Press "Enter" to skip to content

Рашковски не ги кажува причините за судир на интереси во владата поради „повреда на личните податоци“

Функционери се изземале од одлуки на Влада поради судир на интереси. Меѓу нив се и премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев. Но,  и покрај објавите во медиумите за овие случаи, генералниот секретар не кажува зошто побарале изземање бидејќи ќе настанела повреда на личните податоци, а тие штети ќе биле поголеми од штетите по јавниот интерес.

Премиерот, неговите заменици и министрите во владате се изземале од одлучувања на владини седници поради судир на интереси. Ако се читаат записниците на владата кои со промената на власта станаа достапни за јавноста, може да се забележат овие ситуации. Почест се изземал вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, но се иземал и премиерот Зоран Заев и други функционери.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ Македонија) побара од генералниот секретаријат да ни ги објасни причините поради кои функционерите барале изземање. Од приложеното во материјалот од седниците може да се види во кој случај се бара изземањето од гласање, но не може да се утврди за каков тип на судир на интереси станува збор. Драги Рашковски, генералниот секретар на владата до којшто пред седниците се доставуваат и информациите од оние кои бараат да се изземат од учество во гласање за точка на дневен ред која навлегува во сферата на приватното, одби да го одговори нашето барање за слободен пристап до информации од јавен карактер со образложение дека ќе настанела повреда на личните податоци. Тие направиле и тест на штетност којшто, според Владата, покажал дека нивната одлука да го одбијат барањето е исправна бидејќи „последиците по интересот којшто се заштитува ќе бидат поголеми од јавниот интерес”, како што се наведува во одговорот. 

 

 

За дел од случаите на судир на интереси се пишувало и  во медиумите. Таков е случајот со вицепремиерот Кочо Анѓушев којшто во два наврати одлучил да се изземе од одлучување за доделување државно земјиште за мали хидроцентрали на компанијата „Тополки“ во којашто управител е неговиот брат, Тодор Анѓушев.

Во друг случај се изземал премиерот Зоран Заев во случај во којшто се доделува концесија за експлоатација на глина. Одредени медиуми пишувале и за ова – тоа било фирма врзана со неговиот брат Вице Заев.  Министерката Рената Дескоска се иззела од гласање на неколку одлуки врзани со работата на М-НАВ. Таа ни одговори дека самата така одлучила бидејќи таму работи нејзин зет.

За шест месеци 50 пријави за судир на интереси, но нема Антикорупциска за да одлучува

Од март до септември годинава, во Антикорупциската комисија пристигнале 50 пријави за судир на интереси. Но, оттаму велат дека овие, но и други пријави стојат и чекаат конечно да се формира Комисијата за спречување на корупцијата. Речиси една година, односно од март 2018 година, Антикорупциската комисија не работи. Членовите се избираат во Собранието, но новата власт не се впушти во распишување конкурс со образложение дека тоа ќе го стореле откако ќе го променел Законот за спречување корупција. Тие целиот мандат досега го минаа без оваа комисија и нема кој да одлучува по преставките. Небирањето членови и одложувањето на Законот мина со многу критики до власта. Тие се согласија и за избор на привремени членови на Државната изборна комисија за спроведување на референдумот, која исто така беше без членови, но најтешко оди со Антикорупциската. Новиот закон е подготвен и има најави дека истиот ќе се донесе до Нова година. Такви ветувања даде и премиерот Зоран Заев.

Се премолчуваат и одлуките за кадровски прашања на владините седници

ИРЛ уште во јануари годинава од Владата ги бараше одлуки за кадровски прашања кои се носат на владините седници. Владата проба вешто да се извлече посочувајќи ни линк до записниците од владини седници и објаснување на процедурата во која што се носат овие одлуки. Но, во записниците има објаснување за сите точки, освен за оваа. Таму, освен во случаите кога се разрешуваа директори на државни претпријатија почетокот на мандатот на власта, не пишува ништо освен дека на седницата, меѓудругото, се зборувало и за кадровската политика.

Кадровската политика стана жешка тема и во оваа власт. Рашковски, но и други функционери, често се обвинуван за непотизам и партизација во администрацијата. Познат е случајот кога Рашковски одби да одговори на барање на слободен пристап на редакцијата на НОВАТВ кои ја побараа биографијата на новиот директор на Агенцијата за лекови. Генералниот секретар им одговори дека не би можел да го сподели тој податок бидејќи ќе ги повредел личните податоци на директорот. Наводните повреди на лични податоци се најчестата причина за одбивање на новинарите кои прашуваат прашања врзани со именувања на фунцкионери или конфликт на интереси.

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »