Press "Enter" to skip to content

Уделот на младиот Ахмети во загубарот „Соравија“ ќе го покрие градежник од Албанија

Партнер на внукот на Али Ахмети е Владимир Пјетерѓокај, а неговата компанијата „ПЕ-ВЛА-КУ“ добива атрактивни државни тендери за изградба на патишта. Тие беа дел од фирмите кои ја градеа обиколницата во Тирана во вредност од 100 милиони евра. Според известувањата на албанските медиуми оваа фирма спаѓа во групата компании за кои постоеле сомнежи дека се фаворизираат на тендери со поддршка на албанскиот премиер Еди Рама.

Известува: Бојан Стојановски;

Илустрација: Лука Блажев

Компанијата „ПЕ-ВЛА-КУ“ поседува 2,92% од акциите на „Крединс Банк“, првата приватна банка во Албанија која настана со приватизација на државната банка и банката којашто ќе го кредитира Дрин Ахмети без да вложи денар во „Соравија“. Менаџерите на „Крединс Банк“, Моника Мило и Малтин Коркути, се две од неколкуте контроверзни банкарски имиња кои во минатото фигурираа и како сопственици на ресортот „Радика“ во Маврово, а зделките на овие лица и компании во Албанија ги следеа и нерасчистени атентати.

Владимир Пјетерѓокај еден од сопствениците на „ПЕ – ВЛА – КУ“ инаку градежна компанија со низа изградени патишта во Албанија, одговараше и на новинарско прашање, дали би учествувал во изградбата на Коридорот 8 како подизведувач на конзорциумот „Бехтел и Енка“.

„Не, засега се немам пријавено“, кусо одговори Владимир Пјетероѓокај. 

ФОТО Владимир Пјетерѓокај му прави обилколка на албанскиот премиер Еди Рама во неговите деловни објекти.

Дрин Ахмети самоуверено тврди дека до зделката „Соравија“ стасал самиот и без политичката поддршка на неговиот чичко Али Ахмети. Веста дека Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, станува еден од газдите на „Соравија“ без да плати денар доведе до првата прес-конференција на член на семејството Ахмети. Неговиот удел во бизнис центарот е 39 проценти.

Фирмата која ја купува членот на семејството Ахмети има долг од над 20 милиони евра. Сепак ова не го обесхрабрило 24-годишниот претприемач да влезе во ризична бизнис операција која има големи шанси да заврши со банкрот наместо со заживување на скопскиот деловен центар во јадрото на главниот град. Од 2008 година „Соравија“ стана австриска сопственост откако објектот го откупи тогашниот „Светски бизнис центар“ за 10,3 милиони евра. Сега го продаваат со 20 милиони евра загуба.

Приказната на Дрин Ахмети: Успеав сам

На денешната прес-конференција во хотелот „Мериот“ новите сопственици на „Соравија“ дојдоа да понудат објаснувања за зделката по бројните реакции во јавноста во минатите денови коишто ги поведоа и прашањата за потеклото на имот на функционерите. Според внукот на Ахмети, причината за оваа бизнис авантура не биле конекциите на чичкото, туку инстантната хемија која се случила помеѓу извршниот директор на „Хано Соравиа“ ГМБХ, Хано Соравија и Дрин Ахмети. Според него, тоа е и причината зошто бизнис центарот доби нов сопственик преку фирмите „ПЕ – ВЛА – КУ“ од Албанија и „Тхор Индустрис“ во сопственост на младиот внук на претседателот на ДУИ.

„Верувам во неговите способности и образование, тоа е клучно“, се обрати директорот Хано Соравија пред македонските новинари на видео врска директно од Виена.

Бизнис идејата на Дрин, започнала уште лани со писмо за намери и објаснување дека младиот Ахмети и Владимир Пјетерѓокај од Албанија сакаат да инвестираат и да го купат бизнис центарот од инвестициската компанија со седиште во Австрија. Во октомври имало средба во Виена. Купувачите преку проверки утврдиле дека бизнис центарот „Соравија“ во Скопје, должи дваесетина милиони евра.

Сепак милионскиот долг не ги премислува Ахмети и Пјетерѓокај да преговараат и да го преземат центарот. Разговорите траеле до 26 мај годинава, кога се одлучило „ПЕ – ВЛА – КУ“ од Тирана и „Тхор Индустрис“ да го преземат долгот на „Соравија“ и да станат сопственици на атрактивната зграда во центарот на Скопје.

„Дрини прави добар бизнис. Ако „Соравија“ наместо во центарот во Скопје беше во Берлин или Виена и на таква локација, ќе беше многу поскапо“, рече Хано Соравија извршен директор на „Хано Соравија“ ГМБХ од Виена.

За време на целата прес-конференција инвеститорите нескриено го споделуваа воодушевувањето од лидерот на ДУИ, но сите инсистираа дека тој немал ништо со ова.

„Али Ахмети ѝ помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски да ја дели државата. Али Ахмети не го потпиша тоа и вие не го цените доволно. Не сум тука да коментирам политички изјави. Се гордеам што ми е вујко, но тој нема ништо со мојот бизнис. Нула. Ова што го прават медиумите сега е на штета на мојата мрежа на соработници“, рече денеска Дрин Ахмети по информацијата дека тој е еден од бизнисмените кој го купува бизнис центарот „Соравија“.

 

Опис.: Удели во новата сопственичка структура на Соравија центарот

Kредит од албанска банка ќе ја плати бизнис авантурата на младиот Ахмети

На денешната прес-конференција упорно се туркаше тезата дека ниту младиот внук на Али Ахмети ниту пак „ПЕ – ВЛА – КУ“ на Владимир Пјетерѓокај не дале ниту евро од џеб за да се реализира трансакцијата. Кредитот во нивно име го дала банката „Крединс“ од Албанија. Станува збор за шест милиони евра кои се банкарски буст за да се разработи и заживее Соравија во Скопје. Кога љубопитните новинари го прашаа Дрин Ахмети колку од заемот ќе треба да врати како сопственик на „Тхор Индустрис“, кусо одговори.

„Не даваме наши пари. Банката ’Крединс‘ ги дава парите“, рече Ахмети.

Новите сопственици на „Соравија“ центарот ќе наследат и долг од 20 милиони евра на претходните газди. За да го оправда кредитот од шест милиони евра, сопственикот на „ПЕ – ВЛА – КУ“ рече дека има удел во „Крединс“ па затоа, нема никаква хипотека над зградата во центарот на Скопје. Бил почитуван во банката поради сопственичкиот удел, а планот да се инвестира во Македонија се реализирал откако „Соравија“ од Австрија и „ПЕ – ВЛА – КУ“ соработувале на проект на албанското крајбрежје.

За Владимир Пјетроѓокај, презимето Ахмети и партнерството со внукот на лидерот на ДУИ нема вредност во бизнис светот. Наброја дека аплицирал на тендер за изведба на канализација во Кичево со најниска понуда и не бил избран, а учествувал и на тендерот за изградба на автопатот до Блаце повторно со најниска понуда и не бил избран.

„Ниту еден тендер немам добиено“, рече Владимир Пјетерѓокај сопственик на „ПЕ – ВЛА – КУ“ од Албанија и на новинарско прашање дали некој му побарал мито, рече не.

Пјетерѓокај рече дека ја разбира емоцијата на новинарите за евентуално влијание на Али Ахмети во реализација на зделката.

„Со Дрин се знаеме четири години. Секој е нечие дете и секој е нечиј внук. Би бил радосен ако моите предци биле во позиција на Дрин“, рече Пјетерѓокај по прашањата на новинарите за роднинската поврзаност на Дрин и Али Ахмети.

Менаџерите на „Крединс Банк“, некогаш сопственици на ресортот „Радика“ во Маврово

Владимир Пјетарѓокај преку компанијата „ПЕ-ВЛА-КУ“ поседува 2,92% од акциите на „Крединс Банк“, првата приватна банка во Албанија која настана со приватизација на државната банка. Менаџерите на „Крединс Банк“, Моника Мило и Малтин Коркути, се две од неколкуте контроверзни банкарски имиња кои во минатото фигурираа и како сопственици на ресортот „Радика“ во Маврово.

Крединс банк во Тирана

Моника Мило и Малтин Коркути во февруари 2006 година ќе влезат во сопствеништвото на ресортот „Радика“ и како сопственици ќе фигурираат наредната година и пол. Сопствеништвото во тој период ќе го делат со Александер Пило, бизнисмен и еден од најбогатите луѓе во Албанија, кој и самиот беше член на Управниот одбор на „Крединс Банк“, а поседуваше и акции во банката. Пило, беше назначен и за почесен конзул на Македонија во Албанија во периодот од 2013 се до 2017 година.

Во сопственичката структура на ресортот „Радика“ фигурираше и Артан Санто. Тој беше генерален директор на „Крединс Банк“ и водечки акционер. Во 2014 година Артан Санто ќе биде ликвидиран во мафијашки стил среде Тирана. Убиството ќе го следат многу контроверзи. Мотивите и нарачателите се енигма до денес бидејќи албанската полиција не бележи напредок во истрагата. Пило, се задржа во сопственичката структура на ресортот „Радика“ до првата половина на 2017 година, кога бизнисот го презеде косовскиот бизнисмен Шериф Рамука. Пило, беше идејниот творец на луксузното село „Радика“ за кое преку заобиколување на низа закони требаше да се изградат 87 вили.

Компанијата „ПЕ – ВЛА – КУ“ е основана во 2005 година во Тирана и има подружници во Македонија, Косово и Хрватска. Официјалните документи од регистарот во Албанија, покажуваат дека сопственици на оваа фирма се Владимир Пјетерѓокај со 53% и Кујтим Арифај со 47% удел. Компанијата е основана од сегашните двајца сопственици и Петрит Имерај. Во моментот на регистрација делат по една третина од компанијата.

Илустрација од вебстраницата на компанијата ПЕ-ВЛА-КУ

Но пред десет години Петрит Имерај излегува од управувачка структура на компанијата. Во 2015 година ги продава своите удели на неговите партнери. Во тој период, според податоците објавени во албански медиуми, Петрит Имерај е обвинет за измама и даночно затајување, со што според управата за даноци во Албанија, државата била оштетена за 2.5 милиони евра. Ова дело било направено преку друг субјект, „Диел-ИИБ“. Петрит Имерај бил еден од обвинетите заедно со уште повеќе од 20 луѓе.

Владимир Пјетерѓокај и Кујтим Арифај биле партнери со Петрит Имерај во уште две фирми во Албанија кои сега се затворени – „Албанија Солар“ и „Њукон Солар“. Овие две компании се отворени во 2012 година и во нивната сопственичка структура се појавуваат повеќе имиња, како она на Пјетер Додај кој е еден од обвинетите за измама заедно со Петрит Имерај.

Медиумите во земјава веќе објавија за бизнис потфатите на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Сопственик е на компанијата „Тхор Индустрис“ основана во 2020 година а косопственик е и на фирмата „Еверест ЏД“ која има концесија за експлоатација на варовник на локалитетот Буковиќ во Зајас. Инаку „Соравија“ има 13 илјади метри квадратни деловен и 2500 квадрати трговски простор.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.