Press "Enter" to skip to content

Укинат проектот „Радика Вилиџ“, планерската фирма може да остане без лиценца

Приватната луксузна населба „Радика вилиџ“ навидум се градеше согласно законите. Дозволата за реализација ја одобри локалната власт од Маврово и Ростуше. Четири години подоцна, Општината по налог на Државниот инспекторат за урбанизам го укина Архитектонско-урбанистичкиот проект (АУП) со кој се предвидува изградба на 87 луксузни вили. Се бара и одземање на лиценците за работа на планерската фирма која го изработи овој документ и на фирмата која била ангажирана за надзор. ИРЛ веќе објави дека спротивно на прописите, со дозвола на локалните власти се реализира бизнис идеја за елитен туризам – со луксузни вили во срцето на Националниот парк Маврово, кои се планираше да се продаваат по 200 илјади евра.

Пред четири години Општината Маврово и Ростуше на чело со градоначалникот Медат Куртовски од СДСМ, го одобри мегаломанскиот проект „Радика вилиџ“. Сега по налог на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам истата локална администрација ја укина планската документација (Архитектонско – урабинистички проект), откако инспекторите утврдиле неправилности во постапката.

Државниот инспекторат побара одговорност и од проектантската куќа „Пологпроект-про“ од Гостивар, која го изработи проектот на барање на инвеститорот „Радика Ресорт“.  Инспекторатот од Министерството за транспорт и врски бара да ја одземе лиценцата за работа на „Пологпроект-про“.

„Пристигнато е барање за одземање на лиценцата за конкретата фирма. Стручните служби во Министерството во овој момент ги разгледуваат поднесените списи и ќе постапат соодветно на законските прописи“, ни одговорија од Министерството за транспорт и врски.

ИРЛ се обрати и до Општина Маврово и Ростуше, но тие не одговорија на нашите прашања поврзани со овој случај. Градоначалникот Медат Куртовски телефонски ни потврди дека АУП – от е укинат и нè упати подетални одговори да побараме од општинските служби. Но, ниту стручните служби не одговорија на прашањата.

Како што претходно објави ИРЛ, проектот „Радика вилиџ“ е идеја на еден од најбогатите луѓе во Албанија и поранешен македонски конзул во Драч – Александер Пило. Тој бил првиот сопственик на хотелот „Радика“ кога луксузниот објект преминува од државна во приватна сопственост. Во 2017 година хотелот заедно со земјиштето од 170.000 квадратни метри  го купува Косовецот Шериф Рамука и ја почнува постапката за изградба на луксузното село „Радика вилиџ“.

Од предвидените 87 куќи, досега се изградени 17, од кои првите десет се со дозвола за градба врз основа на Урбанистички план за село, а останатите седум се донесени врз архитектонско – урбанистички проект.

Во процес на изградба беа уште девет викенд куќи од проектот, но во септември минатата година, општинскиот градежен инспектор, Ќирко Џуковски, донесе решение за уривање со образложение дека тие се градат без одобрение за градба. Со тоа, на инвеститорот му беше даден рок од 15 дена сам да ги урне деветте објекти, а доколку не го стори тоа во предвидениот рок, обврската за уривање ја презема општината. Но, ниту инвеститорот ниту општината не ги остранија спорните објекти. 

Дел од изградените луксузни вили во „Радика вилиџ“

Подоцна, Второстепена комисија за инспекциски надзор постапувајќи по жалба на инвеститорот го поништи решението за уривање на инспекторот Џуковски, образложувајќи дека тој не ги почитувал основните законски одредби при изготвување на записниците од двата извршени надзори на „Радика Вилиџ“, како и при носењето на решениeто за уривање на спорните објекти. Џуковски кој одамна е вработен во општината, сега е на позиција градежен инспектор, а две години претходно беше раководител на Секторот за урбанизам и ги потпишуваше дозволите за градба.

Општина Маврово и Ростуше до денес не урнала ниту еден бесправно изграден објект на нивна територија. Годинава во февруари за првпат објавија јавна набавка за избор на фирма која ќе урива дивоградби, но овој тендер е поништен со образложение дека „не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда“.

Маврово во изминативе години прерасна во престижна градежна оаза која се темели на луксуз спакуван во елитна викенд дестинација на само 100 километри од Скопје. Во фаза на градба се десетици станбени згради, куќи, хотели…Но, бидејќи поголемиот дел од територијата на оваа општина е во рамките на Националниот парк „Маврово“ потребно е за активностите да се побара стручно мислење од Секторот за природа, кој е посебен оддел во Управата за животна средина. Општината од 2015 година наваму само еднаш побарала стручно мислење и тоа за Урбанистички план за село Битуше.

Поврзани стории

Проект Радика: Багерите на луѓе на ДУИ профитираат од зделката за спорните вили, Куртовски нема намера да руши

Владината комисија постапи по жалбата на Радика Вилиџ, луксузните куќи нема да се уриваат

Проект Радика: Сите луѓе на ресортот

„Радика вилиџ“ се гради по незаконски донесен план – Инспекторатот за животна средина изврши вонредни надзори

 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »