29.8.2019 година
Советот на јавни обвинители ќе започне постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Претседателот на Советот Коле Штерјев, по денешната седница изјави дека оваа одлука била донесена едногласно.
Советот должен е да подготви извештај за утврдената фактичка состојба и за основите за разрешување, кој ќе го достави до Собранието. По комисиското разгледување на извештајот и по претходна согласност на четирите партии со најголем број пратеници, Собранието на пленарна седница со двотретинско и Бадентерово мнозинство, треба да утврди формален предлог за разрешување на Јанева, кој ќе оди на финално решавање повторно во Советот.
Штерјев посочи дека денеска или најдоцна утре извештајот ќе биде испратен до Собранието.
Како што кажа претседателот на Советот, извештајот за разрешување на Јанева ќе содржи делови од исказите на сите кои дале исказ во Обвинителството за случајот „Рекет“, но додаде дека се лимитирани што да напишат во извештајот за да не ја загрозат истражната постапка.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја сомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на Орце Камчев осомничен во предметот „Империја“ да излезе од притвор и да добие времен пасош.