Една година пред парламентарните избори почна раздвижување на медиумскиот пазар. Секојдневно се појавуваат нови информативни интернет портали, чии сопственици никогаш не биле дел од медиумскиот бизнис, ниту пак кадарот доаѓа од новинарската фела. Непознати имиња стојат во импресумот на некои портали, а има и такви кои немаат никаква информација кој е сопственик, иако според текстовите може да се насети од која „политичка кујна“ излегуваат.
Неодамна на пазарот се појави нова фирма „Нет медиа груп“. Основана е на 5 август, а дејноста е интернет портали. Сопственик на компанијата е Владимир Кошевалиски, лице познато во медиумскиот бизнис како прв сопственик на весникот „Слободен печат“. Кошевалиски досега купи два интернет портали – „Локално.мк“ и „Стандард.мк“, а во најава е и „Ипортал.мк“, кој ќе стане дел од групацијата „Нет медиа груп“. Името „Нет медиа груп“ веќе е впишано во импресумот на „Локално“ и „Стандард“.
Кога ИРЛ го праша Кошевалиски за неговиот нов бизнис, доби контра прашање: „А, од каде ви е на Вас информацијата“? Тој потврди дека станал сопственик на двата портали и дека нема да застане во окрупнувањето на неговата медиумската мрежа.
„Сега за сега се само „Локално“ и „Стандард“, но планирам да преземам и други портали“, рече Кошевалиски.
Походот на Кошевалиски коинцидира со напредувањето во владината хиерархија на неговата сопруга, Иванна Хаџиевска Кошевалиски, која од шеф на протокол на премиерот Зоран Заев, стана негов советник за меѓународни односи и соработка со меѓународни и домашни организации.
Уредник – координатор на сите портали под капата на Кошевалиски и Владимир Зорба, кој бил прв сопственик на „Стандард.мк“. Но, освен што Зорба координира што ќе се објави на медиумите на Кошевалиски, тој истовремено е и хонорарен соработник на државната информативна агенција МИА. Зорба за ИРЛ потврди дека таму го покрива ресорот спорт, како надворешен соработник.
„Хонорарен соработник сум на МИА од 2017 година, а во порталите на „Нет медиа груп“ сум уредник – координатор“, ни изјави Зорба.
Директор на МИА е поранешниот новинар Драган Антоновски, кој беше прв сопственик на порталот „Локално.мк“.
Според информациите на ИРЛ, иако нови на пазарот, со неколку ангажирани новинари, фирмата „Нет медиа груп“ е сместена во канцеларии во строгиот центар на градот на плоштадот „Македонија“.
На сајтот „Стандард.мк“ нема реклами, освен банер од невладината организација „Транспаренси интернешнл Македонија“ на Слаѓана Тасева. На, „Локално“ пак, се рекламираат повеќе фирми. Не само приватни, туку и такви како „Државна лотарија“. Свои реклами имаат и „Алкалоид“, „ЕВН“, „Тотал ТВ“, „Цементарница“ Усје и информативната агенција МИА.
Сопругата на Кошевалиски, Иванна, е соработник на Зоран Заев неколку години. Таа беше негова верна сенка уште кога тој беше во опозиција, а кога од „Бихаќча“ се префрли во Владата, Хаџиевска стана шеф на протокол на премиерот. Од Владата не одговорија на прашањата на ИРЛ кои се професионалните квалификации на Иванна Хаџиевска Кошевалиски за да го советува Заев за меѓународна политика.