Жителите на Пржино денеска протестираа против урбанистичкото дивеење во нивната населба. Целта им беше да упатат апел до надлежните институции да престанат со градби со кои се доведува во опасност живеењето во населбата.
„Денес се собравме поголем број на граѓани од Пржино со цел да го искажеме својот револт за спорната градба. Ги искажуваме следниве барања: целосно стопирање на спорната градба заради која се урна и вториот потпорен ѕид во оваа населба. Целосен мораториум за сите спорни градби во Пржино. Јавно и транспарентно носење на ДУП-от, зголемена транспарентност на месната заедница особено преку социјалните медиуми и повеќе средби лице во лице за повозрасните жители“,рече Дино Чупески жител на Пржино.
Иницијатори на протестот беа жителите на слепата уличка „Пржино“ кои веќе две години водат битка за да запрат изградба на четири четирикатници. Им се придружија и соседите од другите улички во оваа населба, кои вооружени со транспарентни на локалната власт и порачаа: „Пржино била и ќе биде населба за индивидуално домување“.
Деталниот урбанистички план за оваа населба беше донесен во мај 2016 година. Во него е предвидено изградба на неколку станбени згради со кои, според жителите, ќе се наруши инфраструктурата и безбедноста на оваа скопска населба.
„Живеам токму на оваа улица, ние сме против градење на високо катница. Оваа иницијатива е граѓанска и се оградуваме дека истата е партиска. Добредојдени се сите жители кои се чувствуваат загрозени. Сакаме да промениме нешто и да го спречиме дивеењето на градежната мафија“, вели Тони Јанакиевски од Пржино.
Пред три месеца ИРЛ објави сторија за начинот како инвеститорите добиле дозвола за изградба на четири згради, а кои во Деталниот урбанистички план се водат како станбени куќи. Објектите ќе имаат вкупно шеснаесет станови и ќе бидат сместени помеѓу две слепи и тесни улички.
„Ние ќе бидеме блокирани и оневозможени да функционираме нормално затоа што и сега не може да се разминат два автомобила. Камионот на „Комунална хигиена“ скоро секогаш има проблем да помине, ги удира терасите на соседите и не може да стигне до крајот на улицата. А, тек допрва што ќе биде со новите шеснаесет станари. Ни брза помош, ниту пожарна нема да може да пристапи.“, алармира жителите во сторијата на ИРЛ објавена во септември.
Претходно на локацијата со години имало само една стара куќа и една градежна парцела. Но, непосредно пред донесување на ДУП-от во мај 2016 година, сопственикот ја поделил на четири дела и наместо една маркица за градба добил четири за изградба на станбени куќи со висина од 10 метри или приземје, два ката и поткровје.
Сопственик на парцелата на која пред две недели почна градбата е Љупчо Продановски, сопруг на Мери Проја Продановска – раководител на инспекциски надзор во Државниот пазарен инспекторат. Станбениот комплекс го гради Продановски заедно со вториот инвеститор – фирмата „Топ метал“.
Жителите на улицата „Пржино“ се обидоа со жив штит да го спречат почетокот на градењето, но не успеаја да му го попречат патот на багерот. Беше повикана и полиција за да ги отстрани возилата на локалците и да и’ се расчисти пристапот на механизацијата.
ИРЛ со своите мобилни редакции ја следи оваа јалова борба на жителите кои се чувствуваат осамени и измамени од локалната власт во Кисела Вода. Попусти беа сите нивни жалби до општината и до Министерството за транспорт и врски, бидејќи на крајот инвеститорот доби дозвола за градба.
Во моментов градбата е стопирана бидејќи пред неколку дена се урна потпорниот ѕид на градилиштето.
Поврзани стории за Пржино
Бетонизација на Пржино: Итриот инвеститор, кутриот градоначалник
Жители на Пржино со жив штит и полициско присуство ја бранеа улицата од инвеститорски багер