Press "Enter" to skip to content

Три работи кои треба да ги знаете за пописот

Пописот на население е исклучително важна статистичка операција, без која не може да се кројат успешни политики во областа на економијата, здравството, образованието, инфраструктурата, енергетиката, социјалата, руралниот и регионалниот развој, земјоделството и останати области.

По речиси две децении, Македонија ќе спроведе попис. Пописот во земјава повеќе се доживува како политичка отколку како статистичка операција. Последниот обид да се направи попис во време кога на власт е коалцијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пописот пропадна следен со контроверзии и обвинувања за местења. Најавите за попис повторно го предизвикуваат политичкото внимание.

Кога и каков попис ќе има Македонија

Според предлог-законот пописот ќе се спроведе  од 1 до 21 април 2020 година. Според предлог-законот за Пописот ќе бидат потребни 522 751 000 денари или 8,5 милиони евра. Директорот на Агенцијата за статистика информира дека пописот ќе се прави со таканаречен комбиниран модел кој што се спроведувал за прв пат во земјава. Тоа значи дека истовремено ќе се попишуваат луѓе преку директни интервјуа на терен, а ќе се користат и базите на податоци креирани од институциите. Дијаспората ќе може да се попише на посебна веб апликација, а во населението ќе се бројат само оние кои престојуваат надвор помалку од една година, барем така тврдат претставници на власта.

Во статистичката операција ќе учествуваат околу 6.000 лица, околу 5.000 попишувачи, околу 500 реонски инструктори и околу 200 државни инструктори и членови на комисиите. Сите тие ќе работат во 45 пописни реони низ земјата.

Неуспешниот попис поради политичките несогласувања на тогашните владејачки партии од 2011 според СЈО, ја чинеше државата над 175 милиони денари.

Опозицијата веќе ја обвини власта дека ќе правела „криминален попис“  и не ги консултира. Власта врати дека имале време да пратат забелешки на предлогот и ги обвини дека тие „намерно не направиле попис цели 11 години додека биле на власт“. Во основа, препукувањата помеѓу партиите на дневна база се обемни и лишени од суштина.

Македонија и Украина – последните европски земји без попис 

Северна Македонија и Украина се единствените држави во Европа и едни од малкуте во светот кои немаат направено попис повеќе од 10 години. Тие се заедно на листата со Централна Афричка Република, Конго, Сомалија, Ирак, Пакистан, Авганистан, Узбекистан и уште неколку други. Пописот на Украина е закажан за следната година. И тие, како и ние, немале попис од 2001 година, а последниот го закажуваат и презакажуваат од 2011 наваму.

Последниот успешен попис е спроведен пред 17 години. Според податоците од пописот во 2002, државата има 2, 022, 547 жители.  Најбројни се Македоците со 64.18%  и Албанците со 25.17%, а трети најбројни се Турците со  3.85%. Според податоци од Светска Банка, до 2010 од Северна Македонија се имаат иселено над 440 илјади луѓе.

Последниот обид за попис заврши со истрага за криминал

Во 2011 година Македонија спроведуваше попис. Барем се обиде. Несогласувања се појавија уште додека се носеше Законот за попис, но ситуацијата ескалираше кога тогашната претседателка на Државната комисијата за попис, еден ден пред започнување на пописот даде оставка. По неа дадоа оставки и останатите членови на Комисијата. Претседателката Весна Јаневска како причина за својата оставка го наведе сомнежот дека се подготвува фалсификат, а пописот официјално заврши со донесување на Законот за престанување на важењето на Законот за попис.

Во март 2018 година, СЈО отвори истрага против поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети со што ги осомничи дека намерно го прекинале пописот и го оштетиле државниот буџет за 175 милиони денари. Фатиме Фетаи од СЈО на прес-конференција во 2018 изјави дека осомничените го стопирале пописот затоа што знаеле дека ќе им се нанесе штета на нивните партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тие се договориле во јавноста да прикажат дека причина за прекинот на пописот се проблеми од техничка природа, како некадарност на Државниот завод за статистика и на Комисијата за попис. Но до денешен ден, нема разрешница на отворената истрага.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »