Премиерот Зоран Заев на денешната седница на Собранието го повлече предлогот тој самиот да биде и министер за финансии и рече дека со овој ресор ќе раководи додека не биде избран нов министер.
„Сакам да се заблагодарам на сите министри кои дадоа оставка и им посакувам успех на личен и професионален план. Функцијата претсетадел на Влада и министер е неспоива, но Уставот дозволува премиерот да биде и министер. Јас ќе раководам со Министерството за финансии, се додека не се избере нов министер“, истакна Заев.
Образложувајќи го овој чекор, тој рече дека мора да се послушаат сугестиите на опозицијата, како и Антикорупциската комисија, која, според него, испратила сериозна порака.
„Уставот и Законот за Влада дозволуваат премиерот да биде и министер. Сепак, му дадов налог на кабинетот да ја повлече мојата кандидатура за министер за финансии. Согласно овлатувастувањата со Законот за Влада, ќе раководам со Министерството за финансии, се до изборот на нов министер“, рече Заев.
Антикорупциската комисија денеска го извести Собранието дека предлогот премиерот Зоран Заев да биде истовремено и министер за финансии е спротивен на Законот за спречување корупција и судир на интереси, бидејќи, согласно законот, двете функции се неспоиви.
„Избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите. Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга“, стои во Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.