Press "Enter" to skip to content

ДКСК го затвори предметот за Мицкоски – побара од Заев да испитува судир на интереси кај Анѓушев

Државната комисија за спречување корупција донесе иницијатива со која од претседателот на Владата, Зоран Заев, се бара да поведе постапка за утврдување на одговорност на вицепремиерот Кочо Анѓушев по владината одлука за намалување на царината за литиумски батерии за акумулатори.

Претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, при образложението врз основа на добиената документација и интервјуто направено со Анѓушев, рече деча предметот може да се подели во две фази.

Во првата, има барање од фирмата „Брако“ да се намали или укине давачката за литиумски батерии до Стопанска комора, а во втора фаза доаѓа писмо за интерес за странска инвестиција проследено до повеќе институции, што произлегува од остварена средба на Анѓушев со полската фирма „Полмод“, која би била извезувач на овие батерии.

Анѓушев поднел известување до Владата дека се иззема од расправата за мерката во првата фаза, но не го направил тоа во втората фаза, при што е констатиран приватен интерес.

Вицепремиерот учествувал на 36.владина седница каде што се разгледувала точката и дал свој предлог како да се дополни за точката биде прифатена.

Оваа одлука на ДКСК беше усвоена по 30-минутна дебата на членовите, со четири гласови За, и два против.

Членовите кои гласаа против, фрлија сомнеж дека не можат комплетно да бидат сигурни дали постои прикривање и злоупотреба, бидејќи Анѓушев веќе кажал преку своето изземање и одговорноста за негово исклучување од седницата е на тој што ја водел расправата и службите, кои требале да го предупредат.

Сепак, според мнозинството од комисијата, законот укажува дека одговорно лице, особено од редовите на Владата, треба да пријави и да се изземе кога постои судир на интереси, а според нив, клучното прашање е дали Анѓушев имал интерес од Одлуката за намалување на царината од 15 на 0 проценти.

На денешната седница антикорупциониерите исто така го затворија предметот против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој се однесуваше на добивање концесија за изградба на хидроцентрали додека бил директор на ЕЛЕМ и советник на поранешниот премиер Никола Груевски.

Антикорупционерите утврдија дека во случајот не постои судир на интереси бидејќи кога бил распишан тендерот, Мицкоски не извршувал никаква функција, па така предметот беше експресно затворен и архивиран.

„Наводите во јавноста и медиумите околу средствата и финансирањето на неговите компании се неточни. Тој дојде во ДКСК и имавме многу конструктивно интервју. Во април 2015 тој е избран за советник на тогашниот премиер Никола Груевски. Во моментот кога се распишува тендерот тој не извршува никаква функција“, рече Катица Николовска, член на ДКСК.

Предметите за Мицкоски беа отворени по допрен глас, односно по прес-конференција на СДСМ, на која беше повикана Антикорупциска комисија да ја испита сопственоста на хидроцентралата во која Мицкоски имал удел како сопственик на фирмата „Енерготек ДОО Скопје“.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »