Ова се шестите претседателски избори во земјава и првите избори откако е ратификуван Преспанскиот договор. Следниот претседател ќе биде петтиот претседател од независноста наваму и првиот претседател на Република Северна Македонија. Актуелниот претседател Ѓорге Иванов, којшто се противеше на Договорот со Грција, отслужи два мандата како претседател на републиката, односно максималниот број мандати за кои што може да се натпреварува еден граѓанин за оваа функција согласно Уставот.
Како се станува победник
Согласно Изборниот законик, во првиот круг еден кандидат може да стане претседател само ако освоил мнозинсто од гласовите од вкупнот број гласачи плус еден од вкупниот број на гласачи запишани во избирачкиот список.
Во вториот круг излезноста треба да е 40 проценти за да може да се избере претседател.
Кандидати за претседател
Во трката се тројца кандидати, од кои што двајца се Македонци, еден е етнички Албанец. Двајца се мажи, еден е жена. Ова е втор пат жена да се трка за претседател, откако во 2009 година, Мируша Хоџа не успеа да влезе во вториот круг избори.
Иако секој од кандидатите е поддржан и финансиран од одредена политичка партија, во текот на кампањата сите кандидати инсистираат да бидат именувани како независни кандидати.
Што ако не се постигне цензус
Постигнување цензус е една од најпроблематичните теми. Голем број на партиски службеници, експерти и новинари изразија загриженост околу постигнување на цензусот. Некои од нив и ги обвинуваат двете големи партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека работат на тоа да не се оствари цензус, со цел да има предвремени парламентарни избори во септември. На кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се гледа како на кампања за парламентарни избори, додека пак кампањата на СДСМ, аналитичарот Алберт Муслиу ја оцени како не доволно видлива, со многу грешки во комуникацијата со јавноста, што остава впечаток дека тие имаат недостаток на интерес за истата. Други пак, на целата предизборна кампања на двајцата кандидати поддржани од СДСМ и ВМРО-ДПНЕ гледаат како на дуел помеѓу Христијан Мицкоски и Зоран Заев.
Во интервју за ТВ21, премиерот Зоран Заев изјави дека очекува цензусот да се постигне:
„Јас верувам дека ќе се постигне 40 отсто и секако не размислувам за бојкотот. Рената Десковска како прв правник во мојата Влада ми вика, имаш две варијанти – повторување на изборите, и можност да се смени Уставот и во него се две подможности – или да го тргнеш цензусот или да бираш претседател во Собранието. И што сега ќе мислам, мислам како ќе има цензус. И ќе има цензус, верувам дека ќе го постигнеме, затоа што верувам во граѓаните. Нема да ја остават вака државата да оди низ вода. Тоа ќе биде нова политичка криза“
Најголемиот предизвик за овие избори е цензусот и тоа кај албанскиот електорат. Главниот уредник на телевизијата Алсат, Назим Рашиди вели дека „погрeшна е перцепцијата дека нешто на овие избори ќе зависи од албанските гласачи“
„Најголемиот проблем е генералната апатија на гласачите која е последица на корупцјата, непотизмот и невработеноста особено кај младите албански гласачи. Но сепак албанскиот блок нема капацитет ншто да смени на овие избори од една единствена пирчина дека и тие се веќе изморени од ДУИ. Имајте на ум дека кај Албанците власта се уште не е сменета. Во првиот круг тие ќе излезат да гласаат за Река, не затоа што е Албанец, туку за да го покажат својот револт кон актуелните политики, а во вториот круг тешко ќе се анимира албанското гласчко тело од причина што ќе биде оставен само кандидатот кој е поддржан од ДУИ“, вели Рашиди.
Кои се претседателските кандидати:
Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата
Возраст: 56
Професија:
- Универзитетски професор на приватниот универзитет во Скопје, „Американ Колеџ“. Предава меѓународна безбедност, надворешна политика и глобализација на факултетот за политички науки.
- Национален координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО, назначен од Министерство за надворешни работи на Северна Македонија.
Слоган: „Заедно напред“
Стево Пендаровски ја започнал својата кариера како началник на Управата за аналитика и истражување во Министерството за внатрешни работи и портпарол на министерството. Тој беше главен советник за безбедност на поранешниот претседател Борис Трајковски и на претседателот Бранко Црвенковски. Од 2004 до 2005 година е Претседател на Државната изборна комисија. Иако никогаш не бил член на СДСМ, во последната деценија тој ги поддржување политиките на партијата и стана нивен кандидат за претседател на изборите во 2014, кога изгуби од Ѓорге Иванов. Тогашната опозиција, СДСМ ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ за местење на изборите.
Во битката за претседателски кандидат на СДСМ се појавија три имиња – Сегашната министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, сегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. На внатрешните партиски анализи, Димитров беше во водство, но и покрај напорите на Заев да ја консолидира партијата кон еден натпартиски кандидат кој има најголема поддршка, тој не успеа да добие поддршка во јадрото на партијата за оваа номинација. Шеќеринска имаше многу ниски рејтинзи, исто како и Спасовски. На крајот, Пендаровски беше изборот кој донесе мир во куќа. Неговата кампања добива позитивен фидбек од медиумите, меѓудругото, и поради изразената поддршка кон владата од страна на меинстрим медиумите, меѓу кои и големи телевизии. Обвинувањата за злоупотреби кон власта во областа на владеење на право и скандалите поврзани со корупција, имаат негативно влијание на неговата кампања, додека јавноста од него бара одговори за овие проблеми. СДСМ и Пендаровски ја фокусираат кампањата главно на успешниот Преспански договор, влезот во Нато и интеграциите во ЕУ.
Стево Пендаровски е критикуван дека не демонстрира своја автономија од владеачката партија и премиерот Зоран Заев. Критичарите го обвинуваат за злоупотреба на моќ и државни средства во кампањата и дека наместо да е портретиран како лидер, тој претставува компромис за мир во поделената партија на Заев.
Гордана Силјановска – Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ
Возраст: 63
Професија: Универзитетски професор на државниот универзитет во Скопје, „Св. Кирил и Методиј“, каде предава Уставно право од 1989 година.
Слоган: „Право и правда за сите“
Гордана Силјановска е најдобро позната преку нејзината универзитетска кариера и чести јавни настапи во изминатава деценија како експерт за право, изборни процеси и Уставот. Таа беше министерка без портфолио во првата политичка влада по независноста (1992-1994) предводена од СДСМ и премиерот Бранко Црвенковски. Таа во многу наврати ги критикуваше политиките на минатата и на сегашната власт, но во време на поголеми кризи како изборите во 2016, јавно ги поддржа ВМРО-ДПМНЕ. Таа беше против Договорот од Пржино и Законот за јазици, како и против Договорот од Преспа за што цврсто застана зад ставот дека името не смееше да биде променето. Во поголемиот дел од кампањата таа е фокусирана на Преспанскиот договор и на името. Нејзината маркетинг стратегија рефлектира фокус кон овие прашања и кон нејзино ветување дека ќе го ревидира договорот и ќе најде правен начин да го убие за да се започнат преговори за подобар договор.
Голем број од критичарите ја гледаат Силјановска како следниот Ѓорге Иванов, добро изрекламиран пион на ВМРО-ДПМНЕ. „Тие повторно продаваат национализам преку златната уста на интелектуалец, што ќе биде уште едно разочарување и уште еден пион на Груевски кој ќе дојде на позиција“ – вели аналитичарот и новинар Сашо Ордановски. Кандидатот Стево Пендаровски ја нарече „волк маскиран во јагне“.
Блерим Река, поддржан од Алијанса на Албанците
Возраст: 59
Професија: Професор на универзитетот Југоисточна Европа, каде предава меѓународно право, меѓународни односи и Право на ЕУ од 2002.
Слоган: „Река за Републиката“
Блерим Река е вториот етнички албанец кој е во трка за претседател, откако Имер Селмани, основачот на поранешната политичка партија Нова Демократија се кандидираше во 2009 и собра 15 проценти од гласачите, од кои половина беа македонци. Многумина се надеваат дека Река ќе биде следниот македонски Обама, земајќи дел од македонското гласачко тело, иако шансите се мали до речиси невозможни. Дипломирал и магистрирал на правниот факултет во Универзитетот во Приштина. Тој докторирал на смерот: меѓународно јавно право, во заедничката докторска програма на Универзитетот во Приштина и Универзитетот во Грац, Виена.
Река од 2006-2010 беше Амбасадор – Шеф на Мисијата на Република Македонија при ЕУ во Брисел. Тој беше и на позицијата советник на претседателот на Косово за европски интеграции. Река е член е на Советот за Европски Интеграции на МАНУ и експерт за поглавјето 24 во Националниот Конвент за интегрција на Република Македонија во ЕУ. Тој во последен момент се одлучи да се кандидира и ја освои јавноста со првата претседателска дебата кога се претстави себе како скромен интелектуалец со позитивно и прагматично размислување, осетлив кон откажувањето на македонците од името, но реалист кој е за влез во ЕУ и НАТО, за диверзитет и критичен кон проблемите во владеење на право. Тој ја објави својата кандидатура на својот фејсбук профил на македонски и албански јазик – „Етичен кандидат за држава за сите нас!“ За разлика од останатите кандидати, Река не трошеше многу на својата кампања, а поголемиот дел од митинзите се одржуваа на јавни места како центри за култура и центри за млади. Тој е про ЕУ, про НАТО и го поддржува Преспанскиот договор.
Многумина се прашуваа зошто професорот Блерим Река оди со поддршка од Зијадин Села и Беса, на кои се гледа како на цврсти националисти, дури и религиозни фанатици. Експертите велат на ова се гледа како на победа за двете страни – Села и Беса сакаат да ги го преземат гласачкото тело и поддржувачите на ДУИ, а Река сака да остави впечаток дека влегува во политика на големата сцена, за што претседателските избори се најсоодветни. Река имаше несогласувања со ДУИ во изминатите неколку години кога не беше избран за ректор на Универзитетот каде ДУИ има значајно влијание. Во изминатата година тој беше гласен критичар на владејачката коалиција, со главниот фокус свртен кон ДУИ.
Кандидатите за Преспанскиот договор
За време на кампањата често се зборуваше за Договорот од Преспа и влезот во НАТО. Тројцата претседателски кандидати во неколку наврати ги изјаснија своите ставови по повод ова проблематично прашање.
Стево Пендаровски на претседателска дебата за Телевизија Сител:
„Ние сме мала земја и потребно ни е партнерство за да ја заштитиме нашата држава и да обезбедиме мир тука. Поседуваме мали човечки, финансиски и воени ресурси и не можеме да преживееме сами. Со Преспанскиот договор ние ја загарнтиравме нашата иднина.“
Гордана Силјановска – Давкова на претседателската дебата на Телевизија Сител:
„Како што кажав, јас ќе го почитувам владеењето на правото и со тоа ќе го почитувам и Договорот и ќе го користам официјалното име на државата, но во мојот приватен живот, ќе го задржам своето право да не го користам тоа име.
Блерим Река во дебата на МРТВ
„За 6 месеци ние ќе станеме рамноправен член на НАТО. Ова е реалноста. За мене ова е завршена работа и е најдоброто за оваа држава. Ако Албанците сакаа да бидат дел од некоја голема Албанија, немаше да го поддржат договорот од Преспа, затоа што НАТО значи гаранција за физичкиот интегритет на земјата. Но тие го поддржаа, затоа што се патриоти.“