Press "Enter" to skip to content

„Разговор во Редакција“: Инфлација на оценки, комерцијално учење и длабок јаз помеѓу средношколците

Изразена средношколска сиромаштија, врсничко насилство кое не запира во училиште туку продолжува и на социјалните мрежи. Јазот помеѓу сиромашни и ултра богати средношколци се продлабочува. Сегашните матуранти половина од четирите години средно образование го поминаа дома поради пандемијата и заканите од бомби што неминовно влијаеше на нивниот социјален живот. Гости во поткастот „Разговор во Редакција“ се матурантите Лука Павиќевиќ и Јана Попова како и професорката во гимназијата Раде Јовчевски Корчагин, Татјана Алексиќ. 

Со скратен обем и помалку материјал за учење, средношколците се подготвени да полагаат државна матура. Неизвесноста со штрајкот на вработените во Државниот испитен центар и организирањето на државната матура е надмината а матурантите првиот дел ќе го полагаат на 27 мај, додека вториот дел на десети јуни. Во име на средношколците, Лука Павиќевиќ претседател на Сојзуот на средношколци и неговата заменичка Јана Попова сметаат дека и покрај сите предизвици – пандемијата, бомби во училиштата – матурантите собрале доволно знаење и се подготвени, да го продолжат образованието. 

„Во глобала скратената матура, јас мислам дека се подготвени матурантите да ја полагаат, меѓутоа ако збориме од другиот аспект каде доаѓа и новиот концепт за државната матура, јас би кажала дека се доволно подготвени колку што можат да бидат подготвени за некаков тест на меморија, кој најмногу ќе може да научи во последните три недели, бидејќи таква е моментално ситуацијата. Тоа е комерцијалното учење на средношколците кои го правиме сите“, вели Јана Попова, од Сојузот на средношколци. 

„Факт е дека имаме и покрај инфлација на цени и инфлација на оценки во македонското образование. Има разлика помеѓу петка и петка“, вели Лука Павиќевиќ, претседател на Сојзуот на средношколци. 

Професорката во гимназијата Раде Јовчевски Корчагин се согласува дека има инфлација на оценки. 

„Тој што учи, учи и за време на пандемија, ништо нема да го спречи да учи, меѓутоа се малку“, рече професорката Татјана Алексиќ. 

Алексиќ додава дека висината на платите на професорите во средните училишта не смее да биде огледало на нивната работа, ниту пак ниската плата треба да биде главен предуслов дали некој од професорите добро ќе си ја заврши работата.

„Ние прв пат сега добивме покачување на грбот на децата. Се штрајкуваше за покачување од фамозни две илјади денари. Платата е сега 33 илјади денари. Еве сум јас на пет години пред пензија, 34 илјади денари имам плата во гимназија во Корчагин и незадовлстовото на наставниците од платата може постојано да продолжува согласно покачувањето на платите на парламентарците и другите кои што добија покачување од дрски 78 проценти кои сите не погодија. Системот 30 години прави ерозија, па и во образованието, но тоа никако не влијае на начинот како ние треба да предаваме“, вели Алексиќ. 

И Лука Павиќевиќ и Јана Попова посочија дека во текот на средното образование виделе што значи средношколска сиромаштија – другари и другарки кои не можат да си ги дозволат сите работи кои се потребни на еден млад човек. 

„Во однос на тоа дека образованието е бесплатно, не би се согласила со тоа. Повеќето училишта ги немаме сите учебници и тоа е голем проблем и учениците одат и самите си ги копираат книгите или сами ги купуваат“, вели Попова.

„Што се случува со тие деца и тие родители кои едвај ги плаќаат сметките за струја и за вода, како тие ќе си купат одело или фустан за матура, како ќе го платат ресторанот, како ќе ја платат екскурзијата? Зошто се форсираат прославите „а ла свадба без невеста“ каде сите се во одела и тоалети а сите државни училишта во Македонија располагаат со толку убави дворови, нека се организираат прослави во дворовите, учениците и професорите и секоја година да се направи со некаква различна тема“, вели Павиќевиќ.

Сиромаштијата кај децата е видлива вели професорката Алексиќ. Јазот помеѓу оние кои имаат и оние кои немаат е фрапантен. 

„Јас предавав во средното стручно училиште Димитар Влахов каде имаше деца од многу ниски социјални средини, деца од дом кои немаат можност ниту да се хранат добро, ниту пак имаат за еден пар патики годишно. Предавав и во приватно училиште каде што децата за осумнаесетти роденден добиваа коли и станови од родителите, неверојатен јаз“, вели Алексиќ. 

Врсничкото насилство, според соговорниците, станало составен дел од училишната средина а „булингот“ освен во училиште, сега продолжува и на социјалните мрежи. 

„Сум видела во автобус како деца, некое позатворено дете го маваат по глава и се кријат позади скалите, што прв пат во животот го гледаат. Социјалните мрежи го прават илјади пати потешко тоа. Кога ќе се вратиш дома, на Инстаграм, Фејсбук, на Тик Ток сите да те исмеваат и да се против тебе“, објаснува Попова. 

Претседателот на Сојзуот на средношколци, Лука Павиќевиќ смета дека педагозите и психолозите во училиштата се во многу комотна позиција и се однесуваат како админстративни чиновници, а не службеници кои треба да се се грижат како за педагошкиот аспект така и за менталното здравје на учениците. Дополнително тие се уште се користеле за заплашување на учениците кога ќе згрешат. 

„Говоревме претходно за средношколска сиромаштија. Кога некој не може да му дозволи пари за кафе на своето дете, како ќе му плати сесија на психолог или психијатар кои може да чинат и до илјада денари по час. За тоа треба да бидат употребени училишните психолози. Сојузот на средношколци се залага секој ученик да има право да си закаже средба во траење колку што е потребно со училишен психолог“, вели Павичевиќ.