Press "Enter" to skip to content

Поднесено обвинение против Ел Чека за објавување прислушувани разговори

По еден месец и објавени десетици бомби во кои можат да се слушнат инкриминирачки работи за членовите на владејачката ДУИ, Основното јавно обвинителство во Кичево поднесе обвинение против Шеќерим Ахмети на социјалните мрежи познат по профилот „Ел Чека“.

„Обвинетиот при крајот на месец мај оваа година, од профил на една социјална мрежа, претставувајќи се како „El Cheka” објавил повеќе тонски снимени прислушкувани телефонски разговори на повеќе лица. Со тоа обвинетиот им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и на други неповикани лица да се запознаат со содржината на тонски снимените разговори“, пишува во соопштението на обвинителството.

Изминатиов месец на социјалните мрежи од профилот „Ел Чака“ можеше да се слушнат повеќе прислушувани разговори за членови на владејачката ДУИ, кои во 2015 година кога премиерот Зоран Заев ја објавуваше „Вистината за Македонија“, беа како заштитени мечки и за нив беа објавени едвај неколку прислушувани разговори.

Во еден од последните разговори кои Ел Чека ги објави, наводно министрите Бујар Османи и Садула Дураки помагаат да се прикрие убиство. Функционерите на ДУИ засега не ги коментираат бомбите, а институциите се уште не истражуваат од каде потекнуваат овие досега необјавени „бомби“.

Премиерот Заев во изјава за медиумите тврдеше дека бомбите не излегле од архивите на СДСМ.

„Бомбите во најголем дел се однесуваа на опозицијата, граѓанскиот сектор, бизнисмените, верските заедници и другите чинители, како и за тогашната власт. Очекувам истражните органи да откријат од каде потекнуваат и да постапат согласно законот. Воспоставивме закон и дел од Пржинскиот договор беше и оваа законска регулатива што е денеска е на сила и по неа треба да се постапува“, изјави Заев.

Од одговорност бега и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која тврди дека во СЈО разговорите се чуваат според строги безбедносни процедури.

„Ја уверуваме јавноста дека сите удио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. При анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права. Со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот“, пишува во соопштението на СЈО.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »