Press "Enter" to skip to content

Снимател и водителка меѓу партиските кадри кои станаа посебни советници на министрите

Снимателот и монтажер Тони Николовски, сопруг на поранешната советничка на премиерот Зоран Заев, Ленче Николовска, стана посебен советник за односи со јавност на министерот за земјоделие и шумарство. Телевизиската водителката Зорица Андреева и’ стана советник за евроинтеграции на министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. И двајцата не се експерти во својата област. Но, ним и речиси целиот список на посебни советници во Владата ги врзува една работа – лојалноста кон владејачките партии.

Пишува: Маја Јовановска
Дополнително известување: Дајана Лазаревска
Илустрација: Лука Блажев

Телевизиска водителка е советник за евроатлантски интеграции. Новинарка води политики за семејство и социјална заштита. Снимател е назначен на позиција советник за односи со јавност. ИРЛ ги објавува имињата на луѓето кои министрите ги одбраа да бидат нивни посебни советници. Од добиените биографии и разговори со дел од нив, евидентно е дека изборот не е направен врз основа на нивната стручност и квалитет, туку пресудна била партиската припадност или личните релации. 

Експертите велат дека е разбирливо секој министер да сака да донесе човек од доверба на позицијата посебен советник. Но, проблемот е што ниту партијата не промовира систем на заслуги во своите редови, па местата за посебни советници не им ги нуди на своите стручни кадри од партиското членство.

„Ако кабинетот треба да има своја функција, тогаш посебните советници треба да имаат и стручност за позицијата која ја заземаат. Без разлика на дискрецијата во изборот на кабинетски соработници, граѓаните немаат должност да плаќаат неработници или некадарни советници“, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија – Социетас Цивилис.

Посебните советници се вработуваат на определено време и нивното вработување трае до истекот на мандатот на министерот. Овие луѓе се најблиските соработници на министерот и котираат највисоко во хиеархијата на администрацијата. Министерот може да не ангажира посебен советник, но доколку реши да го стори тоа институцијата мора да распише оглас, вели Неда Малеска директор на Центарот за управување со промени. 

„Во праксата искуството покажува дека функционерите најчесто знаат кој ќе биде нивниот тим, а потоа го задоволуваат и формалниот дел од постапката“, изјави Малеска.

ИРЛ од сите шеснаесет министри, четворицата вицепремиери и премиерот Зоран Заев побара листа на посебни советници ангажирани во нивните кабинети, нивни биографии, дали бил распишан оглас и висината на нивната месечна плата. На прашањата не одговорија од Владата, од Кабинетите на вицепремиерите, Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии. Побараа информациите да ги бараме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. 

Истражувањето покажа дека министрите различно го толкуваат Законот за вработените во јавниот сектор. Дел од министрите посебните советници ги ангажирале без оглас. Кога има оглас, тогаш тој е наменски за одредено лице. Платите варираат од 36.000 денари до 52.000 денари. 

Во првиот дел од истражувањето објавуваме дел од посебните советници кои добија место во министерските кабинети.

Сопругата во агро-бизнисот, сопругот советник во земјоделие

При распределбата на ресорите во владата, Министерството за земјоделство му припадна на коалицискиот партнер на СДСМ, партијата БЕСА. За министер е именуван генералниот секретар на партијата Арјанит Хоџа. Тој веќе го состави својот тим од тројца посебни советници, за чие ангажирање немало распишано конкурс. Хоџа ќе го советуваат Аднан Селмани и Дритан Рамадани, за кои Министерството не испрати биографии. Третиот, кој последен е одбран е Тони Николовски. 

Фото Фејсбук 2015 / Тони Николовски

Николовски во биографијата напишал дека има завршено средно гимназиско образование, а како вештини дека лесно се прилагодува, посветен е и добро организиран. 

„Поседувам добри комуникациски способности и имам средно познавање од англиски, француски, БХС (босанско-хрватски-српски) јазик. Секогаш користам можност да научам нешто ново“, пишува Николовски во својата биографија.

Николовски работел како монтажер и снимател во Македонската национална телевизија, Канал 5 и А1 Телевизија. По затворањето на А1, Николовски бил задолжен за видео продукција во семејниот интернет портал Бриф.мк. Од 2015 до неодамна Николовски бил снимател и монтажер во државната турска новинска агенција Анадолу. 

Биографија на Тони Николовски

Министерот Хоџа вели дека Николовски е негов советник за односи со јавност и го одбрал исклучиво поради неговиот квалитет. 

„Со Тони Николовски се познавам веќе 15 години и со оглед на неговото искуство во медиумите, решив дека тој одговара за позицијата“, ни изјави министерот Хоџа.

Во јавноста многу повеќе е позната сопругата на Тони Николовски, Ленче Николовска. Таа беше новинарка во А1 телевизија и ја водеше земјоделската емисија „Фармер“. Стана контроверзна и влезе во конфликт со колегите кои се жалеа на обиди за цензура откако истовремено ја водеше кампањата на сега згаснатата Партија за економска обнова (ПЕО), основана од сопственикот на телевизијата Велија Рамковски. Во периодот од 2007 година имаше и заеднички трибини со тогашниот вицепремиер за финансии Зоран Ставревски што дополнително ја изложи телевизијата на јавни критики бидејќи истите се емитуваа и на телевизијата.

По затворањето на А1 телевизија, во 2011 година прејде во СДСМ и стана пратеничка во Собранието. Николовски беше десна рака на својата сопруга за време на целата нејзина кариера и во А1 телевизија тие му одговараа единствено на сопственикот.

Во 2017 година премиерот Заев ја назначи за негова посебна советничка за земјоделие. Ленче Николовска лани во ноември на нејзино барање ја напушти советничката позиција и најави дека преку личен приватен проект ќе им помага на земјоделците. Тогаш таа го формираше специјализираниот портал Агротим.мк. 

Работи односи со јавност, а не одговара на прашања на медиумите

Во власта сега влезе нејзиниот сопруг, токму во Министерството за земјоделие. Министерот Хоџа не гледа судир на интереси во неговото назначување.

„Нема никаков судир на интереси со функцијата на мојот посебен советник и приватниот бизнис на неговата сопруга. Напротив, јас Ленче ја запознав дури откако Тони Николовски стана дел од мојот тим.“, рече Хоџа.

Тони Николовски не одговори на телефонските повици и пораки на новинарите на ИРЛ. Му пишавме и СМС порака, како и пораки на социјалните мрежи кои ги користи, но советникот за односи со јавноста до објавувањето на овој текст не одговори на повиците и пораките пратени од повеќе членови на тимот на ИРЛ.

Фото Фејсбук 2020 / Ленче Николовска со премиерот Зоран Заев и поранешниот министер за земјоделие Љупчо Николовски

Посебните советници се оставени под радар, вели Миша Поповиќ. Тие се обврзани да поднесуваат анкетни листови до Антикорупциската комисија за нивната имотна состојба. Но, многу мал дел од нив ја ставиле на увид на јавноста.

„Причината е поврзана со природата на нивната работа – тие ги советуваат министрите во носење одлуки. Затоа ние како граѓани, преку институции на контрола како ДКСК имаме право да знаеме кои се нивните интереси, за да се спречи да влијаат на политика каде се во судир на интерес“, вели Миша Поповиќ.

Телевизиска водителка ја советува Шахпаска за евроинтеграции

Во кабинетот на министерката за труд и социјална политика,Јагода Шахпаска, ангажирани се три посебни советнички. Министерката објаснува дека не бил  распишан оглас за нивно вработување, бидејќи биле ангажирани преку агенција за привремени вработувања. 

„Јас избрав советници на кои можам да им верувам и кои се одговорни и квалитетни кадри.“, ни изјави Шахпаска.

За прашања поврзани со политики за социјална заштита и заштита на деца Шахпаска ќе ја советува поранешната новинарка Татјана Поповска, чиј месечен ангажман изнесува 52.000 денари. Таа беше новинар во повеќе дневни весници, а во 2017 година како кадар на СДСМ стана Советник за политички систем во Парламентот. Оттаму Шахпаска ја повлече во нејзиниот кабинет. 

Втората советничка за труд, вработувања, пензиско и инвалидско осигурување е 58 годишната Татјана Сугарева која доаѓа од Фондот за здравствено осигурување. Сугарева повеќе од три децении, од 1987 до 2020, работела на повеќе позиции во Фондот за здравствено осигурување. 

Тимот го комплетира со 41 годишната Зорица Андреева која во нејзината биографија напишала дека е одговорна и прецизна личност. Кариерата на Андреева се движела од сопственичка на бутик, а потоа влегла во новинарските води. Работела како водител на емисии на ТВ Сонце, потоа АБ Канал и ТВ 24. Во кабинетот на Шахпаска ќе биде посебен советник за прашања поврзани со политики за евроинтеграциски процеси и администрација. Андреева на оваа позиција доаѓа од СДСМ, каде од јуни 2018 година работела како пишувач и ПР акаунт. 

Фото Фејсбук 7 април 2019 година/ Зорица Андреева (прва од десно) пред штабот на СДСМ

Зорица Андреева беше изненадена зошто ја бараме лично да разговараме за нејзината функција. Рече дека нема ништо чудно во тоа што се нафатила да биде советник за  прашања за кои нема големи познавања.

„Се чувствувам подготвена, иако прв пат се соочувам со овој предизвик“, рече Андреева. 

На прашањето како ќе дава совети за евроинтеграции кога не ја владее материјата, таа рече „преку учество на проекти, во консултација со сектори претпоставува дека ќе навлезе подлабоко во проблематиката”. Дали партиската припадност била пресудна за да биде именувана за посебен советник.

„Не е вистина тоа“, одговори Андреева. 

Министерката ја оправда својата советничка дека иако немала досега искуство со евроинтеграциите, сепак верува дека таа ќе ја совлада материјата. 

„Андреева е присутна на сите мои состаноци, на кои станува збор и за нашето членство во евроинтеграциите. Особено сега кога сме во предворјето на Европската Унија и се очекува почеток на преговори, функцијата на Андреева е неопходна и во Министерството за труд и социјала“, вели министерката за ИРЛ. 

Платата на Андреева е 36.000 денари месечно.

Биографија на Зорица Андреева
Биографија на Зорица Андреева

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


Оглас за советник од редовите на ДУИ

Во Кабинетот на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, моментално е вработен еден посебен советник за координација на проекти. Бил распишан оглас на 7 септември, на кој се јавил единствено  35 годишниот Арсим Фидани. 

„Јас работев во Министерството за локална самоуправа и се заинтересирав за позицијата посебен советник во Министерството за животна средина. Министерот Нуредини претходно не го познавав. Му се јавив, се видовме и разговаравме за позицијата и потоа решив да се јавам на огласот“, рече Фидани. 

Фидани е дипломиран компјутерски инженер на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а магистрирал во Шведска. Во државната управа влегува како асистент на ДУТ Тетово, а од декември 2013 до август 2018 година работи како советник за ИТ во Министерството за локална самоуправа, а потоа и раководител во истото министерство.

На нашето прашање дали е член на политичка партија, рече дека е од ДУИ. За неговиот ангажман месечно ќе добива 42.000 денари.

Засега министрите за внатрешни работи и економија немаат ангажирано посебни советници. Во Министерството за култура и транспорт и врски во тек се огласи за избор на посебни советници.

Власта се фали со мерит, но ЕУ не и верува

Европската Комисија синоќа го објави годишниот извештај за Северна Македонија. Слаба точка и натаму останува реформата на јавната администрација. Во овој дел Македонија се оценува како „умерено подготвена“. 

„Државната комисија за спречување на корупција продолжи да ги адресира обвинувањата за непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на вработување на во јавниот сектор. Треба да се обезбеди соодветно следење на извештаите и препораките на Државната комисија“, пишува во Извештајот.

По формирањето на владиниот кабинет првиот чекор на премиерот Заев беше доделувањето на мандатните писма на министрите со јасни насоки дека треба да го слушаат гласот на народот и да им служат на сите граѓани.

„Имаме обврска да ги исполниме очекувањата на сите граѓани, а мандатните писма се еден доказ, нешто што постојано ќе нѐ потсетува на она на кое сме се обврзале“, изјави Заев.

Токму министрите ги направија првите вработувања во јавната администрација. Во следните две недели ќе се бираат функционерите од третиот ешалон – директори на јавни институции.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.