Press "Enter" to skip to content

Го амнестираше ли Верушевски колегата Мијалков: Груевски треба да е првообвинет за прислушувањето

Заемно упатено прашање „Како сте?“ и еден краток џентлменски поздрав пред почетокот на рочиштето за „Таргет-Тврдина“ во ходниците на Кривичниот суд упатуваат на заемна почит помеѓу поранешните први разузнавачи во државата, Сашо Мијалков и Зоран Верушевски.

Дополнително, сведочењето на Верушевски за „документацијата“ како шо ги нарекува „бомбите“ кои ги објавуваше Заев и посочувањето дека Никола Груевски треба да биде првообвинет во овој случај, го поставува прашањето дали „култот кон безбедносниот систем“ го амнестира првообвинетиот Мијалков од одговорност?

Од страната на Врховниот суд, видно расположен и со блага насмевка, поранешниот шеф на УБК и актуелен советник на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски, пристигна во Кривичниот суд за денешното рочиште во својство на сведок за предметот „Таргет-Тврдина“. Пред него беа пристигнати обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов како и обвинетата Гордана Јанкулоска со адвокатите од одбраната. Секој во посебен ќош од ходниците.

Мијалков пристигна последен, влезе, се поздрави со Верушевски, па почетокот на рочиштето го чекаше со Јанкулоска.

Во 12:05 веќе сите беа во судницата, а иако медиумите го опишаа како „борба на титаните“, изненадувачки беше одговорот на Мијалков на прашањето од судот, кога одлучно рече дека одбраната нема прашања за сведокот повикан од обвинителите.

Упорноста на Ристовска ги скара обвинителите и одбраната

Првичната настојчивост на Ристовска, Верушевски конкретно да одговори како ја добил документацијата, односно прислушуваните материјали, од кои лица и во каква форма, со цел да го појасни своето првично сведочење кое ја збуни јавноста, одбраната ја приговараше со указ дека обвинителката го насочува сведокот каков одговор да даде.

Во текот на целото сведочење, беше видливо присуството и на професорот и на разузнавачот Верушевски, кој често даваше одговори одмерено, понекогаш тивко и професорски и зборуваше за важноста на безбедноста во една држава.

Околу 15 минути Верушевски во молк стоеше на пултот за сведочење додека на моменти тензично се препукуваа обвинителите и одбраната за што треба, а за што не треба да одговара сведокот.

И ако првичниот исказ на Верушевски ја збуни јавноста кога рече дека тој не обезбедувал материјали туку ги обработувал, денешното сведочење главно го насочи кон вината на Никола Груевски.

Сведочењето најпрво го започна со нејасен одговор кога прв пат се соочил со документите.

„Во 2010 во СДСМ имаше документи и сознанија за ограничениот демократски капацитет на власта и постоење на проект за контрола на комуникациите, посебно насочени кон опозицијата. Ваквите информации доаѓаа од повеќе извори и јас имав прилика да ја видам таа документација. Во разговор со изворите се потврдија сомневањата за грубото нарушување на слободата на говорот во земјава. Тоа беше иницирачкиот момент да се насочам кон таа материја“, рече Верушевски, подоцна тврдејќи дека „документацијата“ била во дигитален запис, така како што му била предадена на СЈО.

Професорот и разузнавачот

„Тој го гледа повеќе формалниот аспект. Да оставиме вториот дел, на 10 октомври, кога е продолжението на испрашувањето на господинот Верушевски во својство на сведок, да биде сè јасно за граѓаните и за државата“, рече Заев одговарајќи на прашањето што мислел Верушевски кога рекол дека материјалите се модифицирани и манипулирани.

Огромното присуство на новинари, граѓански и невладини организации кои ја следат правичната постапка на судењето, денеска не добија директен одговор што Верушевски мислел при првото сведочење бидејќи таквите прашања биле исцрпени според одбраната, но фрлањето ново светло за чија е одговорноста за масовното нелегално прислушување, која ја наметна Верушевски, кореспондира со тврдењето на Заев.

Обвинителката Ристовска во текот на сведочењето не се откажуваше од прашањата поврзани со анализата на материјалите и локацијата каде се правела, но за Верушевски, имало поважни прашања.

„Анализите се мисловен, а не физички процес и се подредени на интелектуалниот потенцијал. Илузорно е да се фокусираме на локација, оти мисловниот процес почнува порано и продолжува и после СДСМ“, одговараше Верушевски.

Вниманието кон Никола Груевски, односно неговата желба за власт, како и убеденоста дека тој треба да биде првообвинет за прислушувањето, Верушевски го сврте по прашањето на обвинителите дали бил сведок на ситуации „документацијата“ да биде изнесувана од СДСМ, одговарајќи:

„Сведокот нема својство на истражител и не може да одговори дали, кога и што некој направил. Би го задржал вниманието на судот на она што е клучно во сето ова: Моето субјективно гледање во однос на СЈО кон овој предмет е дека направи поместување кон лицето кое треба да е првообвинето…кој по секоја цена сакаше да ја задржи власта. Оттаму, Обвинителството е тоа кое треба да даде одговор кога е создадена документацијата. Сериозен пропуст е на СЈО што овде не е обезбеден поранешниот премиер во овој предмет и со нетрпение чекам да ја видам истрагата за неговото бегство. Тука лежат многу одговори“, рече меѓу другото Верушевски, започнувајќи ја својата увертира кон едно ново обвинение за „Таргет-Тврдина“.

За сето време додека зборуваше за вината на Груевски, одбраната и обвинетите молчеа и го слушаа.

Верушевски тврди дека она што СЈО го поседувало, било минорно во споредба со материјалите кои ги имале Никола Груевски, Горан Грујевски и Никола Бошковски, првиот азилант во Унгарија, а другите двајца во Грција и дека со тие материјали си ја обезбедуваат слободата во овие две држави.

Рече дека тоа го знае од разговори со лица задолжени за комуникации во други држави.

Потоа одржа кратко предавање за важноста на безбедносниот систем во една држава и дека за тоа нема цена, потенцирајќи дека во безбедносниот систем постои „култ на чувството дека се борат за државата“ и дека ако во 2001 година безбедњаците извлекле поука и го задржале безбедносниот потенцијал, овој пат, Груевски се одлучил да зборува за странски служби за пучови и предавства.

„Тој беше патолошки опседнат за власт од што голем дел од обвинетите овде ја плаќаат цената“, рече Верушевски, дополнувајќи дека тој и неговото семејство со Груевски биле подложни на сериозна опструкција од државата.

Кон крајот на неговото сведочење, прашање до сведокот упати и судијата Владимир Туфекџиќ, за да го појасни првичното сведочење, односно што мислел со тоа дека материјалите биле „модифицирани и компромитирани“, а Верушевски рече:

„Базичната документација, нејзиниот обем, целосната структура беше во рацете на тројцата избегани…таа документација тој целосно ја поседуваше. СЈО требаше да го урне тој мит дека биле сечени, лепени и креирани тие материјали…да беше обезбедена опремата за прислушување, за која слушаме дека била уништена, се ќе станеше јасно за прислушувањето и ќе дојдевме до вистината“, одговори тој.

Сведочењто го заврши тврдејќи дека и до денес, „само Господ знае колкав материјал поседуваат тројцата избегани“ кои несомнено, вели Верушевски, имале повеќе материјали од она што СЈО го имало на располагање.

Верушевски прв го напушти судот, Сашо Мијалков замина кон задниот влез со своето обезбедување, Јанкулоска замина сама.

Обвинителите и одбраната, поради презафатеност со други предмети, се договорија рочиштето да продолжи на 24.октомври, а нареден сведок ќе биде премиерот Заев.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »