Press "Enter" to skip to content

Комотни функционери, изолирани антикорупционери

Антикорупциската комисија останува изолирана од другите институции кои треба да и’ бидат логистика во борбата против корупцијата. Членовите на ДКСК немаат пристап до базите на ниту еден државен орган од каде можат да црпат податоци за имотната состојба на функционерите. Речиси две години Комисијата не успеа да набави софтвер кој ќе ја поврзе со 17 други институции, како МВР, УЈП, Катастар, Централниот депозитар за хартии од вредност и други.

„Во моментов кога бараме информации од други институции тоа го правиме со писмо. Институцијата има право за две недели да ни одговори. Не можам да кажам дека сме наишле на опструкции од страна на институциите, но кога ќе бидеме електронски поврзани и ќе имаме пристап процедурата ќе оди многу побрзо,“ изјави за ИРЛ претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Нови закони, стари проблеми

Имотот и парите на секој функционер се архивираат во Антикорупциската комисија. При стапување на должност обврска да поднесат анкетни листови имаат над 7,000 избрани и именувани функционери. Тие се должни да ја пријават и секоја промена. Доколку купат стан, автомобил, добијат подарок или земат кредит. Мандатот на Антикорупциската комисија е да ја следи нивната имотна состојба во целиот период додека се на функција. Ако постои сомнеж за нелегално стекнат имот, тогаш ДКСК отвора предмет и случајот го предава до Јавното обвинителство.

Од почетокот кога се формираше Комисијата во 2002 година начинот на поднесување на анкетен лист е ист. Функционерите рачно, на хартија го заведуваат својот имот, а потоа во ДКСК службениците ги внесуваат во својата база и се објавува на нивниот сајт. 

Во јануари минатата година кога се донесе нов Закон за спречување на корупција, беше предвидено Изјавата за имотна состојба функционерите да ја поднесуваат онлајн, а членовите на Комисијата секое сомнително богатење да можат брзо да го проверат преку директен електронски пристап до базите на други институции. За да се реализира оваа можност потребно беше да се набави нов софтвер. Но, набавката заглави поради финансиски и бирократски проблеми. 

„Бидејќи сегашниот софтвер не овозможува електронско доставување на Изјавата, а во буџетот на ДКСК за 2019 воопшто немало обезбедено пари за набавка, ДКСК се обиде преку донација од меѓународни организации да ги обезбеди потребните средства, но безуспешно“, вели Ивановска.

Првиот обид бил ДКСК да добие пари за изработка на софтвер од УСАИД со посредство на меѓународната организација Хемоникс. Еден од условите на Хемоникс за ДКСК бил да обезбедат потврда дека Владата нема доволно средства за изработка на овој софтвер. 

„Јас бев на средба со премиерот Зоран Заев, по што добивме потврда дека Владата ќе обезбеди простории и човечки ресурси за ДКСК, а дека би било добро Хемоникс да даде поддршка за изработката на софтверот“, објаснува Ивановска. 

Од Владата им било ветено дека најдоцна до 15 октомври 2019 ќе бидат обезбедени новите простории за Комисијата, каде ќе може да се вработат и сместат повеќе луѓе. Планот беше ДКСК да се пресели во новата административна зграда на А.Д. За станбен и деловен простор која се наоѓа позади објектот на МНТ. Но, поради низа одолговелкувања и процедури, Владата не го обезбеди новиот простор и комисијата и’ денес се уште е сместена во старите простории во Градски ѕид во центарот на Скопје.

Лани во ноември Хемоникс се откажа од соработката со ДКСК. Повлекувањето на поддршката, како што и’ било соопштено на ДКСК, делумно било поради неисполнувањето на уловите за простории и човечки ресурси, но главно поради тоа што немало да има доволно време да се реализира изработката на софтверот во временската рамка на проектот на Хемоникс со УСАИД.

Седница на Државната комисија за спречување на корупција

Втор неуспешен обид

Кога на 28 август 2020 година, Државната комисија за спречување на корупција го објави тендерот за набавка на електронски регистар на избрани и именувани лица, претседателката на комисијата Билјана Ивановска со ‘последна надеж’ го означи почетокот на изработката на интероперабилниот електронски систем на ДКСК. За еден месец подоцна, истиот да биде поништен поради несогласување при начинот на изработката. 

Откако Хемоникс се повлекле од поддршката за изработка софтверот за ДКСК, Владата на Репбулика Северна Македонија во буџетот за 2020 година одвоила 10 милиони денари за Антикорупциската комисија сама да спроведе тендер.

Затоа што веќе имале подговено техничко решение кое го работеле со поддршка и консултанти најмени од Хемоникс во периодот за подготовка, но сега парите одвоени во новиот буџет не биле доволно за да го реализираат истото, одлучиле да го изработат само првиот модул од софтверот. 

Софтверот на ДКСК треба да е составен од три различни модули. Првиот дел е електрноското поднесување на анкетни листови или регистар за избрани и именувани лица. Вториот дел е поврзаноста на комисијата со базите на 17 државни иинстуции. И третиот дел е за интерното работење и постапување по пријави на комисијата. Три компоненти кои заедно треба да и понудат решение на комисијата за брзо и успешно гонење на корупција. 

Тендерот за изработка на регистарот се објавува на 28 август со техничиките спефицикации адаптирани од првата верзија. Ново старото решение го работеле Милан Аризанкоски и Адем Зубери, двајцата вработени со договор на дело во ДКСК како ИТ поддршка. 

Но, неколку дена по објавувањето на тендерот, професорот Марјан Гушев од Факултетот за информатички науки и инженеринг, кој бил дел од креирањето на првото решение како консултант најмен од Хемоникс, дава негативно мислење за начинот на изработка предвиден во новата спецификација. 

„Техничката спецификација дозволува произволно толкување на реализација на целото решение, не вградува доволно безбедносни решенија кои ќе обезбедат заштита на податоците и сигурна работа и не предвидува интероперабилност со можни надградби или интероперабилност со други институции,“ се трите клучни заклучици кои професорот Гушев ги истакнува во неговата евалуација.

Тој дополнително дава објаснување и препораки за како новото техничко решение може да се подобри, во делот на безбедноста и можноста за надградување.

На другата страна, Милан Аризанкоски, кој е и еден од креаторите на електронскиот систем на Министерство за здравство – МојТермин, смета дека функционалноста на неговото решение за ДКСК било подобро и предвидувала доволно безбедносни протоколи.

„Концептот на професорот беше да за секоја метода, за секоја операција внатре во систмот, независно дали е влез или излез на податоци, да се развие посебен веб сервис. Што сметам дека многу го отежнува решението, особено што и многу ќе ја зголеми цената. Но, и тешко решение за било кој да продолжи да го надоградува,“ вели Аризанкоски во разговор со ИРЛ.

Тој појаснува дека главниот проблем кој бил посочен кај неговото решение е можноста за надоградба, но вели дека сепак тоа не е така и истото било присопособено за лесно надоградување. 

„Тие сметаа дека со ова решение потоа ќе бидат обврзани цело време да работат со една компанија. Но, тоа не е точно, затоа што според Законот за јавни набавки економскиот оператор треба да го предаде целиот изворен код, но и да се пријави секоја измена на истиот. Понатака било кој што ќе го има изворниот код, целосната документација и архитектурата на базата, ќе може да го продолжи решението.“ вели Аризановски.

Поделени меѓу две спротивни мислења во областа комјутерски инженеринг која е тешка да се разбере, членовите на комсијата по консултација со неколку други експерти во ова поле, на 24 септември носат одлулка за поништување и на оваа тендерската постапка.

Сега, ДКСК повторно се надева на милоста на функционерите, овој пат во полунов состав, дека за наредната година ќе им обезбедат доволно средства од буџетот за да може да го изработат целосното софтверско решение. Претседателката Билјана Ивановска вели дека нема да се откаже од овој предизвик, а до тогаш останува да работат по стариот принцип, без дигитални алатки и поврзаност со другите институции.

Функционерите се комотни

За две години Антикорупциската комисија отворила постапка за проверка на имотната состојба само на 9 функционери. По добиени сознанија од Стејт департментот за злоупотреби и коруптивни дејства лани антикорупционерите почнала постапка за испитување на потеклото на имотот на девет судии. Но, наместо ДКСК, истрагата ја врши Финансовата полиција. 

„Предметите беа предадени во Управата за финансиска полиција, бидејќи ние немаме услови, ни можности да ги истражуваме“, вели Ивановска.

Во 2019 година Антикорупциската комисија направила годишен план за проверка на имотната состојба и судирот на интереси на сите членови на јавни претпријатија и акционерски друштва со државен капитал, потоа членовите на актуелниот и претходниот состав на Владата, како и на пратениците во Собранието. 

Но, поради отсуство на софтверот, долгиот период за обезбедување на потребните податоци, како и малиот број на вработени во ДКСК, лани под мониторинг биле само 220 анкетни листови. Од нив, 84 функционери добиле прекршочна казна за непријавување или ненавремено поднесување на анкетен лист. За ниту еден не е отворена постапка за испитувања на потеклото на имотот.