Основното јавно обвинителство Скопје води предистражна постапка за работата на градоначалникот на Сарај Блерим Беџети. Предметот е отворен по иницијатива на Антикорупциската комисија за нелегалните платформи во Матка. Антикорупциската комисија барањето за кривично гонење го достави на 5 август, а од скопското обвинителство за ИРЛ одговорија дека предметот е распореден кај обвинител кој постапува по пријавата.
„Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител и се постапува во насока на проверка на наводите. Јавниот обвинител веќе испрати барања за прибирање податоци до релевантни институции со цел утврдување на фактите во предметот“, соопштија од Јавното обвинителство.
Антикорупциската комисија за овој предмет обезбедила документи според кои градоначалникот, иако имал законска обврска, не го одбил барањето за легализација на дивоградбите кои се наоѓаат во делот на заштитено подрачје. Градоначалникот Беџети не постапил ниту кога добил известување од Државниот градежен инспекторат, за уривање на дивоградбата, ниту кога реагирала Управата за заштита на културното наследство од каде стигнало известување дека за секоја градба во заштитено подрачје треба да се има дозвола од нив.
Градоначалникот на општина Сарај на прес конференција за дивите платформи на Матка во март, рече дека нема да ги легализира, но дека не може ни да ги урне, бидејќи поднесено е барање за легализација. Барањето за првата платформа која е на почетокот на кањонот го поднел Исмаил Саиди, за втората кај што се изнајмуваат кајаци Амед Саиди, додека за платформата на ресторанот Федерацијата за планински спортови на Македонија.
Според Беџети, општината работела на овој проблем и констатирано е дека на Матка има три бесправно изградени платформи, но тие не се изградиле сега, туку многу одамна, а тој ги наследил.
„Ова е стар случај со Матка и не случајно општината е единствената институција која прва се изјасни дека има три бесправни објекти во вид на платформи и за кои уште во првата изјава кажав дека не сум за легализација, бидејќи не ги исполнуваат условите за легализација. Но сепак мора да ја запазиме постапката. “, изјави Беџети.
Првиот човек на Сарај најави дека ќе поднесе кривични пријави против членовите на Антикорупциска за злоупотреба на службената положба и овластување, како и распишување на референдум за жителите на Сарај, доколку Владата му ги одземе надлежностите за Матка.