Press "Enter" to skip to content

Медиумите ја поттикнуваат паниката дека вакцините се ризични

Според последната анкета на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за  „Работни и професионални услови во дигиталните медиуми“,  новинарите во Македонија кои работат во онлајн медиумите најчесто имаат дневна квота на вести која треба да ја постигнат, а трудот на новинарите најчесто се оценува според бројот на кликови.

Александра Д. Гоцевска и Давид Илиески

Речиси еден месец во Македонија владее епидемија со мали сипаници. Секој ден се појавуваат по неколку нови случаи.  Досега вкупно се заразени повеќе од 50 лица и забраната за одење во градинка или училиште за децата кои не се вакцинирани се уште е на сила. Поборниците против вакцините организираа и неколку протести пред Министерството за здравство и велеа дека е смешна одлуката на да се прогласи епидемија со само неколку заразени. Какова улога имаа медиумите во оваа ситуација и дали војната со информации и објавувањето на непроверени вести само ја влошија моменталната состојбата со родителите кои не сакаат да ги вакцинираат своите деца.

Според министерот за здравство Венко Филипче улогата на медиумите во целата оваа епидемија е многу голема. Тој вели дека секојдневно се трудат да се изборат со лажните вести кои ги пуштаат антиваксерите, а новинарите без да ги проверат само ги препишуваат и објавуваат.

На пример порталот tocka.com.mk  во 2016 година објавил дека вакцините се користат за депопулација на населението и дека родителите не смеат да дозволат да бидат дел од овој грозоморен план.

Дневниот весник Вечер во 2014 година објавил текст со наслов „Амишите не заболуваат од аутизам, но не се ни вакцинираат“. Во текстот кој се цитира изјава на српски имунолог Тодор Јовановиќ преземена од порталот Ало. Во изјавата Јовановиќ вели дека поголеми шанси има децата кои ќе примат вакцина да заболат од аутизам отколку без вакцина да заболат од мали сипаници, заушки или пак рубеола. Јовановиќ за српски Курир изјавил и дека гледање во сонцето десет минути може да излечи секоја болест.

Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите вели дека новинарите мора да бидат поодговорни во поглед на тоа која вест ќе ја пренесат и на кого ќе му дадат простор за да го искаже своето мислење.

Се повидливи се негативните ефекти на лажните вести по здравјето и животот на граѓаните. Се случуваат феномени кои несомнено сугерираат дека има поврзаност меѓу, на пример, опаѓањето на вакцинацијата и ширењето на овој тип на вести. Сто години истребени болести се враќаат поради хиперпродукцијата на лажните вести поврзани со вакцините.

Истражувачкиот новинар Владо Апостолов вели дека штетата е направена уште одамна, кога надлежните не го забележале овој феномен, ниту пак го адресирале, не се обиделе да им објаснат на граѓаните. Според него секогаш новинарите треба да ги бараат двете страни, но во ситуацијата со вакцините тоа не се антиваксерите, туку стручни лица кои со научни факти можат да го поткрепат она што го зборуваат.

Најголемата последица од лажните вести во едно општество е недовербата. Граѓаните не веруваат на новинарите, ниту пак на институциите, докторите.

Според последната анкета на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за  „Работни и професионални услови во дигиталните медиуми“,  новинарите во Македонија кои работат во онлајн медиумите најчесто имаат дневна квота на вести која треба да ја постигнат, а трудот на новинарите најчесто се оценува според бројот на кликови.

„Во просек, новинарите објавуваат по 8 текстови дневно, кои се вреднуваат според бројот на кликови. Така одговориле 72 отсто од испитаниците во анкетата. Во однос на пласирањето на информациите, најголем дел или 64 отсто рекле дека главната задача им е да известуваат, а дел или 25 отсто одговориле дека пренесуваат свои или информации од други медиуми. И во порталите, како во другите медиуми, многу малку од новинарите имаат предизвик да истражуваат теми, пред да ги објават. Тоа го покажува и податокот од анкетата, според кој, само 11 отсто од анкетираните рекле дека ги истражуваат темите кои планираат да ги објавуваат“.

Од оваа причина новинарите често преведуваат вести од соседството, кои пак ги преземаат од непроверени странски медиуми без да ја проверат веродостојноста на информациите.

Лажните вести за вакцините потоа се објавуваат на социјалните мрежи во групите за „Мајки и деца“ или пак на блогови каде што се дебатира на тема за здравјето на малите бебиња. Со ова само се зголемува брзината на ширењето на лажните вести и паниката меѓу родителите.

Студија на Масачусетс Институтот за технологија покажува дека дезинформациите на „Твитер“ се шират шест пати побрзо отколку вистинските информации.

Според друга студија „Вооружени здравствени комуникации“ објавена од истражувачи на Универзитетот Џорџ Вашингтон меѓу 2014 и 2017 година дури 93 проценти од твитовите за вакцините биле напишани од малициозни профили, меѓу кои имало и профили на руски тролови.

Кампањата на Европската Унија против дезинформации (EUvsDisinfo) кон крајот на годината објави дека една од четирите главни цели на Руската „Интернет рисрч ејџенси“ во 2018 година било ширење на лажни вести за вакцинирањето.

Причина за појава на антиваксинг движењето во светот исто како и одржувањето во живот на оваа теорија на заговор е фејк њуз. Лажна и тотално погрешна студија објавена во угледно научно британско списание дека вакцините против мали сипаници предизвикуваат аутизам. Само неколку месеци по објавата на студијата, таа била повлечена и било докажано дека е лажна, но штетата веќе била направена.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »