Press "Enter" to skip to content

„Разговор во Редакција“: Мртва тишина за лекарските грешки

Лекарска грешка е практично невозможно да се утврди. Оваа констатација не е само субјективно гледиште на јавноста, туку тоа се потврдува и од судските пресуди и одземените лиценци од страна на Лекарската комора. Наместо да ја штити фелата од „расипаните јаболка”, Лекарската комора спречува жртвите на лекарски грешки да добијат шанса за разврска и правда. Во последниот поткаст на ИРЛ „Разговор во редакција“, на оваа тема разговараа новинарките Сашка Цветковска и Мирослава Симоновска, како и Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници и Дона Неделковска, жртва на лекарка неправда. 

Случајот на Дона Неделковска од Тетово која остана без матка покажува дека пациентите се жртви на системот којшто треба да ги контролира и казнува лекарите. Поради молкот на надзорните институции, граѓаните не можат да покренат кредибилни постапки пред обвинителството. Дека Лекарската комора е непробоен бедем во патот до правдата, покажува и бројот на одземени лиценци на лекари во трите децении откако постои оваа еснафска организација. 

„Ние како новинари воопшто не сме компетентни да утврдуваме дали е нешто лекарска грешка или не е. Меѓутоа, можно ли е статистички сто проценти од овие пациенти да се во криво? Можно ли е ниту еден лекар да не направил лекарска грешка?“, вели во поткастот новинарката Мирослава Симоновска, која зборува за повеќе случаи на лекарски грешки кои се уште се заглавени во лавиринтот на здравствените институции. 

Гоце Коцевски од „Македонското здружение на млади правници“ вели дека клучната институција од која треба да почне докажувањето на правдата е Лекарската комора. Ова еснафско здружение треба да го испита секое сомневање за несовесно лекување и да изготви стручен надзор, кој понатаму ќе биде дел од кривичната пријава што пациентот ќе ја поднесе до Јавното обвинителство. 

Но, искуството покажува дека извештајот од стручен надзор во најголем дел од случаите или доцни со години или никогаш не е изготвен. Во случајот на Дона Неделковска, Коцевски вели дека година и три месеци немаат одговор од Комората дали воопшто е почнат стручен надзор. 

„Како правник секогаш верувам во презумција на невиност. Но, важно е да има соодветна истрага и соодветна судска постапка. Дали ќе се огласи за виновен или невин осомничениот е сосема нешто друго. Меѓутоа ако имаме траспарентна и фер постапка ќе може и жртвата да дознае што се случило. Улогата на Лекарската комора е да докаже дека солидарноста во фелата, нема да биде на штета на пациентите“, рече Коцевски.

Сашка Цветковска од ИРЛ вели дека Лекарската комора е очекуван производ на целиот трул здравствен систем. Не постои избор на претседател на лекарската комора без големи политички интервенции, најчесто од оние кои ја имаат централната власт. 

„Политика има во самиот избор во Лекарската комора која треба да е независна. Понатаму, политички избор се и директорите во здравствените инспекторати. Тоа не се институции кои ќе одговорат на граѓаните и кои ќе ги заштитат од лекарски грешки. Тоа е фатален рецепт. Тоа се институции со кои под гаранција ние ќе умираме низ болничките ходници и операциони сали“, рече Цветковска.

Спората и недостижна правда ја потврдуваат и податоците кои ги добивме од најголемиот суд во државава – Кривичниот суд во Скопје. Во последните десет години за кривичните дела „Тешки дела против здравјето на луѓето“ и „Несовесно лекување болни“ има вкупно 13 правосилни пресуди. Затворска казна добил само еден лекар во траење од година и половина. Станува збор за гинекологот Николче Дамчевски, кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена. Освен затворска казна му беше изречена и забрана за вршење дејност во траење од осум години. 

Останатите случаи завршиле со мали парични казни, условна казна затвор, офрлање на обвинението, а дури во пет случаи била запрена постапката.

„Имам прочитано една реченица дека само мртва и почината жртва е совршена жртва, затоа што сама таа жртва ги исполнува сите критериуми и има поголема надеж да добие правда поради обдукцијата. Но, што правиме со сите жртви кои се оштетени на поинаков начин, инвалидитет и слични последици. Каде треба да се обратат тие за правда? Кој е патот?  Како се заштитени пациентите?“, вели Дона Неделковска.

Таа изјави дека нема да се откаже од докажување на правдата. Според неа, промена во општеството може да се направи само ако се зборува јавно, искрено и транспарентно. Вели дека нејзината борба не е само за неа, туку и за сите жртви на лекарски грешки кои се обесхрабрени и немаат верба во институциите.  

Во поткастот покана за гостување доби и претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева Старделова, но таа одби да учествува со образложение дека има многу обврски.

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »