Неформалниот сопственик и шоумен Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, е уапсен на граничниот премин Богородица и е задржан во полициска станица поради случај кој го води обвинителството за гонење на организиран криминал, потврдија од ова обвинителство за ИРЛ.
Според неофицијалните информации, Јовановски е уапсен на граничен премин при влез во земјава, а со него во полиција е задржан и бизнисменот Зоран Милевски познат под прекарот Кичеец. Од обвинителството не откриваат за каков случај се работи и за попладнево најавија прес конференција.
Бојан Јовановски од минатата година е менаџер во 1 тв, каде како сопственик се јавува неговиот татко. Неодамна Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги покрена постапка за утврдување на вистинскиот сопственик на телевизијата 1ТВ во Скопје. Ваквата одлука на Агенцијата дојде откако неколку пати Бојан Јовановски, во оваа телевизија, но и на други медиуми изјави дека е сопственик на телевизијата.