Press "Enter" to skip to content

Реформите во лер: Македонија делумно слободна земја и најкорумпирана на Балканот

31.03.2020

Според најновиот извештај на Фридом хаус, „Слободата во светот 2019“ Македонија и натаму се наоѓа во групата делумно слободни земји. Земјава и оваа година останува со вкупен рејтинг од 3,5, на скала каде 1 е најслободно, а 7 е најнеслободно општество.

Единствено поместување има во бројот на индексни поени, каде Македонија со 59 поени од максимални 100 има подобрување од само еден поен во споредба со минатата година.

Тој резултат ја става земјава на исто ниво со Хонг Конг и Бутан. Од земјите во регионот Македонија се наоѓа зад Словенија, Грција, Хрватска и Бугарија, кои се во категоријата „слободни“ држави, но и нешто зад Србија, Црна Гора и Албанија од категоријата „делумно слободни“ земји. Во окружувањето, Македонија според рејтингот за слобода е подобра само од Косово и Босна и Херцеговина.

Македонија подобро стои во категоријата на граѓански слободи (3 од 7), а полошо во категоријата политички права (4 од 7).

Со максимални 100 индексни поени, најслободни држави во светот според Фридом Хаус се Финска, Норвешка и Шведска. На дното на листата се наоѓа Сирија, која има 0 поени, Тибет со само 1 поен, додека 2 поени имаат Туркменистан, Еритреја и Северна Кореја.

Во извештајот Унгарија и Србија се посочени како држави со назадување во слободата претходната година и од статусот „слободни“ се префрлени во категоријата „делумно слободни“ држави. Никарагва и Уганда од „делумно слободни“ станаа „неслободни“, додека Зимбабве е потенцирана како држава со подобрување, чиј рејтинг се промени од „неслободна“ во „делумно слободна“ земја. Од вкупно 195 држави во светот, 86 се слободни, 59 се делумно слободни, додека 50 се неслободни.

Само неколку дена претходно и извештајот за Индексот за перцепција на корупцијата во 2018 година што го објави Транспаренси Интернешнал покажа дека Македонија е на 93 место и заедно со Косово се смета за најкорумпирана земја на Балканот.

Целосниот извештај, насловен „Демократија во повлекување“, можете да го погледнете на следниов ЛИНК.