Press "Enter" to skip to content

Ќе „изгори“ ли Роџер Стоун, човекот кој го донесе Доналд Трамп на тронот

Контроверзниот и озогласен Роџер Стоун, советник на претседателот на САД, Доналд Трамп и на многу републикански претседатели пред него, вчера на обвинителна клупа во судницата во Вашингтон се изјасни дека е невин за обвиненијата за руското мешање во последните претседателски избори на САД.

Стоун во петокот беше уапсен поради тоа што наводно го излажал Конгресот дека немал контакти со Викиликс за украдените електронски пораки на демократите кои и нанеле штета на претседателската кампања на Хилари Клинтон во 2016 година. Обвинението се темели на сведоци кои тврдат дека изборниот штаб на Трамп ги знаел овие информации уште пред Викиликс да ги објави.

Полициската акција, која беше пренесувана на CNN, изгледаше како да беше наменета за апсење на терорист, а не на 66-годишниот советник на Трамп, облечен во пижами. Пристапот кон ова апсење јасно укажува дека Роџер Стоун, а можеби и неговите адвокати направиле нешто доволно провокативно што успеало извонредно да ги налути специјалните обвинители.

Во налогот за апсење било наведено дека има едно обвинение за попречување на истражната постапка на Конгресот, пет обвиненија за давање на лажни изјави и уште едно обвинение за вршење на притисок врз сведоци.

По сослушувањата на обвиненијата, во преполната судница, судијата Дебора Робинсон ја започна постапката во која адвокатот на Стоун, Роберт Бушел, во името на неговиот клиент се изјасни дека не е виновен за обвиненијата од страна на шефот на Специјалниот совет за истрага на руското вмешување во американските избори, Роберт Милер.

На барање на судијата, Стоун кој беше ослободен со 250.000 долари кауција, сега има забрана за контакт со одредени лица и ограничена можност за патување и одземен пасош, барајќи од него секоја недела да се пријавува во судот со телефонски повик.

Кој е Роџер Стоун?

Роџер Стоун е американски политички консултант и лобист кој скоро четириесет години е директно поврзан со републиканската политика, и е најчесто во близина на центарот на моќта. Тој редовно ја преминува линијата помеѓу респектабилноста и срамот и е препознатлив по водењето валкани и негативни кампањи. Не е случајно што Стоун има клучна улога на последните две изборни трки за претседателски избори во САД. Додека републиканската партија обично тврди дека Роналд Реган е нејзина инспирација, Стоун го претставува наследството на Ричард Никсон, чија политика се одразува со љубопитни примеси на антикомунизм и тактичко насилство.

Стоун уште од најмлада озраст покажува способности за политичко лобирање  и манипулации, кога во неговото основно училиште на симулацијата за претседателските избори помеѓу Ричард Никсон и Џон Кенеди, успева да ги убеди своите соученици да гласаат за Кенеди со тоа што им „пренесува“ дека Никсон предлагал учениците да одат на настава и во сабота. Всушност ова била првата ситуација кога тој ја открива моќта на дезинформациите.

Политичката кариера ја започнал во 1972 година. Стоун го напуштил универзитет за да работи на претседателската кампања за реизбор на Никсон, во која донирал пари на можниот противник на Никсон во име на Младата Социјалистичка Алијанса, а потоа ги објавувил сметките во весникот New Hampshire Union Leader. Стоун е најмладиот од лицата вмешани во аферата “Вотергејт”.

По победата на Никсон на претседателските избори, тој работи во Канцеларијата за економски можности и станува близок пријател со претседателот. Стоун јавно ја презентира својата приврзаност спрема идеологијата на Никсон, објаснувајки дека причината позади ова е неговата неуништливост и издржливост. Ова го потврдува фактот што Стоун, на својот грб, има тетоважа со ликот на Никсон, а дури и неговата мајка во една ситуација му кажала дека тој според религија не е католик, туку дека неговата религија е републичката партија, а негов бог Ричард Никсон.

По долгата кариера како политички советник кој работел со најпознатите имиња во политика на САД, како Роналд Реган, Џек Кемп, Боб Доле, Стоун стигнува да работи како советник на претседателската кампања на Доналд Трамп. Иако тој ја напушта кампањата на 8 август 2015 година, во услови на контроверзност, при што Стоун истакна дека своеволно се повлекува, а Трамп тврди дека бил отпуштен, тој и понатаму продолжува да го поддржува идниот претседател на САД. Со тоа што само неколку дена по напуштањето на кампањата, Стоун пишува статија за Бизнис инсајдер со наслов, “Човекот што поднесе оставка од кампањата на Доналд Трамп објаснува како Трамп може да победи”. Додека сите останати Трамп го гледале како неверојатно вулгарен и неразумен, Стоун во него видел некој за кој бил сигурен дека ќе биде сакан од гласачите.

Доналд Трамп: Лов на вештерки

Претседателот на САД, Доналд Трамп, не даде коментар на ниту едно од обвиненијата против Стоун, туку неговата прва јавна изјава, откако неговиот долгогодишен сојузник беше уапсен во петокот, секако напишана на Твитер, претставуваше повеќе негов личен став за Руската истрага, која и во минатото на неколку наврати на опишува како “лов на вештерки”

По првичната реакција за апсењето на Стоун, Трамп во саботата објави малку поконкретен одговор, но сепак во негов стил, насочувајќи го прстот кон други лица за кои смета дека имаат полоши лаги од оние на Стоун. Тој повторно ја извади листата за неговите омилени теории на заговор насочени кон неговите политички непријатели. Од поднесувањето на истрагата за електронските пораки на Хилари Клинтон до контроверзноста на “Spygate”. Со ова, повторно е очиледно дека Доналд Трамп прави сѐ што може за да го одвлече вниманието од сопствените проблеми. Иако триесет и четири члена од блискиот круг на претседателот се обвинети или беа осудени за виновни во текот на последните 15 месеци, Трамп продолжува се навраќа на скандалите поврзани со минатото на неговите политички противници.

Следното сослушување за проверка на статусот на истрагата против Роџер Стоун е закажано за в петок.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »