Press "Enter" to skip to content

ОЈО ја отфрли кривичната пријава на Антикорупциска против Панчевски

20.8.2019 година

Основното јавно обвинителство Скопје денеска ја отфрли иницијативата за кривично гонење на поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, поднесена од Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Пријавата беше поднесена против три лица за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи делото застарело лани во мај “, соопштија од ОЈО.

Од Антикорупциската комисија велат дека во текот на денот ќе излезат со став околу отфрлањето на кривичната пријава.

„Службите сега ги проверуваат датумите, сметаме дека сме во право, но ќе чекаме официјално да ни достават одговор, па потоа и ќе излеземе со став“, велат од Антикорупциската комисија.

Кривичната пријава се однесува на објавен оглас за вработување на 30 судски службеници во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, меѓу кои и внукот на Панчевски.

„Jавниот обвинител по приемот на иницијативата за кривично гонење на тогашниот претседател на Судот, претседателот на Комисијата за избор и прием на кандидати на огласот и на судскиот администратор, оцени дека постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење – застареност“

Постапката за вработување целосно е завршена во мај 2015 година.

За ова дело законодавецот предвидел казна затвор од 6 месеци до 3 години, но осомничениот кривично може да се гони само пред да истечат 3 години од извршување на делото.

Според законот за Злоупотреба на службена положба и овластување може да се изрече затворска казна над една година.

„Застареноста на кривичното гонење во предметот настапила најдоцна во мај 2018 година, додека иницијативата за кривично гонење од страна на Државната комисија за спречување корупција е поднесена до Основното јавно обвинителство Скопје во јуни 2019 година“, пишува во соопштението од ОЈО.

Антикорупционерите пред поднесување на пријавата појаснија дека внукот на Панчевски, Јордан Тасевски, бил вработен на позицијата помлад судски соработник, иако воопшто не бил пријавен на огласот за вработување објавен од судот.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »