Press "Enter" to skip to content

Новинар од порталот „Инфомакс“ обвинет за оддавање на службена тајна

Новинар од порталот „Инфомакс“, кој на 23 август објави записник од исказите во т.н случај „Рекет“, ќе одговара за кривично дело „оддавање на службена тајна“ од Кривичниот законик по предлог на Обвинителството.

Според ОЈО, тој делувал спротивно на член 360 став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна. Имено, тој ја објавил првата страница од записник за примање кривична пријава од едно лице заведен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Обвинителството го поднесе обвинението до Основниот кривичен суд Скопје откако по објавата на записникот на споменатиот интернет портал беа направени потребните проверки и беа обезбедени материјалните докази за наведеното кривично дело, согласно Законот за кривична постапка“, соопшти Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека во однос на околностите како записникот е изнесен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, Обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази.

Порталот „Инфомакс“, кој нема Импресум на автори кои креираат содржини на оваа Интернет-платформа, известувајќи за соопштението на ОЈО, напиша дека се работи за главниот и одговорен уредник Александар Митовски.

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »