Press "Enter" to skip to content

Тесна трка со времето за избор на Државен ревизор

Ако за две недели Собранието не избере кандидат за Државен ревизор, инстуцијата која треба да е чувар на јавните пари ќе биде целосно закочена.

Откако пред две години му истече мандатот на Државниот ревизор, за две недели му истекува мандатот и на заменикот Насер Адеми кој досега беше потписник и ја вршеше работата на главниот ревизор, а чија функција завршува на четврти октомври.

Се додека не се избере нов ревизор, ДЗР нема  да може да прави ревизорски извештаи, затоа што нема да има кој да донесе годишни програми за работа, нема да може да се прават и потпишуваат извештаи, ниту пак вработените ќе можат да земаат плата, што значи ќе има целосна блокада на оваа институција.

Адеми за ИРЛ вели дека пред неколку дена испратил писмо до Собранието за да ги информира дека и неговиот мандат завршува, но дека досега од таму одговор нема добиено.

„Мислам дека сега кога знаат дека институцијата нема да има потписник и дека ќе биде закочена работата, ќе ја забрзаат целата процедура. За ситуацијата информирана е и канцеларијата на Европската Унија и Министерството за финансии. Се надевам дека работата брзо ќе биде завршена“, изјави Адеми.

Изборот на Државниот ревизор заглавен во Собрание

Мандатот на претходниот директор на ДЗР истече во 2017 година, а оттогаш пратениците во Собранието не можат да се договарат и да изберат нов директор.

Лани се распиша оглас за избор на Државен ревизор, но имињата не стигнаа до пленарна седница. По неколку одржани седници на Комисијата за избори и именувања, процедурата се закочи.

Претседателот на Комисијата, Илија Димовски рече дека кандидатот кој требало да биде избран требало да достави уште еден документ за завршен странски јазик. Оттука работата се закочува и веќе десет месеци не може да се избере прв човек на ДЗР.

„Комисијата ќе биде закажана наредната недела. Во тек сме дека истекува и мандатот и на заменикот. Јас изминативе месеци имав неколку обиди да закажам комисија, но од пратениците од власта имав препораки да почекам, затоа што не биле спремни со кандидат“, изјави Илија Димовски.

Пратеничката од СДСМ, Ивана Туфегџиќ потврдува дека работата била речиси завршена.

„Стигнавме до избор, но остана предмет на разговор затоа што се разговараше да се направи прераспределба во собраниските комисии, од причина што сегашната состојба не ја отсликува реалната состојба во Собранието“, рече Туфегџиќ.

На огласот за Државен ревизор се пријавија 12 кандидати меѓу кои и досегашниот заменик државен ревизор.

Државниот завод за ревизија започна да функционира во почетокот на 1999 година, со девет вработени, преземени од Дирекцијата за економско – финансиска ревизија во поранешниот Завод за платен промет.

Покрај ревизијата на регуларност (финансиска ревизија заедно со ревизија на усогласеност), од 2005 година, Државниот завод за ревизија врши и ревизија на успешност, а од поново време и ревизии за следење на дадените препораки и тематски ревизии.

ДЗР истражува дали финансиските извештаи вистинито и објективно ја искажуваат финансиската состојба и каков е резултатот на финансиските активности во согласност со прифатените сметководствени начела и сметководствени стандарди.

ДЗР врши и испитување на финансиските трансакции кои претставуваат јавни приходи и јавни расходи во смисла на законско и наменско користење на средства.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »