Press "Enter" to skip to content

Шпионскиот софтвер „Предатор“ нелегално се правел во Скопје додека надлежните замижувале

Шпионскиот софтвер „Предатор“ што низ светот го продаваше израелската софтверска компанија Интелекса, а во Грција и Египет се употребуваше за шпионирање новинари, дисиденти и политичари, бил нелегално развиен и продаван од Скопје. Надлежните во МВР знаеле за активностите на поранешниот израелски висок функцинер од одбраната Тал Дилијан чија што компанија Интелекса е во срцето на скандалот со прислушувањето во соседна Грција. Документите до кои што дојдоа новинарите на ИРЛ и тимот на „Инсајт Стори“ од Атина откриваат дека уште во 2017 компанијата Сајтрокс од Скопје пријавила дека планира да произведува шпионски софтвер за извоз. 

Клучни наоди

 

  • 1. Софтверот за следење на комуникациите „Предатор“ којшто беше во центарот на меѓународен шпионски скандал бил незаконски развиен во Скопје од страна на компанијата „Сајтрокс“ и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелскиот бизнисмен и поранешен висок воен чиновник од Израел Тал Дилијан. Документи од поранешната Управа за контраразузнавање од 2017 година покажуваат дека надлежните имале информации што се развива во Скопје, но ги затвориле очите. Софтверот бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонензија, Мадагаскар, Оман, Саудиска Арабија и други земји, а канадската универзитетска организација Ситизен Лаб во декември 2021 година откри дека супериорниот софтвер се користел за незаконско следење на граѓани.
  • 2. Најмалку 5 компании со врски со „Интелекса“ биле регистрирани во Скопје помеѓу 2017 и 2020 година. Две од нив – „Сајтрокс“ и „Сајшарк“ се идентификувале како развивачи и трговци на софтвер. Доверливите документи до кои дојде ИРЛ и Инсајд Стори покажуваат дека владата на Северна Македонија била информирана дека „Сајтрокс“ планира незаконски да создава шпионски софтвер и поднеле апликација уште во 2017 година. Експертите велат дека Владата на Северна Македонија требало да дејствува за да го запре производството, но не успеала да интервенира.
  • 3. Од Министерството за внатрешни работи на прашање на пратениците од парламентарната комисија за надзор врз разузнавачките служби минатата година соопштиле дека се водат истражни дејствија за да се  утврдат околностите во кои што бил развиван и создаван „Предатор“, но одговори нема до денес. Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, на пратениците им открил дека и Северна Македонија поседува софистициран софтвер за следење на електронските комуникации, но не кажале каков и им дале чесен збор дека досега никогаш не го употребиле. Овој софтвер е под истрага и во европските институции, а во Грција дојде до серија оставки на високи владини функционери вклучувајќи го и директорт на тајната полиција откако се откри дека со „Предатор“ се шпионирале новинари и политичари на опозицијата. Во Македонија едвај да се пренесе било каква информација

Известуваат: Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Ивана Настеска, Тасос Teлоглу, Елиза Триантафилоу; линк до англиската верзија тука

Непосредно по избувнувањето на два глобални скандала врзани со нелегално користење на корпоративни софистицирани шпионски софтвери – „Пегасус“ и „Предатор“, на 19 јуни 2022 година македонските пратеници од комисиите за надзор на разузнавачките служби заедно со претставници на повеќе безбедносни служби ќе се соберат во Женева за да учествуваат на интензивен тренинг којшто треба да ги подобри нивните вештини за да вршат ефикасен надзор. Домаќин на тренингот е Женевскиот центар за демократска контрола врз безбедносните служби (ДКАФ), а темата е актуелна: „Високо инвазивни средства и малициозни софтери: нивна цел и употреба“. 

Во eмаил пораката за добредојде од водечкиот експерт на ДКАФ која што новинарите на ИРЛ и Инсајд Стори ја имаа на увид, на учесниците ќе им сподели и линкови до новинарски стории поврзани со „Пегасус“ и „Предатор“ како појдовна точка за инспирација и дискусија. Дотогаш во јавноста веќе ќе биде познато дека софистициран шпионски софтвер е продаван од „Интелекса“, компанија на поранешниот израелски висок функционер за одбрана. Првите информации ќе бидат објавени во средината на декември 2021 година  од страна на Интердисциплинарната лабораторија на Универзитетот во Торонто. Нивниот извештај, меѓудругото ќе открие и дека софтверот бил развиван во една од компаниите членки на таканаречената алијанса на „Интелекса“ – „Сајтрокс“ од Скопје управувана од Иво Малинковски, син на познат македонски производител на вино и трговец со оружје. Но, извештајот нема да понуди речиси никакви детали за нивните операции во Скопје. 

За ова ќе се разговара на тренингот во Женева, а тренерот Матеј Ковачки ќе ги праша македонските учесници што прават тие за да го расветлат ова вознемирувачко откритие. 

„Се сеќавам дека сите гордо рековме: Па ние веќе изреагиравме и прашавме во Министерството за внатрешни работи, тие брзо ни одговорија дека преземаат истражни дејствија за да ги утврдат околностите и ќе не известат штом дојдат до одговори“, во разговор со ИРЛ раскажа пратеникот Павле Трајанов и дамнешен министер за внатрешни работи. 

Групата повторно ќе се сретне пет месеци подоцна, во Маврово на 14 ноември 2022. Овојпат ќе присустуваат и одредени високи претставници на Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Бирото за јавна безбедност и Агенцијата за разузнавање. Листата на гости на ДКАФ во Маврово ќе го вклучи и поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност АНБ, Виктор Димовски. Терминот доаѓа по жешкото политичко лето во соседна Грција каде што дојде до дузина владини истраги и оставка на директорот на тајната полиција откако се откри дека со „Предатор“ бил заразен телефонот на Никос Андрулакис, претседателот на опозициската партија ПАСОК и новинарот Танасис Коукакис. Ова ќе отвори нови авении за дискусија, а пратениците ќе изразат нови грижи. Ќе се постави и прашање до директорот на АНБ Виктор Димовски за тоа дали и Македонија можеби го користела овој софтвер. 

„По одредено натегање, директорот Димовски кажа дека земјата има софистициран софтвер за следење на комуникации, но не овој софтвер, дека не може да каже каков, но и дека досега ниту еднаш немале потреба да го користат“, вели пратеникот Павле Трајанов.

До денеска пратениците надлежни за надзор врз службите не добиле информации што се случува со истрага за утврдување на околностите во кои што се правеле ваквите софтвери. 

Ако се земе предвид блиското минато на Македонија со софтвери за следење на комуникациите и прислушување на граѓани од страна на службите, не е чудо што токму Скопје било одбрано за производство на ваков софтвер. Во комбинација со далеку поевтината работна сила и оперативни трошоци за разлика од европските земји, како и слабиот надзор и недоречените закони од страна на државата, ова било перфектната локација. 

Израелска сајбер империја на македонскиот претприемач со фамилијарно педигре

На почетокот на 2017 година 26 годишниот претприемач Иво Малинковски ќе ја напушти управувачката позиција во семејната винарија Камник и ќе стане дел од неколку технолошки стартапи чијашто цел е развивање на софтвери, меѓу кои и озогласениот „Предатор“.  

(ФОТО) Иво Малинковски за фотосесија за Машки магазин 2020 

Уште во раната фаза на нивното постоење, на 6 октомври 2017 година две од компаниите управувани од Малинковски, „Сајшарк“ и „Сајтрокс“ ќе побараат од македонското Министерство за внатрешни работи дозвола за производство, промет и извоз на софтверски продукт којшто може да се користи за заштита на личните податоци, но и за упад во приватноста. Ова е наведено во дописите на Малинковски испратени во службите на МВР до кои што дојдоа ИРЛ и Инсајд Стори. Понатаму, во дописот се наведува дека софтверот би се продавал исклучиво на сертифицирани владини агенции во согласност со законите. 

Во одговор на прашање на новинарите кои работеа на оваа сторија, прес-службата на МВР одговори дека таква дозвола не е издадена. Според процедурите, тогашната УБК при МВР требала да изврши ревизија на документацијата. Во еден од дописите тие ќе им побараат и технички спецификации на софтверот, а по еден месец истите ќе бидат доставени. Експертитe од канадската универзитетска лабораторија, како и експертите на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција со седиште во Амстердам ќе потврдат дека спецификациите го опишуваат токму „Предатор“. 

Според членот 3 од Законот за следење на комуникациите, производството, продажабата, извозот и реизвозот на средства за мониторирање на комуникации не смее да се врши без дозвола издадена од Министерството за внатрешни работи. 

Ситизен лаб (The Citizen Lab), лабораторија на Универзитетот во Торонто чија работа е фокусирана на дигитална шпионажа откри дека телефоните на најмалку двајца Еѓипќани биле хакирани со шпионскиот софтвер „Предатор“, развиен и продаван од македонската компанија „Сајтрокс“.

Иако, официјален директор на компанијата е Иво Малинковски, во јавноста се појавија шпекулации дека таткото Илија Малинковски е човекот кој стои позади овој договор, но во интервју со Балкан Инсајт тој ги отфрли овие шпекулации. 

„За ‘Сајтрокс’ беше објавено дека е дел од ‘Интелекса’, елитата (Star Alliance of spyware) на шпионските софтвери, а била формирана за да се натпреварува со НСО Груп. За себе велат дека се компанија која е стационирана во Европската Унија и има шест лаборатории за истражување и развој кои се сместени во Европа“, пишува во извештајот на Ситизен Лаб. 

Но, софтверот развиен во Скопје за „Интелеска“ никогаш не го доби потребното одобрение од Министерството за внатрешни работи.

Репортерите на ИРЛ разговараа со вработен во Министерството за внатрешни работи кој бил задолжен да ги разгледува апликациите, но тој одбил да даде препорака за софтверот. 

„Јас не бев доволно квалификуван за да можам да разберам за што служи овој софтвер, па затоа работата му ја предадов на мој колега“, рече вработениот. 

Најмалку три извори од поранешната единица за контраразузнавање ни потврдија дека никој не сакал да работи на овој договор. 

Од Министерството за внатрешни работи на емаил, ни одговорија дека барањата на „Сајтрокс“ и на „Сашјарк“ не биле прифатени. 

Скандалот со прислушувањето во Македонија кој беше откриен во 2015 година, можеби бил причината за да не се прифатат барањата на „Сајтрокс“ и „Сајшарк“. 

„Министерството за внатрешни работи ниту одобрил ваков софтвер од овие компании, ниту пак набавил ваков софтвер“, пишува во пораката упатена до нашиот репортер од Тони Ангеловски, помошник министер за односи со јавност во МВР на 15 декември минатата година. 

Скандалот со прислушувањето можеби ја навестуваше македонската конекција 

Македонија еднаш се најде во центарот на светските вести кога во 2015 година се откри скандалот со масовното прислушување кое го правеше владата на поранешниот премиер Никола Груевски. 

На 16 декември 2021 година, Македонија втор пат се најде во светските медиуми кога Ситизен Лаб (Citizen Lab) во соработка со агенцијата Мета објави два нови извештаи. 

Овој пат, фокусот беше на софтверот „Предатор“ кој бил создаден од „Сајтрокс“, компанија во сопственост на „Интелекса“. 

Истиот ден кога беа објавени извештаите, тогашниот премиер Зоран Заев беше домаќин на забава во винаријата Камник. Сопственици на винаријата се семејството Малинковски кои освен што се сопственици на винаријата и се занимаваат со производство на вино, веќе три деценции се и трговци со оружје, а од скоро се активни и во бизнисот со производство на софтвер. Додека траеше веселбата, многу малку од присутните, повеќето новинари, знаеја дека семејството што ја организира забавата во моментот беше длабоко инволвирано во светскиот скандал поврзан со употребата на шпионскиот софтвер „Предатор“. 

(ФОТО)Поранешниот премиер на Македонија Зоран Заев, Српскиот претседател Александар Вучиќ и Илија Малинковски фотографирани заедно пред винаријата Камник на 14 февруари 2021 година. Винаријата има ексклузивен дел каде политичари од регионот, бизнисмени и дипломати често одржуваат средби. 

Бизнисот со оружје работи под брендот „Микеи Интернационал“, но семејството Малинковски ги држи своите работи надвор од очите на јавноста. Во 30 години нема ниту едно телевизиско гостување – само едно пишано интервју во кое не се навестува никаков скандал. Во 2009 година кога „Микеи“ беше под санкции од Американската влада поради трговија со оружје со непријателски режими, ниту еден медиум не ја објави оваа вест. Работата на „Микеи“ најчесто се одвива под радарот и доколку некој не е политичар или пак новинар нема шанси да знае за нивниот бизнис со оружје. За обичните македонски граѓани, семејството Малкинковски се познати како сопственици на винаријата Камник. 

(ФОТО) Илија Малинковски пред фамилијарната винарија Камник во Скопје (credit:vino.rs) 

Фамилијарниот бизнис со оружје остана под радарот се до 2017 година кога Иво Малинковски започна често да се појавува во медиумите како ѕвезда во глобалниот сајбер свет.  

„Млад и успешен, хедонист, зависник од адреналински спортови и сопственик на ИТ компанијата ‘Сајтрокс’, вака Иво Малинковски беше опишан во воведот во интервјуто за локално списание за забава и стил „Еспресо“. Во неколку други интервјуа на Иво Малинковски од 2018 година, тој беше опишан како сопственик на „Сајтрокс“. Иако описот за конкретните продукти и услуги кои компанијата ги нуди во интервјуата не беа јасни, ништо не сугерираше на скандалот кој се појави подоцна под името „Грчкиот Вотергејт“. Кратко по објавувањето на извештатите на „Ситизен Лаб“ (Citizen Lab), Иво Малинковски ги избриша своите профили на социјалните мрежи и огромен дел од интервјуата претходно дадени претежно за медиуми од лајфстајл и забавен карактер. 

Дилијан оставил свои траги во Македонија, тоа го покажуваат и документите од Централниот регистар во Северна Македонија во кои ИРЛ имаше увид. Компанијата „Сајтрокс“ е формирана во март 2017 година како акционерско друштво од шест странски бизнисмени, од кои петмина од Израел (Дрор Харпаз, Шарон Адлер, Аврахам Рубинштајн, Ејал Аврахам Орен, Алон Арабов) и еден од Унгарија (Ротем Фаркаш). Иво Малинковски бил поставен за управител на компанијата, а ветеранот на воздухопловните сили на Израел, Меир Шамир, е вистинскиот сопственик на компанијата, покажаа документите регистарот на вистински сопственици. Сите овие лица имаат конекција со Тал Дилијан, според јавно достапните документи во неколку држави. Дилијан е шефот на „Интелекса“.

Документацијата, покажува дека Дилијан ги проширувал своите акции во Македонија. На истата адреса во Скопје на која се наоѓа „Сајтрокс“, регистрирани се уште четири други компании поврзани со Тал Дилијан. Се работи за компаниите „Сајшарк“, „Сајгнет“, „Синтелекса“ и „Сајбер Лаб“ кои се регистрирани во период од 2017 до 2020 година. Аврахам Рубинштајн заедно со Ротем Фаркаш се појавуваат во сопственичката структура на  „Сајтрокс“ и „Сајбер Лаб“, додека пак таткото на Ротем, Моше Фаркаш бил ко-сопственик на  „Сајшарк“ заедно со Иво Малинковски. Сите овие компании имаат бизнис релации со Дилијан.



„Всушност, тоа беше една компанија. Ние сите работевме од иста канцеларија и на исти задачи. Многумина од вработените немаа поим колку вкупно компании се регистрирани, но ние знаевме дека работиме за ‘Интелекса’. Платата беше и повеќе од одлична, па никој не му беше гајле за друго“, вели за ИРЛ поранешен вработен во овие фирми во Скопје, а инсистираше да остане анонимен.

Поранешниот вработен, кој е и софтверски инженер, потврди дека тоа што се произведувало е „Предатор“, иако не знаеле каде и како се продава. 

„Моите сомнежи се дека извозот е направен преку компании во Кипар. Дали е легално или не, не би знаел, мојата работа вклучуваше други обврски. Ги обучувавме и некои од вработените во Грција. Од тука се контролираше бидејќи главниот производ на сите операции на ‘Интелекса’ беше во Скопје. Зошто, не би знаел, но можеби поради помалите трошоци за производство, фактот дека сме надвор од радарот на ЕУ, има многу фактори“, вели тој за ИРЛ.

Според извори и податоци од граничната полиција, канцеларијата во Скопје била често посетувана од различни Израелци. Вработениот не можеше да каже кои се точно тие, но знаеше за еден човек – Шахак Шалев.

„Тој беше главниот човек и беше испратен овде од самиот почеток од страна на Израелците да ги надгледува операциите на производство“, вели за ИРЛ поранешниот вработен во канцеларијата во Скопје.

Една од компаниите регистрирани во Скопје е „Сајбер Лаб“.  Со неа раководеше директорот за истражување и развој на „Интелекса“, Шахак Шалев, кој е поранешен разузнавач за сајбер безбедност во израелската војска. ИРЛ може да потврди дека Шалев престојувал во Северна Македонија од 2017 година до крајот на септември 2022 година.

„Сајбер Лаб“, според официјалните документи, била управувана од Иво Малинковски, но вистинскиот сопственик е холандската компанија „Инпедио“, која пак е во сопственост на Аврахам Рубенштајн и Ротем Фаркаш. Шахак Шалев, врз основа на неговата биографија на неговиот профил на „Линкедин“, останува вработен во „Инпедио“.


Скопје е рај за поранешните вработени во „Интелекса“

Новинарите успеаја да лоцираат и потврдат дека најмалку двајца поранешни вработени во „Интелекса“ од Грција одреден период живееја во Скопје. Според податоците што новинарите ги обезбедија, нивниот престој во Скопје започнал во втората половина на 2022 година. Односно, веднаш по откривањето на скандалот со прислушување во Грција меѓу кои таргет беше и лидерот на грчката социјалистичка опозициска партија ПАСОК, Никос Андрулакис.

Документацијата од Централниот регистар покажува дека се случиле и промени во сопственичката структура на „Сајшарк“, една од компаниите во сопственост на Моше Израел Фаркаш. Сега, барем на хартија, „Сајшарк“ е во сопственост и управуван од пензионираната баба на Иво Малинковски од страната на неговата мајка, Каља Ангелова.

Европска афера проследена со молк во Македонија

Во меѓувреме компанијата „Сајтрокс“ од Македонија добива поголемо внимание од Европскиот парламент. 

Сепцијален комитет на Европскиот парламент во моментов истражува како се користел софтвер „Предатор“, откако за комитетот станало јасно дека во повеќето европски земји, како и во репресивните африкаснки режими, истакнати политичари, новинари и граѓански активисти биле незаконски мета на следење откако нивните мобилни телефони биле „заразени“ со овој или друг малициозен софтвер (Пегасус, НСО).

Европратеничката од Холаднија, Софи ин’т Велд, која е известувач и за комитетот ПЕГА на прес-конференција ги презентираше наодите од нацрт извештајот на комисијата кој се подготвувал седум месеци. Таа посочи дека сите земји членки на Европската Унија имаат на достапност таков софтвер, иако тоа не го признаваат. На страница 36 од документот, има цело поглавје посветено на македонските конекции. Софи ин’т Велд му пишала на Тал Дилијан и барала детали од него. 

„Компанијата ‘Сајторкс’, која е во сопственост на ‘Интелекса’, започнува како старт ап бизнис во Македонија, но според ‘Форбс’ сте ја спасиле од банкрот со пет милиони долари. Се чини дека корпоративната структура е широко распространета со со корпоративно присутство во Унгарија, Израел и трансфер на акции во корпоративен ентитет на Британските Девствени Острови. Може ли да ни дадете информации за вашата моментална и претходна улога во ‘Сајтрокс’ како и за врската помеѓу ‘Сајтрокс’ и ‘Интелекса’. Може ли ‘Интелекса’ да даде коментар зошто има бизнис потфати на Британските Девствени Острови? Може ли ‘Интелеска’ да појасни дали ‘Сајтрокс’ префрлил дел од своите акции на Британските Девствени Острови?“, се наведува во писмото до Тал Дилијан, на кое нема одговор. 

 

Според холандската европратеничка, проблемот е во тоа што софтверот бил злоупотребен, што преставува огромна закана за демократијата. 

Министерството за внатрешни работи за Истражувачката репортерска лабараторија (ИРЛ) тврди дека никогаш не издале одобрение за производство и продажба на овој софтвер и дека нивната одговорност завршила тука. Експертите не се согласуваат, како и парламентарната комисија задолжена да ја следи работата на безбедносните агенции. 

Владата во Македонија, или попрецизно Министерството за внатрешни работи требаше да поднесе кривична пријава, велат безбедносните експерти кои ги контактираше Истражувачката репортерска лабараторија. 

 

Професорката Светлана Николовска од Факултетот за безбедност при Универзитетот Св. Климент Охридски посочи дека македонските институции треба да бидат многу внимателни кон проблемот со незаконско следење на комуникациите. За вакви незаконски активности, според неа МВР треба веднаш да постапи во координација со јавен обвинител.

 

„Ваквите незаконски однесувања се содржани во повеќе кривични дела кои се гонат по службена должност“, изјави Николовска. 

 

Министерството за внатрешни работи имаше сознанија дека македонската компанија „Сајтрокс“ планира да извезува и увезува софтвер за следење на комуникациите. 

Иако МВР официјално тврди дека никогаш не го овластило барањето за изработка на овој софтвер.

Професроката Николовска го наведе членот 286 од Кривичниот законик на Македонија, кој предвидува парична казна или казна затвор до три години за секој што со намера неовластено ќе пушти во оптек, увезува, извезува или или дистрибуира софтвер. 

 

„Доколку софтверот што се користи во Грција за следење на комуникациите е произведен кај нас, може да се преземат мерки и дејствија за откривање и расветлување и обезбедување докази само по барање на грчката полиција. Таа соработка оди на билатерално ниво или преку ИНТЕРОЛ, но треба да има конкретно барање и во таков случај може да работи одделот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР“, рече професорката Николовска. 

 

Но до сега немаше напор за координација. Грчките правосудни органи соопштија дека не контактирале со властите во Скопје за производство на нелегален шпионски софтвер. На прашањата до Кипар, каде е главната извозна активност на компанијата на Тал Дилијан, кипарските правосудни власти потврдија дека не биле во контакт со колегите од Македонија по однос на ова прашање.

Дисклејмер: Ова истражување беше помогнато со грант на платформата Истражувачко новинарство за Европа IJ4EU

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.