Press "Enter" to skip to content

Студентите по архитектура во битката за спас на Дебар Маало

На тротоарот пред Општина Центар, 50 студенти од Архитектонскиот факултет понудија решенија за урбанистичко преобликување на 15 локации во Дебар Маало, со што ќе се ослободи јавниот простор и ќе биде достапен за користење од страна на сите граѓани. Реконструкцијата на Дебар Маало треба да го подобри квалитетот на секојдневното живеење, внесувајќи зеленило и свежина во сивото пренатрупано подрачје.

Изложбата се одржа во рамките на кампањата за подобра животна средина на #НеИгнорирај #Реагирај, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Решенија на студентите за ослободување на јавниот простор
Решенија на студентите за ослободување на јавниот простор

Жанета Трајковска од Институтот за комуникациски студии вели дека од следната недела проектите ќе бидат подлабински презентирани на градоначалникот и на Општината со што дел од овие проекти ќе влезат во планот за реконструкција на Дебар Маало на Општина Центар. Оваа иницијатива ја посочува како одлична прилика за валоризирање на трудот на студентите што проектираа креативни и модерни решенија кои може да му дадат нов современ дух на Дебар Маало.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ за ИРЛ изјави дека тој ќе даде се од себе сите овие проекти да бидат прифатени, што дополнително ќе биде стимул за студентите и младите.

„Дел од проектите може да бидат реализирани веднаш, одредени решенија поврзани со сообраќај ќе треба да ги направат и општината и градот. На пример ако се планира да се направи игралиште каде поминува сообраќајница, треба да се донесе решение за забрана на возила за што е потребен и Град Скопје. Ако со службите ги прифатиме поголемиот дел од решенијата отприлика за една година може се да биде имплементирано.“

Дворот на Министерството за култура да се отвори за граѓаните

Студентот по архитектура, Борјан Менкиновски со својата група ја избрале локацијата на Министерството за култура каде само 10 проценти од дворот ги користат вработените, а станува збор за огромна неискористена и запуштена површина во центарот на градот која може да се култивира. Првиот чекор на нивниот проект е да се острани оградата и да се отвори просторот за сите граѓани, а потоа да се пренамени во парк.

Погледнете ја анимацијата која го прикажува решението на група студенти за Министерството за култура.

За ветувањето на градоначалникот на Општина Центар сите проекти да бидат остварени, Менкиновски вели дека тој би бил радосен и еден од овие проекти да се реализира.

„Реално гледаме колку професионалната фела и архитектите во Македонија не се консултирани за важните урбанистички прашања, така што и само еден од овие проекти да се реализира, тоа би било од огромно значење за архитектонската фела, дека конечно некој почна да не слуша и да ги зема предвид нашите проекти.“

Тој вели дека голем број од младите решението го гледаат во странство и  ова е еден голем момент за властите да се покажат дека можат да не задржат тука и да ни дозволат да бидеме коректор во општеството.

„И ние можеме да носиме одлуки. Млади сме и имаме многу здрави и свежи идеи и можеме многу да придонесеме во општеството, само ако некој ни даде шанса и ни го слушне гласот.“

Професорката Дивна Пенчиќ која е менторка на проектите смета дека иако архитектите се консултирани кога станува збор за урбанистичкото планирање, ретко нивните предлози се земаат предвид и повторно се се сведува на нечија службена одлука.

„Треба да го отвориме повторно процесот на архитектонски и урбанистички конкурси. Порано немало значаен дел од градот кој не бил работен преку конкурс. Мора да се дебатира за градските простори и секој има право да знае што се планира и проектира. Досега имавме приватни лица на свои парцели кои бараат да се изгради облакодери, а тоа градскиот простор веќе не може да го издржи.

Дебар Маало кое и сега е пренатрупано, треба да добие отприлика уште 30 проценти плус во градби. Со мали интервенции во вака густо изградени делови од градот може да се подобри квалитетот на просторот. Досега на инвеститорите им се посочуваат само површини за градба и не ги интересира како ќе изгледа просторот.“

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »