Press "Enter" to skip to content

Фејсбук затвори стотици профили и страници на вработени во „Спутник“

Компанијата зад друштвено-социјалниот технолошки гигант Facebook денеска откри дека отстраниле повеќе од 500-тини лажни фан страници и лажни корисници поврзани со Русија. Според Фејсбук, профилите и фан страниците биле поврзани со вработени во рускиот државен медиум „Спутник“, кој има свои медиуми на локалните јазици и на Балканот. Корисниците најмногу постирале текстови со анти-НАТО содржина.

Повеќе од 364 страници и корисници поврзани со медиуми со руска сопственост дале погрешни податоци за нивниот идентитет на околу 790,000 следбеници, а потрошиле околу 135.000 илјади долари на спонзорирани постови во периодот од октомври 2013 година до денес.

„Постојано работиме за да детектираме ваков тип на активности затоа што не сакаме нашиот сервис да се користи за манипулирање на граѓаните“, ова на својот блог го напиша Натаниел Глечер, шеф на секторот за сајбер безбедност во Фејсбук.

Минатиот август Фејсбук затвори масивна дезинформирачка кампања која потекнуваше од Иран и ги таргетираше корисниците од Британија, САД, Средниот исток и Латинска Америка. Во таа акција беа затворени 652 профила, групи и фан страници не само на Фејсбук, туку и на сестринската „Инстаграм“.

Слични акции кои таргетираа вакви кампањи со потекло од Иран и Русија имаше и другиот технолошки гигант „Твитер“.

По американските избори во САД во ноември 2016  година кога победи Доналд Трамп, компаниите зад социјалните мрежи кои вредат милијарди долари беа притиснати од институциите, а основачот на Фејсбук Марк Цукенберг беше испрашуван од 44 сенатори на специјалното сослушување по повод злоупотреба на приватните податоци на корисниците во политички цели. На ова се надоврзува и истрагата на Конгресот за руско мешање во изборите во САД и врските со Доналд Трамп. Војните со информации од овој калибар го исфрлија малиот македонски град Велес под глобалниот рефлектор кога се откри дека со лажни вести и креирање стотици лажни медиуми наводно се поддржувал Доналд Трамп.

Истражувањето на македонската новинарка Сашка Цветковска и меѓународната мрежа на организации од Проектот за известување за организиран криминал и корупција во соработка со Базфид, минатото лето откри за прв пат дека приказната за паметните велешки деца кои само смислиле како да  заработат на популарноста на кандидатот Трамп, има многу поголема позадина.

Македонската таканаречена фејкњус индустрија од Велес имала и американски врски со познати конзервативни автори, а во моментов се води и меѓународно истражување за евентуални координирани меѓународни акции во медиумската пропаганда. Се истражува и што барала руска државјанка во Македонија непосредно пред изборите за претседател во САД во 2016. Не било кој, туку Ана Богачева, дел од обвинението на Роберт Милер во американската истрага. 

Тајните играчи од САД позади македонските „фејк њус“ велешки сајтови

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »