Дивоградбите во „Радика вилиџ“ засега нема да се уриваат. Второстепената владина комисија за инспекциски надзор го поништи решението на општината Маврово и Ростуше за уривање на девет објекти во „Радика вилиџ“ и ја прифати жалбата на инвеститорот. Причината не е затоа што тие се легални објекти, туку бидејќи градежниот инспектор на општината Маврово и Ростуше изготвил „аматерско“ решение за уривање, надвор од сите прописи и правилници.
До општината и до инвеститорот деновиве стигна одлуката на Второстепената владина комисија за инспекциски надзор која одлучи да го поништи решението за уривање на девет луксузни вили, дел од проектот „Радика вилиџ“. Документот до кој дојде ИРЛ е напишан на девет страни и во него е наведено дека градежниот инспектор на општината не ги почитувал основните законски одредби при изготвување на записниците од двата извршени надзори на „Радика вилиџ“, како и при носењето на решениeто за рушење на спорните објекти. Надзорот го извршил Ќирко Џукоски, кој не е тазе вработен во општината. Тој е главен градежен инспектор, а две години претходно беше раководител на Секторот за урбанизам и ги потпишуваше дозволите за градба.
Владината комисија ја донела одлуката откако ги разгледала и ги прифатила аргументите во жалбата на инвеститорот на „Радика Ресорт“, Косовецот Шериф Рамука. Со ова, предметот се враќа во општината Маврово и Ростуше, која треба да постапи според укажувањата на второстепената комисија и повторно да изврши инспекциски надзор согласно сите законски процедури.
Решението за уривање беше донесено на 15 септември, еден месец пред локалните избори и во време кога мавровчани и екологистите бурно реагираа на планот за изградба на 87 викенд куќи во Леуново. Општината му даде на инвеститорот рок од 15 дена да ги урне нелегалните објекти, а доколку тоа не го стори обврската ја презема локалната власт. По решението не постапи ни сопственикот, ни општината. Градоначалникот Медат Куртовски со решението за уривање ги стивна незадоволните мештани, за сега по изборите да биде поништено решението затоа што не било напишано според прописите.
Како што објави ИРЛ, проектот „Радика вилиџ“ е идеја на еден од најбогатите луѓе во Албанија и поранешен македонски конзул во Драч – Александер Пило. Тој бил првиот сопственик на хотелот „Радика“ кога луксузниот објект преминува од државна во приватна сопственост. Во 2017 година хотелот заедно со земјиштето од 170.000 метри квадратни го купува Косовецот Шериф Рамука и ја почнува постапката за изградба на луксузно село „Радика вилиџ“ со 87 куќи. Планот почнал да го реализира со ВМРО-ДПМНЕ, а продолжил и го продлабочил со СДСМ, а од зделката ќариле и кадри на ДУИ.
Досега се изградени 17 куќи, а во процес на изградба се уште девет. Планот на сопственикот е дел од куќите да ги издава, а дел да ги продава по цена од 220.000 до 300.000 евра.
Во моментов во „Радика ресорт“ ниту се гради, ниту се урива. Градежните работи беа стопирани пред локалните избори кога се донесе сега спорното решение за уривање на девет објекти.
Сега, според насоките на Второстепената владина комисија, општината има две опции. Или укинатото решение да го обжали до Управниот суд или локалната власт и инспекторот Ќирко Џукоски да напишат нова одлука за уривање, според сите правила и прописи.
Известува: Ивана Настеска