Press "Enter" to skip to content

Виктор и Никола: Историја на една долга врска од интерес

31.03.2020

Што имаат заедничко Виктор Орбан и Никола Груевски? Што е она што толку го задолжи унгарскиот премиер за тој да му пружи засолниште на озлогласениот балкански автократ? Врските меѓу Груевски и самопрогласениот заштитник на христијанството во Европа одат многу подлабоко од последната владејачка декада на актуелниот македонски бегалец од правдата.

И двајцата не сакаат бегалци – муслимани. И двајцата имаат заеднички замислен непријател – милијардерот Џорџ Сорос. Зборот „либерал“ го употребуваат со негативно значење. И двајцата отворено демонстрираа дека се против демократските вредности воопшто. Ги нарекуваат популисти и автократи. Користеа речиси идентичен модел на корумпирање на медиумите – владини реклами. И двајцата ја добиваат првата премиерска функција на свои 35 пет години.

Почетокот на едно долго пријателство

Никола Груевски првпат добива избори и прилика да ја води Македонија во 2006 година. Речиси една деценија порано, Виктор Орбан првпат станува премиер во 1998 година со мандат до 2002-та и со тоа станува најмладиот премиер во Унгарија. Истата година, Македонија го бира својот втор најмлад премиер во историјата – Љубчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, мандатарот кој за свој министер за финансии го одбира токму Никола Груевски.

Првите зделки кои ги вклучуваат двете држави се случуваат за време на приватизацијата на акционерско друштво „Македонски Телеком“. По приватизацијата на унгарскиот телеком во доцните 90ти, најголемиот унгарски телекомуникациски оператор „Маѓар Телеком“ – фирма подружница на „Дојче Телеком“, се впушта во нова стратешка авантура – пробивање на пазарот во Југоистична Европа. „Маѓар Телеком“ ги купува дотогаш државните телекоми во Црна Гора, Романија, а во 2001 година под водство на Груевски како министер за финансии се продава и Македонскиот Телеком. Телекомот се продава за 350 милиони евра со загарантиран монопол од четири години, бидејќи Македонија се обврзува пред ЕУ дека од 1. јануари 2005 година ќе има комплетно либерализиран телекомуникациски пазар. Но, во 2004 година новиот закон за телекомуникации се одложува, а неколку години подоцна се обелоденува аферата „Телеком“. Се открива дека Унгарците во тоа време поткупувале политичари и од власта (СДСМ) и од опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) со цел да ја одложуваат либерализацијата и да го продолжат монополот од којшто штета видоа македонските граѓани кои многу долго плаќаа скапи импулси.

Архивска фотографија од страница со сторија на неделникот „Фокус“ од 2001 година. На фотографијата е самиот Груевски како министер за финансии во текст кој што е критичен кон неговите политики

Во 2015 година со сведоштвата на Слободан Богоевски и новинарските истражувања се сугерираше дека компанијата за маркетинг и истражување „Аналитико“ основана од речиси половина од членовите на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, склучила сомнителен договор со Маѓар Телеком за услуги кои одат преку наменски формирани компании за исплаќање на поткупот со фиктивни договори. Договорот е потпишан непосредно пред Груевски да ја преземе власта во 2006 година, односно во мај или еден месец пред изборите, на кои на човекот кој ја осмисли приватизацијата на Телеком му се даде доверба која траеше повеќе од 10 години. За потсетување, Аналитико не беше било чија фирма, туку фирма на идните највидни функционери и најлојални луѓе на Груевски како Гордана ЈанкулоскаМиле ЈанакиескиСашо МијалковЕлизабета – КанческаКирил Божиновски и други лица познати на македонската јавност.

Архивска фотографија 2009. Од лево кон десно: Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков (позади).

Како обвинителот од доверба ја скрои истрагата по мерка на Груевски

За секоја политичка партија е сон да доведе пред суд високи профили на политичари кои се огрешиле за време на власта. Но, кога срамот ги преминува границите и аферата „Телеком“ завршува пред Окружниот суд во Њујорк, се чини дека на правосудството на Груевски не му се брза да го гони поранешниот премиер на СДСМ, Владо Бучковски, за поткуп во аферата „Телеком“. Додека судот во Њујорк на обвинителната клупа ги седнува директорите на унгарскиот Телеком,  а потоа и парично ги казнува во процес во којшто тие признаваат вина, македонскиот обвинител Марко Зврлевски поднесува кривична пријава против Унгарците Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишиус од Македонски телекомуникации. Обвинет беше и член на Одборот на директори на „Каменимост комуникации“ и претставник на кипарската „Чаптекс“, Михаил Кефалојанис, но тој е мистериозно изземен од обвиненето.
Македонските органи на прогонот никогаш не ја довршија истрагата за корупцијата во „Телеком“ и никогаш не обвинија ниту еден македонски државјанин. Имаше обид и Специјалното јавно обвинителство да го преземе случајот „Телеком“, но тоа не се случи.

Елек Штрауб, директор во „Маѓар Телеком„ во времето кога се поткупуваат политичарите.

Актуелниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, како и човекот кој беше директор на АД Македонски Телеком за време на приватизацијата во 2001 година, во интервју за „Фокус“ во 2015 ќе каже дека Унгарците добиваат речиси двојно години монопол од она за кое платиле, околу 30 милиони евра по година.

„Стратешкиот инвеститор во Македонски телекомуникации дефакто си доби најмалку 7 години ефективен монопол. Притоа државата не ги доби тие 90 милиони евра доколку од самиот почеток Македонски телекомуникации беше продаден со загарантиран период на монопол од седум години. Ова ги објаснува мотивите зошто толку големи цифри на исплата на мито биле во игра. Воопшто не е спорно дека станува збор за одлука на само еден поранешен функционер на СДСМ и тројца или четворица сегашни и поранешни функционери на ДУИ. Ама на Никола Груевски, тогашен лидер на опозицијата, но и потписник на купопродажниот договор, мошне јасно му беше колку вреди една година монопол. Прашањето е, зошто сето тоа го премолчи?“, вели Дончев за „Фокус“.

Како унгарската граница пропушти шише со пари за пријателите на Груевски

Уште еден од скандалите врзани со Унгарија се случува во 2011 година кога возачот на Срѓан Керим, тогашниот директор на МПМ, издавачот на згаснатите весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, беше фатен со 750.000 евра скриени во шише во гепекот од службеното возило, упатен кон Австрија. Сега веќе згаснатата А1 телевизија објави службена белешка од унгарските власти чијашто царинска управа го сопрела возилото, ги пронашла парите, но го пуштила да помине. Унгарците во изјава за новинарите на А1 го потврдија настанот, но одбија да одговорат зошто возилото со парите биле пропуштено, иако возачот не поседувал никаков документ за потеклото на парите. Подоцна, истата година, директорот на тогашната Управата за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Ване Цветанов, обвини дека аферата со шишето го направила мета на политички прогон.

Срѓан Керим, долгогодишен менаџер на МПМ. Во јавноста важи за политичли поврзаниот бизнисмен којшто ги „груевизираше“, а потоа и уништи дотогаш угледните и влијателни критични весници на МПМ изданијата

Една нејасна шпионска афера со Унгарија

Но, судските случаи за кои постоеја сомнежи дека се политички диригирани за лични и партиски пресметки на Никола Груевски не застанаа само со кривична пријава за злоупотреба на службената должност против Ване Цветанов. Следеше контроверзниот случај „Шпион“ којшто во 2014 година заврши со судски пресуди за видни актуелни и поранешни припадници на безбедносните служби и институциите.  Обвинителството ги товареше за мрежа која што наводно шпионирала за грчката и унгарската служба. Ване Цветанов, еден од обвинетите за злосторничко здружување и оддавање службена и државна тајна, тврдеше дека процесот е политички монтиран, а дека неговата единствена комуникација со Унгарија била службена кога како директор во Управата комуницирал со унгарските служби за случајот „пари во шише“.  Подоцна кривичната против Цветанов беше повлечена. Но, останаа многу отворени прашања, а меѓу најконфузните е она зошто воопшто Унгарија би ја шпионирала Македонија.

Она што почнува со пари продолжува со орден

Додека Груевски постојано ја зацврстува својата автократска власт на куп предвремени парламентарни избори, неговиот унгарски пријател Виктор Орбан во 2010-тата, по пауза од 8 години, повторно го презема премиерскиот кабинет во Унгарија. Тогаш се пропуштија  и шишињата , а обвинителството на Швргоски и Зврлески, постапката против поткупените од Македонија и поткупувачите од Унгарија во аферата „Телеком“ ја претвори во вечност.

Точно една година откако ја презеде премиерската функција, во мај 2017-та Виктор Орбан дојде во Скопје во официјална посета на својот колега Никола Груевски. Но, Орбан овојпат се гледа со човек чија што маска на реформатор и технократ е на работ комплетно да падне пред очите на стратешките партнери на Македонија во Европа. Тоа не е пречка во 2013 година Орбан да го добие и највисокиот државен орден на заслуги „8-ми септември“ за афирмација и јакнење на меѓународниот углед и положба на Македонија. Во времето на свечености, Груевски е веќе критикуван за корупција на медиумите со цел нивно замолчување, додека Орбан почнува цврсто да ги фрла темелите на неговата, идентична како македонската, државно спонзорирана медиумска пропагандна империја.

Почесниот конзул На Унгарија во Македонија од Битола, Сашо Јанакиевски (лево), на фрлање камен темелник на нов логистички центар за унгарски производи во Илинден , 2016 година. (Читај подолу: (бизнис) релација Скопје-Будмпешта).

Владата на Груевски е позната и по популарниот потег кога склучи договор со унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ за субвенционирање на евтини летови од Скопје кон европските градови. Настрана од „Визер“, македонската влада сакаше во јавноста да споделува наратив во којшто Македонија и Унгарија се прикажуваат како големи економски партнери. Во 2012 Унгарија го отвара своето прво конзуларно претставништво надвор од Скопје, а бизнисменот од Битола Сашо Јанакиевски станува почесен конзул. Веќе во 2015 година почесниот конзул и владата заедно сечат лента на отворањето на првото претставништво на Унгарската стопанска комора во Македонија. Во медиумите почнуваат да се објавуваат стории со кои што Јанаиевски се обвинува дека со неформалната функција – конзул на Унгарија во Битола, неговиот бизнис станал локален лидер во државни тендери и во период од 6 години добил 90 тендери со неговата приватна компанија.

Сорос – заедничкиот државен архетип на совршениот непријател

По Пржинскиот договор по којшто Никола Груевски на 1 јануари 2016 година беше принуден да поднесе оставка и да отстапи простор за таканаречен технички премиер, стариот пријател Орбан почнува се поотворено да ја искажува својата поддршка за Груевски, а неа ќе ја употреби за поагресивно и поотворено да ги демонстрира апетитите за одметнување од принципите со членките во Унијата и приближување кон Путин и Русија. И двајцата автократи зад кои стојат редица скандали за корупција и организиран криминал ќе му дадат несебична поддршка на Груевски во периодот по изборите во 2016 година кога тој не успева да формира парламентарно мнозинство, а не сака да ја предаде власта на Заев. Тогаш почнува и таканаречената Анти-Сорос кампања која од локална, во Македонија, на унгарски собир со македонски новинари ќе се етаблира како глобална акција против „либералниот озогласен милијардер Џорџ Сорос“. Во интервју за тогашното истражување на Мрежата за известување за организиран криминал и корупција со кои што НОВА работеше, новинарот Љубчо Златев, присутен на собирот во Будимпешта, на прашањето зошто се против Џорџ Сорос, тој ќе каже: „Ништо лично, тој е само идеалниот непријател за во наративот, сигурно нема да се бунтувате против Шведската агенција за развој”.

Орбановиот медумски шопинг

Но, Груевски загуби. Против него се водеа и уште се водат дузина процеси – од истраги за перење пари до судски процеси за местење избори. Неговиот имиџ на недопирлив моќник брзо избледна пред стотиците часови разговори пред обвинители и судии пред целата македонска јавност. Сепак, Виктор Орбан дојде и во 2017 година да му помогне на Груевски во кампањата за локални избори, а тој вешто ја искористи истатата за да шири лажни вести за наводни бегалски кампови и цели населби во Македонија. Но, по 8 месеци се прераспределуваат силите во медиумите кога блиски соработници на Виктор Орбан ја купуваат телевизијата „Алфа“  со национална концесија, компанијата „Ем-медиа“ која издава дузина онлајн политички портали како „Курир“ кои во минатото беа поседувани од роднини на високи државни функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Кој бил есапот на Унгарците да инвестираат во комплетно нефункционалниот пазар на медиуми во Македонија, остана непознато.

Она што е познато, е дека Унгарија вложи многу за да му даде засолниште на стариот пријател. Непознато е само како навистина се случило најозборуваното бегство на политичар во Европа.