Press "Enter" to skip to content

ОЈО: Во аферата со вториот пензиски фонд нема место за кривичен прогон

Аферата со евентуалните неправилности во вториот пензиски фонд која ја објави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, нема да добие судска завршница. Основното јавно обвинителство Скопје, денеска објави дека донело резолуција со која одлучило дека во овој случај нема место за постапување.

„По сознанијата и доказите кои беа собрани и превземени од Основното јавно обвинителство Скопје не се дојде до степен на основи на сомнение дека конкретно службено лице со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност прибавило за себе или за друг некаква корист или нанело штета. Од овие причини, надлежниот јавен обвинител ја донесе јавнообвинителската одлука по поднесената кривична пријава ценејќи дека нема место за јавнообвинителска интервенција“, пишува во соопштението на ОЈО.

Кривичната пријава која беше поднесена против непознат сторител се однесуваше на кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување. Во пријавата беше наведено дека во период од 2006 година не се вршени распределби на осигуреници кои ги исполнувале законските услови за членство во капитално – финансирано пензиско осигурување според законски дефинирани услови, односно Втор пензиски фонд.

Царовска во пријавата навела и дека во подготвениот Извештај од извршена детална анализа подготвена од консултант од Светска банка, констатирани се сериозни недостатоци. Се наведува дека постојат 12.000 осигуреници кои се опфатени во систем на задолжително пензиско осигурување, а не се евидентирани како членови на приватните пензиски друштва. Истовремено за нив, делот од 6% од придонесите не е трансфериран во приватно пензиско друштво.

Од обвинителството велат дека за појаснување на поднесената пријава повикале претставници од Министерството за труд и социјална политика.

„Во дадената изјава беше појаснето дека подносителот како единствен доказ го има приложениот извештај. Како причина за настанатото, по нивна оценка наведоа објективни слабости во системот, при што не наведоа имиња на лица кои би биле инволвирани во евентуално сторување на кривично дело. Беше истакнато дека поради сомневањата министерството иницирало формирање на посебна Комисија за вршење надзор над предмети во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија. Но дека од страна на Комисијата не е доставен извештај од извршен надзор. Составен дел од наводите на подносителот на кривичната пријава е дека штетата по Буџетот на Република Северна Македонија е всушност во фактот дека овие средства во одреден период не се оплодувале и не се внесувале во Буџетот на РСМ“, пишува во соопштението на обвинителстовото.

Обвинителството вели дека на распит го повикало и директорот и вработени лица во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија. Во нивните искази потенцираа дека не постои не евидентиран осигуреник, но прераспределбата на дел од нив во вториот столб не била извршена навреме поради проблем со софтверот. Во однос на средствата кои требало да бидат распределени во вториот столб е појаснето дека тие пари се на сметката на фондот и иако не биле префрлени – не може да се користат за други намени освен за пензиите.

Во периодот кога не се префрлале пари во вториот столб, директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) беа кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, додека министри за труд и социјална политика, под чија надлежност е ПИОМ беа Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.

Според обвинителството на распит биле повикани и претставници на МАПАС – Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување како орган кој ги контролира и заштитува интересите на осигурениците. Испитаните појаснија дека МАПАС имал сознанија дека во определен период не се уплаќани придонеси на осигуреници во приватните пензиски столбови, дека е можно да постои штета, но само во однос на приносот кој би го оствариле доколку нивните приноси биле капитализирани.

„Надлежен јавен обвинител ги испита и одговорните лица од двата пензиски столба кои истакнаа дека немаат сознанија за наведената бројка на нераспределени осигуреници, а во однос на паричните средства истакнаа дека истите ќе бидат надоместени и се надоместуваат од Буџетот. Со тоа, нивните членови осигуреници ќе го добијат соодветниот надоместок за изгубениот принос со што нема да бидат оштетени.

Вработените во министерството за финансии кои биле повикани на распит кажале дека во министерството не било констатирана штета на Буџетот.

По барање на ОЈО Државниот завод за ревизија доставил Конечен извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2015 и 2016 година за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.

„Во извештајот се забележани состојби на нецелосна усогласеност во работењето на фондот во процесот на остварување на правата од пензиско инвалидско осигурување, поради што е можна исплата на корисник на пензија и по истекот на законски утврденото право, а за што се дадени и препораки во делот за подобро ажурирање на процедурите за исплата на пензии“, наведено е во соопштението на ОЈО.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »