Press "Enter" to skip to content

Заев го укина СЈО, Вилма е новата Катица

19.07.2019

Специјалното јавно обвинителство се укинува и оди под капата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а нова шефица ќе биде обвинителката Вилма Рускоска. Новото име на оваа институција ќе биде Обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

Ова го пишува во новиот предлог-закон кој Владата самостојно го подготвила и планира во понеделник да го достави до Собранието и до другите политички партии.

Премиерот Зоран Заев рече дека на ваков чекор се одлучиле бидејќи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не сакал да учестува на лидерска средба.

„Текстот ги вградува оние точки за кои сме разговарале досега со опозицијата и другите пратенички групи, кои сметам дека можат да бидат прифатливи за најголем дел од пратениците. Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во новото обвинителство. Нивниот мандат е до 15 септември и имаат право на реизбор. На овој начин ќе обезбедиме досегашните ресурси на СЈО во нова форма и без никаква можност политичарите да влијаат на изборот на обвинители. Тоа ќе биде работа на Советот на Јавни обвинители, ќе нема нови проблеми за избор на нов шеф. Сите случаи на СЈО пред судовите ќе ги продолжи новото јавно обвинителство, а постојните вработени преминуваат во новоформираното обвинителство. Според текстот на предложениот закон, првиот човек на ова обвинителство ќе може да се разреши само со двотретинско мнозинство од членовите на Советот на јавни обвинители“, кажа Заев на прес-конференција во Владата.

Тој кажа дека новото обвинителство ќе има финансиска самостојност и висината на средствата на ново обвинителство ќе се утврдува на предлог на шефот на ова обвинителство, кој ќе го достави до Јавниот обвинител и Министерството за финансии, а Владата и Собранието ќе немаат право на измени.

Премерот очекува новиот закон да биде изгласан до крајот на месецов или откако ќе се вратат пратениците од одмор.