Press "Enter" to skip to content

Уште 15 дена надеж за 1ТВ, ААВМУ отпочнува постапка за одземање на дозволата

По предлог на претседателот на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Лазо Петрушевски, Советот денеска донесе решение за отпочнување на постапка за одземање на дозволата на телевизијата 1ТВ која ќе трае во наредните 15 дена.

Директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, пред Советот денеска образложуваше зошто треба да и биде одземена дозволата на телевизијата, а како главни проблеми ги посочи нецелосните информации дали телевизијата ги исполнува минималните кадровски и просторни стандарди.

„Телевизијата го исклучи, па повторно го вклучи сигналот откако имало заинтересиран купувач и емитуваше само музика па потоа музика и филмови, различно од програмската шема според која сме ја доделиле лиценцата. Управителот, Јасна Мандиќ не можеме да ја добиеме во објектот каде што беше телевизијата, а сопственикот на просторот каде што беше телевизијат рече дека раскинат бил договорот, што значи радиодифузерот диво емитувал програма“, рече меѓу другото во своето образложение Трајчевски.

Имено ААВМУ побарале документација за вработените од Агенцијата за вработување и според нивните информации телевизијата се уште ги исполнувала минималните стандарди, но конфузно е што во меѓувреме пак биле известени дека главната одговорна уредничка, Гордана Дувњак, сега била вработена во неделникот „Фокус“.

Трајчевски меѓу другото пред своите колеги објаснуваше дека побарале помош од МВР за обезбедување на документи од 1ТВ поради пропусти во емитувањето на програма, но не можат сами да ги земат поради заклучените врати на телевизијата.

Заклучокот кој ААВМУ го донесе за отпочнување постапка за одземање на дозволата ќе биде испратен и на домашната адреса на управителката Мандиќ, која пак е во домашен притвор по истрагата за Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски. Дополнително, Заклучокот ќе биде објавен и во два дневни весника.

При расправата, Советот на Агенцијата рече дека ќе побара од судот и МВР да им се дозволи на Мандиќ и на сопственикот со 95 отсто на БМЈ Медиа Груп, во чија сопственост е 1ТВ, Миле Јовановски, доколку имаат волја, на јавна седница да донесат соодветна документација со која би имало надеж дека телевизијата би продолжила да работи, а во спротивно, ќе и биде одземена дозволата.

ИРЛ објави неодамна дека додека течат истрагите на УЈП и процесите на истражните органи во случајот „Рекет“, телевизијата без официјален документ наводно „осамна“ со нов сопственик.

Пензионерот Богдан Дамјаноски склучил условен договор за купување на 1 ТВ без да биде заверен на нотар, но изјави дека тој нема да стапи на сила бидејќи инвеститорот во чие име настапувал се премислил.

Инвеститорот, чие име не сакаше да го открие, Дамјановски рече дека бил негов пријател кој живеел во Холандија и сакал да почне бизнис во Македонија. Првата опција била да ја купи 1ТВ.

Договорот за купување на уделите во БМЈ Медиа груп, фирмата која е сопственик на 1ТВ, Дамјаноски наводно го склучил прд две недели со сопствениците Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ пред тие да бидат приведени.

Тоа бил интерен договор кој се уште не бил спроведен во институциите. Дамјаноски тогаш се појавил во телевизијата и имал разговори со дел од вработените и склучил договори за работа со ветување дека ќе им бидат исплатени и заостанатите плати.

Долговите на телевизијата се околу 30 милиони денари, односно околу 400,000 евра, според информациите на Управата за јавни приходи.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »