство, трговија, инженеринг и услуги ТЕРАТРЕЈД Ацо увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, Друштво со ограничена одговорност за проектирање, градежништво, внатрешна и надворешна трговија УРБАН ИНВЕСТ ДОО Кавадарци и други НН правни лица, им вршеле притисок да дадат финансиски средства во готовина како противуслуга за добиените договори за јавни набавки и реализиран профит“, пишува во обвинението за „Талир“.
Откако Божиновски и Јанакиески ќе го собереле кешот, по налог на првообвинетиот сега почесен претседател на партијата Никола Груевски, парите биле уплаќани на партиската сметка како донации. На овој начин во периодот од 2009 до 2015 биле собрани околу 4,6 милиони евра. Или по години: Во 2009 334.000 евра, 2010 година 80.000 евра, во 2011 година 259.000 евра, 2012 година 158.000 евра, 2013 година 185.000 евра, 2014 година 2.200.000 евра и во 2015 година 1.375.000 евра.
Во текстот од обвинението не се открива колку пати биле повикани претставници трите градежни фирми и колку пари дале во кеш за ВМРО-ДПМНЕ. Од Специјалното јавно обвинителство не откриваат кои се останатите приватни фирми кои биле рекетирани од раководството на партијата.
Во оваа злосторничка мрежа на Груевски биле вклучени и пратениците Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, кои биле потписници на сметката на ВМРО-ДПМНЕ. Парите од рекетот биле внесувани на партиската сметка преку фалсификувани документи – ПП10 уплатници, кои содржеле невистинити податоци, како да станува збор за лични донации или членарини.
Мартин Протоѓер избавен – делото му застарело
Во пајажината на Груевски учествувал и Мартин Протуѓер како поранешен Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ од 2007 до 2009 година, но СЈО не го опфати во обвинението бидејќи делото застарело. Иако за него има докази дека тој бил главниот за собирање на „арачот“ од приватните фирми од чии пари собрани во 2009 година било купено земјиштето на кое сега е изграден главниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ познат како Белата палата. Земјиштето од 1241 м2, пишува во обвинението, кое тогаш било во државна сопственост е отуѓено со непосредна спогодба од Министерството за транспорт и врски за 133.000 евра.
Фирмата Урбан инвест во вмровско време беше меѓу топ 5-те компании кои добиваа тендери од Град Скопје. Оваа фирма го доби тендерот од 1,5 милиони евра за фасадата на „Сити галери“, а го градеше и плоштадот ВМРО пред седиштето на партијата во Центар. Сумата за изградба на плоштадот беше 2 милиони евра. Кога плоштадот беше при крај, во медиумите беше објавена информација дека Урбан инвест како „шлаг“ на Белата палата го донирал лавот кој е поставена на врвот од столбот од фонтаната.
За разлика од Урбан инвест, градежната фирма Пелистер од Битола во периодот од 2009 до 2015 година добивала милионски тендери најголем дел од ЕЛЕМ. Оваа фирма во јули 2018 година доби тендер повторно од Електрани вреден 6 милиони евра, а од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека тендерот е наместен за да победи фирма блиска до врвот на СДСМ.
Фирмата Тератрејд од Скопје главно добивала тендери од општина Центар и од другите скопски општини.
Обвинетата Елизабета Чингаровска веќе ја призна вината во случајот „Талир“ и се спогоди со специјалното јавно обвинителство. Судот ја осуди на две годишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните 5 години не стори ново кривично дело.