Press "Enter" to skip to content

Мијалков треба да сноси одговорност за прислушувањето, тврди Заев

Како и да бидат кажани фактите, не ја менуваат суштината и вистинитоста.

Ова е реакцијата на премиерот Зоран Заев за сведочењето на поранешниот разузнавач Зоран Верушевски во предметот „Таргет-Тврдина“, во кое прстот го впери кон поранешниот премиер Никола Груевски иако првообвинет во овој случај е поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

По вчерашното сведочење на Верушевски, откако одбраната и Мијалков имаа шанса да му поставуваат прашања но одбија, јавноста реагираше дека можеби едниот поранешен шеф на УБК го амнестира другиот од одговорност.

„Фактите како и да бидат кажани не ја менуваат нивната суштина и вистинитост. Токму во времето на Груевски се случуваше ваквата узурпација на човекови права, преку прислушување на 20.000 граѓани. Исто така, недвосмислен факт е дека шеф на државната безбедност во тоа време бил Сашо Мијалков и од тоа нема бегање. Одговорност има и тој што ја водел УБК, што овозможил да бидат прислушувани толку многу граѓани. Токму филозофијата на потврдувањето кој е корисникот на тие податоци е пораката која Верушевски ја испрати во судскиот процес“, смета Заев.

Одговарајќи на прашањата на обвинителите, Верушевски вчера во продолжението на своето сведочење за масовното нелегално прислушување, „испиша ново обвинение“ каде покрај Груевски како првообвинет, втор го смести бившиот началник на Петтата управа Горан Грујевски, а третообвинет според треба да биде Никола Бошковски.

За сите овие тројца, кои се во бегство, во Унгарија, односно Грција, Верушевски рече дека и до денес поседувале обемен материјал, поголем од оној со кој располагаше СЈО, односно сега Обвинителството под водство на првиот обвинител во државата.

Наредното рочиште за „Таргет-Тврдина“ е закажано за 24 октомври, а тогаш Заев ќе има прилика да сведочи на покана од обвинителите.

Додека сте тука, прочитајте детално како течеше вчерашното сведочење на Зоран Верушевски:

Го амнестираше ли Верушевски колегата Мијалков: Груевски треба да е првообвинет за прислушувањето

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »